Вие ни јавувате

Во рамките на проектот за училишни градини „Зелен полигон за едукација, алатка за јакнење на еколошката свест“, во организација на „Слоу фуд“ и поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање, во училиштето ООУ „Кирил и Методиј“ од с. Стојаково е создадена градина. Убаво зелено катче, каде што учениците се стекнуваат со основните познавања од градинарството.
Проектот претставува креирање училишна градина за учениците да се стекнат со навики применливи во понатамошниот живот и издигање на свеста за здравиот начин на исхрана.

Одделенската наставничка Тодорка Пачиколева и нејзините ученици од петто одделение, со голема поддршка на директорот и техничкиот персонал, успеаја да направат зелен полигон, кој, меѓу другото, е можност за набљудување за тоа како ги чуваме автохтоните семиња. Истовремено, ова катче е и место за дружба, соработка со вработените и со локалната заедница. Сите се горди затоа што ваквите примери ја продолжуваат традицијата на градинарењето, а југот на нашата земја треба да ни биде пример на сите за раноградинарските активности.

Придобивките се значителни, особено во развојот на моториката кај децата. Младите градинари дознаваат, на пример, кога се копа градината, како да се насади или премести. Стекнувањето работни навики е една од целите, а од најмала возраст се учи и дека со посветеноста на работата се постигнува успех. Се зголемува и нивото на социјализација, бидејќи работата во училишната градина бара дејствување во група, сплотеност меѓу децата, комуникација, помош, како и поддршка и разбирање.
Учениците, исто така, стекнуваат поголема одговорност за чувањето на растителниот свет и неговите егзистенцијални потреби (вода, хранливи материи). Учат да ги распознаваат растенијата и ја запознаваат природната околина, сите промени и влијанија што нѐ опкружуваат и дејствуваат врз растителниот и животински свет (дожд, сонце, ветар) клучни за неговиот раст, развој и функционирање.
Училишните градини се создадени и за издигање на еколошката свест и насочување на децата кон органското производство на храна.

Љубчо Алексовски


Малиот градинар

Не сакам да сум космонаут,
ни пилот, ни директор, ни цар,
едноставно многу сакам,
многу сакам да сум градинар.

Ќе го проучам на природата светот,
сакам да ја допрам душата на цветот.

Сакам да знам кога што се сади,
кое растение кога и колку се вади,
сакам сам зеленчук да произведам,
дел ќе го споделам, дел сам
ќе го изедам.

Филип Димкоски