Утре во Битола промоција на книги за деца од Златко Жоглев

Во салата за промоции при НУУБ „Св. Климент Охридски“ во Битола, утре, со почеток од 12 часот, ќе се одржи промоција на неколку книги за деца од проф. д-р Златко Жоглев. Промоторки се професорките Гордана Стојаноска и Даниела Андоновска Трајковска, а модераторка на настанот е проф. Билјана Граматковски.
Златко Жоглев (1959, Битола) е доктор по социолошки науки, редовен професор на Педагошкиот факултет во Битола. Пишува проза, поезија и литературна критика, преведувал од руски и од бугарски на македонски јазик. Тој е еден од иницијаторите и основачите на универзитетскиот литературен клуб „Дениција“ при Педагошкиот факултет – Битола. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Битолскиот книжевен круг, на Македонското научно друштво – Битола и на Српската академија за образование. Член е на редакцијата на списанието за култура, литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“. Златко Жоглев пишува литература за деца повеќе од дваесет години, а ги објавил трите песнарки боенки „Мечката и штркот“, „Снаодливото јаренце“ и „Зајко Бајко и кучето Трајко“.

Ф.Д.