Во прилог на панел-дискусијата „Геополитичката димензија на проширувањето на ЕУ и импликациите за Западен Балкан“ одржана Скопје
- Во Собранието деновиве се одржа панел-дискусија на темата „Геополитичката димензија на проширувањето на ЕУ и импликации за Западен Балкан“. Целта на панел-дискусијата беше да се разгледаат геополитичките фактори што ја обликуваат траекторијата на проширувањето на ЕУ во Западен Балкан, преку оценка на можностите и ризиците за регионот и за самата Унија. Во рамките на дискусијата беа анализирани и улогата на надворешните актери, како и конкурентните влијанија во регионот. На настанот свои обраќања имаа амбасадорката на Шведска во земјава, Н.Е. Ола Солстром; заменик-амбасадорката на Швајцарија во земјава, Михал Харари; како и Владимир Дробњак, поранешен главен преговарач за пристапните преговори на Хрватска со ЕУ и експерт на УНОПС, кој се обрати на темата „Проширувањето на ЕУ во променлив геополитички контекст: што значи тоа за Западен Балкан“. На панелот активно учествуваа и заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков, шефицата на Делегацијата во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација, Иванка Василевска, претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, како и претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче.
Воведник на редакцијата
Дали меѓународната заедница посакува Брисел да сопре да ја претставува Македонија како „европски случај“ и да ја претстави како „европски интерес“?
Во Брисел долго време Македонија беше третирана како држава што секогаш е „близу“, но никогаш доволно блиску до Европската Унија. Земја на бескрајни компромиси, постојани условувања и хронично одложена европска награда. Но геополитичките интереси ја сменија логиката на Брисел за проширувањето. Европа одамна не бара совршени кандидати. Бара онакви како што ѝ одговараат на идеолошките доктрини. И бара, се разбира, предвидливи партнери.
1. Зошто Македонија ненадејно почнува да се издвојува во Западен Балкан? Однадвор, притисокот на Брисел да го направиме одлучувачкиот чекор, според неговиот терк и формула, не стивнува. Однатре, затоа што во регион на политички блокади, институционални кризи и геополитички балансирања, Скопје сè повеќе изгледа како функционална држава што знае што прави и каде припаѓа. Рака на срце, и предизвиците однатре навистина навјасуваат и натежнуваат од сите страни: случаи на „шпионажа“ во кабинетот на претседателката, моноетнички агресивни протести со „протестанти“ увезени од соседството со испорачување барања што излегуваат од Уставот и законите, натаму случаи во обвинителството во кои се сопираат процесирања за кои има очигледни материјални докази, опструкции во реформскиот процес на образованието и од областа на националната економија, евроинтеграциски отежнувања и оневозможувања на евроинтеграцискиот процес… Значи и однадвор и однатре како да се подготвува „перфектна бура“.
2. Меѓутоа, забележливо е и нешто друго. Фактот што Македонија беше првата земја од регионот што доби средства од новиот европски План за раст е повеќе од административен сигнал. Тоа е индикатор за почеток на некаква доверба. А довербата е најретката валута во односите меѓу Брисел и Балканот. За ЕУ, проширувањето повеќе не е романтична визија за обединување на континентот. Тоа е веќе прво и приоритетно прашање на енергетика, на економија и ресурси, на миграција, но и на обид за раст на (геополитичко) влијание. Во таква математика, Македонија добива нова тежина. Но токму тука лежи и ризикот.
3. Да потсетиме, три четвртини од соседските актуелни влади (нашите соседи) традиционално се најдобри во фазата кога треба да се активира нивен интерес, а факторот за остварување на тој нивен интерес е поврзан со Македонија! Од друга страна, тие исти три четвртини од соседските влади се најслаби кога треба да покажат дека институциите (и нивните домашни, а и европските, затоа што половина од соседите ни се членки на ЕУ) треба да функционираат без политикантско влијание на востановените правни (нивни внатрешни, но и меѓународноправни) процедури, принципи и утврдени стандарди! А тие работат спротивно и ги ставаат „и формите и содржините на востановените правила и критериуми во своја функција и на грбот на Македонија“!
4. Но Македонија наскоро ќе има ретка шанса. По години европски фрустрации, конечно таа е влезена во кондиција да стане дел од новата европска архитектура пред формално да стане членка. Не е прашањето дали државата конечно созрева за таков исчекор, туку прашањето веќе е во целата таа созреана институционална состојба, кога и како да се изолираат „црвите на раздорот“ на полињата што како појави и проблеми ги споменавме напред во првата точка на текстот. Р.Н.М.
Македонија од „вечен кандидат“ до лидер на „Западен Балкан 6“
Политичката порака што премиерот Христијан Мицкоски ја испрати, а тоа е дека „Македонија од последна во регионот станала прва во рамките на иницијативата ’Западен Балкан 6‘“, не е само дневнополитичка декларација. Таа се темели на новата методологија на Европската Унија за мерење на реформскиот капацитет на земјите кандидати, особено преку т.н. Инструмент за реформи и раст, вреден шест милијарди евра, со кој Брисел практично се обидува активно да го редизајнира процесот на проширување.
Во европските институции веќе не се следи само класичниот политички наратив за „добрососедство“ или формално отворање кластери. Имено, според ова, новата логика на асоцирање се идентификува со тоа која држава најбрзо и најпедантно ги имплементира реформите што директно ја приближуваат кон европскиот пазар, европските стандарди и европската администрација. Токму тука, според повеќе индикатори, Македонија почнува да се издвојува.
Прва држава што доби аванс од европскиот План за раст
Најсилниот аргумент во прилог на тврдењето дека официјално Скопје станува водечка адреса во регионот е фактот што Македонија беше првата држава од Западен Балкан што доби предфинансирање од новиот европски План за раст. Европската служба за надворешни работи официјално соопшти дека земјата е „првата што го добива предвиденото предфинансирање“ поради успешно подготвената реформска агенда. Имено, станува збор за иницијален пакет од 52,2 милиони евра, од кои 24,5 милиони евра се директна буџетска поддршка и 28 милиони евра одат за инфраструктурни проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан. И повторно, ова е повеќе од финансиски сигнал. Тоа е политичка квалификација дека Европската комисија (ЕК) ја смета Македонија за институционално подготвена за брза имплементација. Во регион каде што Брисел традиционално има резерви кон административниот капацитет, токму довербата станува најважната валута.
Што значи „прва“ во новата европска математика?
Во класичниот процес на проширување, лидерството се мереше преку отворање и затворање поглавја. Каков е новиот пристап и со кои критериуми се одликува? Според нашите соговорници, експерти за европските процедури и прашања, денес, ЕУ применува поширока логика.
– Во прв план сега избива брзината на реформска имплементација, потоа, подготвеноста за економска интеграција, капацитетот за апсорпција на фондови, стабилноста на институциите, усогласувањето со европското законодавство, но и функционалноста на јавната администрација – велат наши соговорници.
Во таа рамка, додаваат тие, Македонија во изминатиот период добива позитивни оценки за неколку клучни области.
– Прво, подготвена реформска агенда. Имено, Европската комисија (ЕК) ја одобри реформската агенда на Македонија уште во првиот пакет заедно со Албанија, Црна Гора и Србија. Но разликата е во динамиката на имплементација. Според европските извори, Македонија релативно брзо ги завршила процедурите и условите за активирање на финансиските механизми.
– Второ, административна функционалност. Во извештаите на европските финансиски и реформски механизми се нагласува дека земјата има континуитет во спроведување на Економската реформска програма (ЕРП), која веќе влегува во десетти циклус. Тоа за Брисел значи институционална меморија – нешто што недостига во дел од регионот.
– Трето, усогласување со европските политики. Македонија е меѓу државите што највисоко се усогласуваат со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Овој фактор, иако често политички потценет дома, во Брисел има огромна тежина.
Црна Гора има поглавја, но Македонија има доверба
Нашите соговорници ни откриваат дека „во европските кругови одамна постои една тивка дилема, а тоа е дали формалниот фаворит е навистина и суштински најподготвен“?
– Црна Гора долго време важеше за најнапреден кандидат затоа што отвори најмногу поглавја. Но новиот модел на ЕУ сè повеќе се темели на реална реформска испорака, а не само на формален преговарачки процес. Тука Македонија добива предност. Во последните две години, Брисел ја третира земјата како релативно стабилен партнер без сериозни геополитички отстапувања, со умерена фискална стабилност и со висока кооперативност кон европските барања. За разлика од Србија, која има проблем со усогласувањето кон европската надворешна политика, или Босна и Херцеговина, која се соочува со институционални блокади, Македонија се профилира како „предвидлив партнер“. А токму предвидливоста е најценетата политичка категорија во Брисел – тврдат наши соговорници од Брисел.
За Копенхашките критериуми: Каде реално стои Македонија?
Соговорник од бриселската бирократија во брифингот ни обрна внимание на тврдењето дека „Македонија станува ’највисока референца‘ во исполнување на Копенхашките критериуми“, за што напомена дека истото тоа „мора да се анализира внимателно“.
– Копенхашките критериуми подразбираат стабилни демократски институции. Потоа, тие подразбираат владеење на правото, функционална пазарна економија, капацитет за преземање на обврските од членството. Во овој контекст, Македонија не е без проблеми, особено во реформите во правосудството (за што сѐ уште има нови примери), потоа во борбата против високата корупција, ефикасноста на правосудството. Но во регионален контекст, Брисел сè повеќе ја оценува споредбената, а не апсолутната состојба – подвлекува нашиот соговорник, додавајќи дека кога Брисел споредува на тој начин, прави вистинска дистинкција со хроничната институционална криза во Босна и Херцеговина, со тензиите меѓу Србија и Косово, со политичките нестабилности во делови од регионот, со забавените реформи во Србија, а Македонија добива подобра позиција како држава што може релативно брзо да се интегрира во европските економски механизми.
Финансиската димензија како потврда за ставот на ЕУ, но и како тест за државниот капацитет
Изјавата на премиерот Мицкоски дека „директната буџетска поддршка може да достигне близу 100 милиони евра до крајот на годината“ има и политичка и економска тежина.
Според европските проекции, Македонија во периодот 2024–2027 може да користи околу 750 милиони евра преку новиот Инструмент за реформи и раст. Но овие средства не се класична помош. Тие се условени со конкретни реформи, исполнети индикатори, мерливи резултати, административна ефикасност, а не со политички процени и паушални политикантски ставови на некои од соседите членки на ЕУ. Со други зборови, европски пари ќе доаѓаат, само ако државата испорачува мерливи реформи. Тоа значи дека Македонија е поканета да влезе во нова фаза, и тоа од симболична евроинтеграција кон интеграција базирана на одржливи перформанси како суверен државно-правен и економски ентитет.
Брисел го менува пристапот кон Балканот
Новиот План за раст за Западен Балкан претставува суштинска промена на европската стратегија. Каква е информацијата на нашиот извор, од прва рака во врска со „промената на стратегијата на ЕУ за интеграција?
– Наместо земјите да чекаат полноправно членство за да ги почувствуваат придобивките, ЕУ сега нуди постепена интеграција во единствениот пазар, во европските транспортни и енергетски мрежи, во дигиталниот пазар, во финансиските инструменти… Во тој модел, фаворит нема да биде оној што најгласно зборува за Европа, туку оној што најбрзо се приспособува на европските правила. Засега, според сигналите од Брисел, Македонија успешно ја игра токму таа улога.
Од друга страна, одредени европски аналитичари предупредуваат дека водечката позиција на групата е исклучително кревка. ЕУ одамна има искуство со земји што брзо напредувале, а потоа влегувале во стагнација поради партизација, институционален реваншизам, блокирани реформи, корупциски скандали.
– Вистинскиот тест за Македонија допрва следува, а притоа е неопходен афирмативен впечаток за тоа дали реформите ќе бидат системски, дали институциите ќе останат функционални, дали администрацијата ќе биде професионализирана и дали економските средства ќе се трошат транспарентно. Ако Скопје успее да ја задржи сегашната динамика, земјата првпат по долго време би можела да излезе од балканската сива зона и да стане реален пример за успешна европска трансформација. Во спротивно, сегашното лидерство лесно може да остане само краткотраен политички момент – вели нашиот соговорник од Брисел, додавајќи дека „за Брисел, пораката веќе е јасна.Македонија повеќе не е држава што само бара европска перспектива, туку држава од која се очекуваат европски резултати и перформанси“. П.Р.
И германскиот канцелар со своја неформална концепт-идеја за европско интегрирање на Западен Балкан
Дали Мерц нуди подинамична интеграција или нова илузија?
- Секоја нова европска формула, како и оваа најновата на германскиот канцелар Мерц, мора да одговори на едно суштинско прашање: Дали ја носи Македонија поблиску до полноправно членство во Европската Унија или само го олеснува натамошниот престој во европската чекалница?
Официјалната рамка на Брисел за прием во ЕУ на прв поглед изгледаше јасно и уредно. Постоеја кандидатски статус, отворање преговори, усогласување со европското законодавство, исполнување на Копенхашките критериуми и постепено затворање на поглавјата. На хартија, тоа беше систем базиран на правила, критериуми и заслуги. Но реалноста одамна престана да биде толку принципиелна. Ја спакуваа Македонија во спирала на тонење затоа што беа испорачани ултиматуми и уцени. Но дури и со тие тешки жртви, Македонија беше прелажана. Сега, има најава за нешто ново каде што во прв план избива брзината на реформската имплементација, потоа, подготвеноста за економска интеграција, капацитетот за апсорпција на фондови, стабилност на институциите, усогласување со европското законодавство, но и функционалноста на јавната администрација…, односно еден понов модел каде што ЕУ сега нуди постепена интеграција во единствениот пазар, во европските транспортни и енергетски мрежи, во дигиталниот пазар, во финансиските инструменти… Но во целиот тој галиматијас на понуди и модели, деновиве се појави и германскиот канцелар Мерц и исфрли една своја идеја на површина, за интеграција на земјите кандидатки, за која сѐ уште не знаеме со кого и до кој степен се координирал…
Идејата на Мерц, политичките калкулации, внатрешни стравови и геополитички компромиси на Германија
Во една сложена комбинација од горните белези на актуелната ЕУ, деновиве се појавува и најновата идеја на германскиот канцелар Фридрих Мерц, како концепт на „постепена, асоцијативна интеграција, односно функционално приближување кон Унијата пред таа институционално да биде подготвена за целосно проширување“. Тоа е, всушност, еден политички експеримент, велат наши соговорници.
– Според тоа што може да се прочите во концепт-идејата на Мерц, Европа сака да се прошири, но без целосно да се отвори. Сака нови партнери, но не и нови проблеми. Сака геополитичка стабилност на Балканот, но истовремено стравува од сопствената институционална нефункционалност. Токму затоа со концептот на Мерц се создаваат нови категории како што се „асоцијативно членство“, „постепена интеграција“, „привилегиран набљудувач“. Тие формули звучат дипломатски инвентивно, но суштински отвораат дилема дали тој (или тие што стојат зад него) нуди пат кон членство или создава нова политичка „сива зона“ – велат наши соговорници, повеќето дипломати од кариера.
Тие сакаа да ја искоментираат новата идеја што германскиот канцелар неформално ја лансира во јавноста.
– За Македонија, ваквиот модел може да има практична вредност, доколку значи реален пристап до европски програми, инфраструктурни фондови, заеднички пазар, институционално искуство и поголема политичка вклученост, тогаш тоа може да биде корисна фаза на подготовка. Но само под еден услов, а тоа е Мерцовиот најнов предлог да не стане замена за полноправно членство, бидејќи навистина разликата е огромна. Едно е држава да „учествува во европски процеси“, а сосема друго „да има право на одлучување“, односно глас и еднаква политичка тежина во Унијата. Едно е да бидеш делумно присутен во европските политики, а друго да бидеш рамноправен член на европското семејство. Затоа Македонија мора внимателно да ја чита новата европска политичка граматика – тврдат нашите соговорници, искусни дипломати од кариера.
Во земјите кандидатки за ЕУ мора да има реформи, но и неопходно е ЕУ да
се реструктурира
Проширувањето денес не е само трансформација на земјите кандидати. Тоа е и процес на длабоко реструктурирање на самата Европска Унија. Брисел е свесен дека сегашната архитектура на Унијата тешко функционира и со постојните членки. Прашањата за енергетската безбедност, економската конкурентност, индустриската политика, трговските односи и надворешната политика и безбедност бараат поефикасна и поконсолидирана Европа. Но кризата на Унијата не е само институционална. Таа е и идеолошка.
– Силно се судираат две визии за иднината на Европа. Од една страна се либералните елити, кои и натаму веруваат во тоа дека ЕУ е глобална сила и веруваат во глобализацијата по сите основи, а либерален Брисел верува во наднационални структури и нови модели на проширување со предоминација на одредени земји членки, и тоа се чита во кој било нов модел на го понуди. А од друга страна се суверенистичките сили, сè посилни низ Европа, кои гледаат со длабока недоверба кон ваквите експерименти. Во таа поделба, Мерц ја претставува логиката на либералниот центар – Европа што „интегрира“ постепено, асоцијативно, со моделирање, отстапки и сѐ уште актуелни ултиматуми за кандидатите. Можеби не толку политички, колку економски и безбедносно. Наспроти него стојат политичари како Роберт Фицо и други европски суверенисти, кои јасно и отворено одговорија на идејата на Мерц. Фицо предупредува дека „ваквите модели создаваат нејасни и нестабилни политички категории“. Македонија, пак, не смее ниту да ја одбие шансата за реална европска интеграција, ниту да прифати трајна европска полуинтеграција. Угоре високо, удолу длабоко. Тоа е суштината на моментот. Но не дека немаме платформа за чекање – тврдат со голема доза сигурност во своите експликации, дипломатите со кои се брифиравме на оваа тема.
Не само Македонија туку и Европа исто така мора да одлучи дали навистина ја сака Македонија таква каква што е
Државата можеби навистина има цврсто тло за одраз, има и време, но нема баш бесконечно време за чекање. Децении политички отстапки, блокади, ветувања и условувања создадоа длабок замор кај македонските граѓани. Европа повеќе не се доживува како романтична идеја, туку како политички процес во кој мора самиот Брисел конечно да покаже чесност и предвидливост.
– Македонија природно припаѓа во Европа – историски, цивилизациски и геополитички. Но Европа исто така мора да одлучи дали навистина ја сака Македонија таква каква што е – држава на македонскиот народ и на сите заедници што живеат во неа, унитарна, неделива и со полн суверенитет и територијален интегритет. Ако одговорот на Брисел е поинаков, тогаш не смее да има брзање по секоја цена. Во меѓувреме, Македонија мора да продолжи со внатрешните реформи. Не затоа што некој го бара тоа, туку затоа што тоа ѝ е потребно на самата држава. Институции, правна држава, економска стабилност, борба против корупцијата и национална кохезија се темели на секоја сериозна држава, независно од европските интеграции – велат соговорниците. П.Р.
Од редакциски агол
Европа конечно почна да ја мери Македонија по резултати, а не по соседските предрасуди и подметнувања?
Повеќе од две децении, Македонија живееше во европската чекалница како држава кандидат што постојано исполнува услови, а никогаш не стигнува до целта. Ги менуваше законите, институциите и, што е најстрашно, беше принудена (уценета) сама да ги смени знамето, името, Уставот, своите историски позиции и наследство и сопствената политичка архитектура, додека Европската Унија од година на година ја поместуваше линијата на финишот.
Сега веројатно, за првпат по долго време, Брисел почнува да испраќа поинакви сигнали. И тоа не декларативни, туку конкретни и финансиски. Токму затоа изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека Македонија од последна станала прва во рамките на „Западен Балкан 6“ не треба да се чита како обична политичка реторика за домашна употреба. Зад неа стои нешто многу поважно, кое погоре го елабориравме, а тоа е иницијацијата за новата европска методологија во која повеќе не победува кандидатот со „свиткан ’рбет“, туку најфункционалната држава. А тоа драматично ја менува позицијата на Македонија во регионот.
Додека Србија политички балансира меѓу Брисел и Москва, Босна и Херцеговина останува заглавена во хронична институционална парализа, а Косово и натаму е во безбедносен и дипломатски конфликтен циклус, Македонија првпат се појавува, како што велат од ЕУ, како „веродостоен партнер на Европската Унија“. Во Брисел тоа денес вреди повеќе од големи политички говори. Фактот што Македонија беше првата држава што доби предфинансирање од европскиот План за раст не е случаен административен редослед, туку политички сигнал. Европската комисија не пушта пари таму каде што нема доверба во институционалниот капацитет. Особено не директна буџетска поддршка. И првите 52 милиони евра се само почеток. До 2027 година земјата може да повлече околу 750 милиони евра преку новиот реформски механизам на ЕУ, а со инфраструктурните и инвестициските пакети сумата може да надмине милијарда евра. Тоа веќе не е симболична европска помош. Тоа е процес на постепена економска интеграција. Токму таа нам ни е потребна и таа е онаа што ја очекувавме. И тука се крие суштинската промена што македонската јавност сè уште недоволно ја разбира. Европа веќе не сака и нема да чека „идентитетски промени“, бидејќи знае дека во новиот тренд на геополитички односи, како и фактот дека тие условувања се косат со меѓународното и европското право, тие не носат прогрес и одржлив развој и за регионот и за Европа, туку тие значат закочување на процесот и регресивен пат, како анахрон пристап за континентот. Практично, Брисел почнува да создава „членство пред членство“. Македонија во моментов има ретко поволна позиција. Таа има целосно усогласена надворешна политика со ЕУ, фиксиран за еврото денар и релативно стабилен банкарски сектор, ниско ниво на јавен долг во споредба со дел од регионот, континуитет во економските реформски програми и администрација, која, и покрај слабостите, покажува способност за брза апсорпција на европските механизми.
Да, државата и понатаму има проблеми со корупцијата и партиската сегрегираност во однос на националните приоритетни интереси, кои доколку би биле усогласени, би чекорела во одржлив развој уште побргу. Точно е и дека Македонија сѐ уште има и нефункционално јавно обвинителство, но има сериозни најави и потези дека барем таму ќе се врати довербата, вклучително и во правосудство.
Но Брисел повеќе не ја споредува Македонија со Германија или со Холандија. Ја споредува со соседството. А во таква конкуренција, официјално Скопје за првпат по долго време изгледа политички постабилно и институционално поорганизирано од најголем дел од регионот. Тоа е новата балканска реалност што полека, но сигурно се создава. Парадоксално, токму долгогодишната македонска фрустрација со Европа создаде администрација што научи да функционира под постојан европски притисок. Денес тоа станува предност. Но таа предност треба и да се искористи. Брисел сега очекува резултати со исто темпо со кое ги отвора фондовите. А европските милиони секогаш доаѓаат со европски надзор. Ако институциите повторно потонат во партиски клиентелизам, ако реформите останат само презентации, а администрацијата повторно стане плен на политички вработувања, тогаш сегашната позиција лесно може да се претвори во еден пропуштен историски исчекор. Затоа вистинското прашање денес не е дали Македонија е прва во Западен Балкан. Туку дали конечно научи што да прави кога ќе стигне на првото место и да го задржи. Работа, работа и само работа. Највисокиот облик на патриотизмот е секој граѓанин да си ја сработи својата професионална обврска во полн капацитет, посветено и ефикасно. Инаку, напредок ќе немаме. Ниту како нација, ниту како држава, ниту како колективи (партиски, етнички, верски…), а ниту како индивидуи. Р.Н.М.
Да бидеме начисто: Македонија е под опсада!
Многумина од соговорниците изненадувачки јасно предупредија низ брифингот за Мерц дека „државата мора да биде свесна дека ќе продолжат и притисоците“.
– Ќе продолжат и политичките опструкции на премиерот и Владата, ќе продолжат и „саботажите“ во јавниот живот, на пример на спортските трибини, во јавните собирања во Скопје или во другите градови на западниот дел на Македонија, ќе продолжат и протестите за неуставни промени, како и обидите за „разузнавачко-шпионски афери“ и судско-обвинителските опструкции и политичките условувања, и обидите за редефинирање на националните позиции – тврдат со висок степен на увереност во своите тврдења нашите соговорници, повикувајќи се на своето долгодецениско искуство на работење.
Македонија веќе премногу плати во име на европската перспектива, како што велат тие.
– Најважно е едно: времето на распродажба на идентитетот мора да остане зад нас. Македонија веќе премногу плати во име на европската перспектива. Секоја наредна формула мора да донесе достоинство, извесност и реална перспектива – а не ново бескрајно чекање со променето име на истата политика. Затоа денес најважна е истрајноста. Не во инает, туку во визија. Не во изолација, туку во достоинствена европска позиција. Бидејќи вистинските историски процеси не се движат секогаш по најлесниот пат. А Македонија, очигледно, повторно е исправена токму пред таков избор – испраќаат порака нашите соговорници во јавноста, додавајќи дека тоа е нивното „предупредување, но и мотив за читателите и граѓаните на Македонија да истраат како и секојпат во историјата, во името на својата нација, историја, традиција, суверенитет и држава. П.Р.
































