Украинскиот е руски дијалект на бугарскиот јазик

Сите возбудени на темата Украина и Европска Унија. Ајде и јас… не, нема шанса да се возбудам. Напротив, ги загубив сите пристојни зборови кога станува збор за ЕУ. Она што ми остана не е за кажување дури и меѓу редови. Седам така и размислувам (само седиш, Русјаков, само седиш, ми доаѓа гласот на Трендо) и не знам како да почнам, кога ете го оној проклет циник, редовен потстанар на мојата потсвест, пали цигара во фотелјата на гротескната стварност и ми вели: „Многу си глуп бе, човек, ЕУ воопшто не отвори пристапни преговори со Украина, туку со Русија, ама не смее гласно да го каже тоа. Размисли, тикво, која Украина започнува пристапни преговори? Украина со Крим, Донбас и Запорожје или без нив?“ Навистина, штом завршат пристапните преговори кога Украина, демек, ќе ги затвори сите поглавја, дали Крим, Донбас и Запорожје ќе влезат во ЕУ? Оти ако влезат тие региони, значи и Русија станува членка. А дотогаш, којзнае, може Русите уште некој регион ќе внесат во Унијата. Ненормална работа.

Украина во ЕУ. Добија датум, еј, тој влажен неостварлив сон за нордистанците, а од скоро и за Албанците. Седам така и не размислувам, оти убаво ми е да бидам глуп и веднаш ми се редат прашања. Испорача ли ЕУ лисабонска декларација за Украинците? Нешто во стилот, можете кај нас, ама мора да си го смените името, не може да поседувате ексклузивитет на тоа име бидејќи и во Хрватска има регион Краина. А? Имаше такво нешто? А Грците се заканија ли со вето додека Украина не смени име? Се јавија ли грчки политичари и историчари да кажат дека името Украина е украдено од старогрчкиот регион „Умајчина“, прататковината на Хелените од која тие дошле на Балканот? А Бугарија? Побара ли од Украина да ги внесе Бугарите во устав, оти нели е познато дека Украинците се Бугари, а украинскиот е руски дијалект на бугарскиот јазик. Патем, нели Украина и Бугарија делат заедничка историја? Па, на сите ни е јасно дека и двете држави беа создадени (на бугарски: измислени) од Руската Империја. А заедничко чествување празници како Денот на администраторите, кога заеднички се приклучија на германската администрација? Или личности. На пример, Олга Кириленко. Беше Бонд-девојка, а сите знаеме дека Џејмс Бонд е син на славниот бугарски таен агент Јанко Флемингов. Ништо, а?

Хм, Украина еден ден, за години од сега, ќе влезе во Европската Унија, освен ако… освен ако таа Унија сè уште постои, но поважно, ако војната со Русија не заврши, а знаеме дека Западот и понатаму инсистира таа да продолжи, прашање е дали Украина ќе влезе во ЕУ со Украинци или без нив? Оти, нели, Западот ќе ја води војната со Русија до последниот Украинец. Простете на гадост, но јас мислам дека Западот, односно САД и ЕУ баш таква ја сакаат Украина… без Украинци. А ха, голема, убава, плодна и богата, а Украинците сепак малку личат на Руси, секако се Словени, инаку народ крајно бљак за нежните западни вредности.
Да, да, знам дека ќе ме обвините за ширење лажни вести, говор на омраза и слични налудничави форми за ограничување на слободата на мислење, но пред нас се факти што водат натаму.

САД и ЕУ организираа и поддржаа насилна промена на власта во Киев преку омилената им обоена револуција (во Нордистан од шарениот гуру и нобеловец наречена револуција на шуто и рогато) и не беа тука само сендвичите на Вики Нуланд а.к.а ФакОфЕУ, туку беа донесени снајперисти што пукаа и по шарени и на полицајци. За тоа имаме потврда во телефонски разговор на естонски министер (не му памтам име) и Кетрин Ештон (бившата Урсула), кој пак разговор брзо-брзо го снема во фреквенциите на исчезнатиот малезиски авион, кој потоа, демек, го бараа. Како и да е, власта се смени, па започна малтретирање на руското малцинство со методи што имаа нацистички призвук и во 2014 година започна војната во Донбас, каде што Украинците убија 15.000 цивили. Следуваше потпишување на мировните договори Минск 1 и 2, за кои Ангела Меркел мртва ладна ни кажа дека биле само за купување време за да ја вооружат Украина за војна со Русија. И почна војната, ама и не одеше така како што си замислија Украинците, па затоа потпишаа договор со Русите во Истанбул, кој реално им одговараше, затоа што ем завршуваше крвопролевањето, ем кај Русите останува само Крим за разлика од сегашната состојба. Но, тој договор беше спречен, поништен, фрлен во ѓубре затоа што Зеленски така го поучија Борис Џонсон, кој сега некаде се кревељи по лондонските пабови, и мадам Урсула, која процени дека Русија е на колена, се тепа со лопати, нема чипови за војни, па раштрафува миксери, пегли, вибратори и… и така умреа половина милион Украинци. Но Западот не застана тука. Не само што ги туркаше Украинците во лошо смислена, тактички промашена, самоубиствена контраофанзива туку и кога тоа стана очигледно, продолжи да ги вооружува и да ги испраќа во сигурна смрт. А еве сега, одеднаш, САД и ЕУ сè погласно најавуваат дека пари и оружје веќе нема, ама истовремено не сакаат договор со Русија, па Украинците продолжуваат да си играат глинени гулаби за отстрел. Кажете ми сега дека не сакаат Украина без Украинци?

И одеднаш Украина, среде војна, со загубена четвртина територија, страшно корумпирана и без опозиција, со нацистичко однесување спрема Руси, Роми, хомосексуалци, започнува преговори со ЕУ. Еди Рама ќе излезе во право, дека тука треба малку да се касапиме меѓу себе за да почнеме преговори. Ова гадно лицемерство на западноевропската политика не сакам да го коментирам, оти прстиве ми отекоа на таа тема. За нордистанците (некогаш Македонци) што упорно сакаат да одат каде што брутално ги силуваат ми здодеа да пишувам, тоа го припишувам на колективна безумност, иста како онаа кај Украинците, која доведе до тоа Украина да остане без форма, а Македонија без суштина. А вие останете така, шоуто на безграничната безумност секако ќе продолжи, за Украина ама ич веќе не ми е гајле, тука, во Нордистан, политичари, аналитичари и новинари, сите до еден, демек еврофили, ќе си ја маваат главата околу двојните европски аршини, ама секако умилкувајќи ѝ се на евровавилонската лицемерна (политички коректно) комерцијална сексуална работничка, евроскептиците како мене ќе бидат прогласувани за рубља-патриоти, оти мора нешто да се просере. Тажно е само што толку се навикнавме на оваа ненормална состојба што крајот, не на историјата, туку на цивилизацијата, ќе го доживееме како досадна реклама среде 127-та епизода на бесмислена сапуница.