Итар Пејо

Кој како сака нека ги толкува заклучоците од последниот самит на Европската Унија, но едно е сигурно, Унијата потврди дека не смета на земјите од Западен Балкан во блиска иднина, туку единствената намера е да направи само контролирана енклава од која ќе црпи работна сила и повремено ќе ја храбри да остане на европскиот курс.
И покрај најавите на унгарскиот премиер Виктор Орбан дека ќе стави вето на одлуката за отворање пристапни преговори на Украина, се покажа дека, кога сака, ЕУ може да одлучува и без консензус, наоѓајќи вистинско соломонско решение за отстранување на потенцијалната блокада така што дискретно го испрати Орбан „на цигара“, додека 26-те преостанати кренаа рака за почнување на пристапните преговори со Украина и со Молдавија, но и за доделување кандидатски статус на Грузија.

Да не се разбереме погрешно, овие земји секако заслужуваат да бидат дел од европското семејство бидејќи таму ѝ припаѓаат. Украина се соочува со страшна воена агресија, на која не ѝ се гледа крајот, Молдавија е под притисок на истиот агресор, а Грузија врз своја кожа пред 15 години почувствува што значи да се спротивставиш на руските стратегиски планови. Сега овие земји добиваат реална европска перспектива и тоа е во ред и е за поздравување.
Но што не е во ред? Не е во ред лицемерниот однос на ЕУ кон Македонија и другите земји од Западен Балкан. Имено, последните заклучоци на самитот на ЕУ не се ништо друго освен жешка шлаканица од која уште долго на сите овде на Балканот ќе им ѕвони во ушите. Токму така. ЕУ на самитот упати јасна и недвосмислена порака дека во блиска иднина не смета на полноправно интегрирање на овој регион, туку сака само да го држи под некаква контрола за да спречи какво било друго инволвирање, пред сè кинеско и руско.

Со изземањето на земјите од Западен Балкан од процесот на проширување, европските челници направија грешка што тешко ќе ја поправат во иднина. Повеќе ниту една земја нема да биде фокусирана ниту на реформи ниту на копенхашките критериуми, уште помалку на борба со корупцијата и воспоставување на владеењето на правото. Сега сите знаат дека тоа за ЕУ не е важно, туку на Европејците многу повеќе им се важни нивните геостратегиски интереси, пред сè во делот каде што има некакви ресурси и затоа носат политички одлуки заобиколувајќи го сето она што претходно го нарекуваа европски критериуми. Значи, за некого има критериуми, дури и дополнителни услови што се косат со здравиот разум, а за други нема ништо, се носи само политичка одлука. Да не заборавиме, со политичка одлука влегоа и Романија и Бугарија, повторно затоа што тоа беше од геостратегиски интерес за Унијата, а не затоа што тие земји исполнија некакви критериуми. Подоцна Романија малку се подоправи, а Бугарија не, туку е полоша и од некои земји кандидати.
Е, сега, повторно се враќаме на Македонија и на оваа балканска турлитава. Сите се свесни дека извисивме, но уште повеќе се свесни и дека нема да мрднат никаде во следните минимум 20 години. По овој европски самит, тотално утопистички звучат некои наши политичари со онаа мантра за членство во 2030 година. Па, такво сценарио не би замислил ниту мајсторот на научната фантастика Стенли Кјубрик ако беше жив и ако евентуално ја снимаше „Одисеја 2030“.
Арно ама, повторно нашите политичари наместо да го стават прстот на челото и добро да размислат што понатаму, тие гракаат за тоа кој бил виновен што Македонија не почнала преговори, па едните велат дека вината била кај проруските партии во земјава, кај антиевропската коалиција, кај некои темни сили на чело со Дарт Ведер, другите враќаат дека власта е виновна, па Бугарија, па Грција, па Паланка била виновна и така во недоглед.

Наместо да се обвинуваат едни со други, нека погледнат малку околу себе и нека се запрашаат дали ЕУ навистина ќе отвореше преговори со Македонија ако ги направеше уставните измени или, пак, ќе ни се повтореше епизодата со Преспанскиот договор. Да тргнеме со ред. Со кого има проблем Црна Гора што десет години преговара и не мрднала никаде? Босна и Херцеговина пред неполни 30 години беше погодена од страшна војна што се случуваше во срцето на Европа, не доби ништо. Што не почнеа со неа преговори? Колку и да е нефункционална, сепак е многу пофункционална од Украина во овој момент. Тука е Албанија. Нели ќе тргнеше сама, ќе ја одвоеле од пакетот со Македонија? Од кај излезе сега грчката блокада? Одеднаш проблем станало положувањето заклетва на некој градоначалник на југот на земјата, кој е под сомнеж за корупција и изборни измами. На Србија, која преговара над 10 години, ѝ додадоа нови амандмани во преговарачките поглавја, покажувајќи дека европската преговарачка рамка не само што е менлива туку е и адаптабилна во согласност со желбите и плановите на меѓународните партнери. Не попусто Хераклит рекол сè тече, сè се менува, па, така, и преговарачките рамки. Косово доби визна либерализација и толку ќе му биде во скоро време.

Сите овие работи се јасен показател дека ЕУ не смета на нас во блиска иднина. Сега некој ќе каже, ама еве ни дадоа шест милијарди помош. Кои црни шест милијарди? Четири се кредити што ќе треба да им ги враќаме со камати, а тие две се префрлени од други фондови што претходно биле неискористени и од нив сите ќе добијат ситна боранија, и без која ќе преживеат. Со други зборови, ни мачкаат очи со пусти пари за да не го гледаме она што е видливо, се разбира за оние што сакаат да видат.
Но да не бидеме песимисти и да не очајуваме над нашата судбина, туку да си ги земеме работите во свои раце оти од нас зависи дали ќе живееме подобро или ќе тонеме подлабоко во тињата во која се наоѓаме сега. Мое мислење, онака лаичко, е дека во следниот период, најбрзо што може, сите земји од Западен Балкан треба да одржат итен самит и да донесат заедничка стратегија и да усвојат документ за идните релации со ЕУ. Тоа би значело Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, БиХ и Косово да побараат итен и безусловен прием во заедничкиот европски пазар, да станат придружен дел на ЕУ во пазарот, без право да гласаат, да имаат комесари, да партиципираат со пратеници во Европскиот парламент, туку да номинираат шест специјални претставници, по еден од секоја земја, кои ќе ги презентираат позициите на Западен Балкан во ЕП. Така ќе им олеснат на многу земји членки што не сакаат проширување, но тоа не го кажуваат јасно, туку се кријат зад блокадите на Бугарија, Грција или некоја друга земја членка, по обичај помалку моќна. Значи, во оваа фаза нема да се бара полноправно членство, туку ќе се следи урнекот на Шведска и Финска, кои прво влегоа во заедничкиот пазар, а подоцна станаа дел од Унијата. Норвешка одамна е дел од тој пазар, а не е ниту членка. Во таа стратегија или документ за идни односи на Западен Балкан со ЕУ да биде побарано од Брисел да утврди точен датум кога ова придружно ќе се претвори во полноправно членство, па нека биде тоа и во 2050 година, но да има датум, да се знае точната цел. Кога Западен Балкан ќе почне да функционира како дел од европскиот заеднички пазар, самите општества ќе ги почувствуваат бенефициите од тоа, бидејќи конечно ќе добијат јасна слика на што се, но и што треба да прават во иднина за да ја дочекаат подготвени таа фамозна 2050-та или која и да биде година што ќе ја одреди Брисел. Единствено тоа е реално и ќе функционира мотивирачки на овој простор, сè друго се само празни ветувања, кои уште повеќе ќе ги зголемат фрустрациите кај граѓаните, кои, ако Брисел продолжи со ваквиот потценувачки однос, ќе се претворат во таков евроскептицизам што многу тешко на граѓаните ќе им се објасни зошто чекориме кон ЕУ.

Во една ваква ситуација, кога е јасно дека ЕУ посипа пепел по сопствените критериуми, за Македонија најдобро е и таа да почне да наоѓа соломонски решенија, онака како што европските челници најдоа решенија за отворање на пристапните преговори на Украина и Молдавија. Значи, да се донесат уставните измени во Собранието, да се удри еден френетичен аплауз, да се каже дека ние го испорачуваме она што Европа го бара од нас и дека сето тоа ќе почне да важи од моментот кога земјава ќе стане полноправна членка на ЕУ. Фер, нема што. Така и ние малку ќе излеземе курнази пред Брисел, наместо стално да нè работат како бавча. Баравте уставни измени, еве ви уставни измени, убаво насмеани ќе им кажеме, исто онака како што насмеана ни кажуваше Урсула фон дер Лајен колку нѐ сакаат, ама прво да ги направиме уставните измени. Еве ги направивме, и ние ве сакаме, ама повеќе се сакаме себеси. Па, ако Бугарија измислува разни марифетлаци како да се вовлече во шенген-зоната, и тоа ѝ поминува, па не сме ниту ние на дрво растени, па да не може една итроштија да скроиме и да го задоволиме европскиот услов, ама на наш начин, да покажеме дека и ние знаеме да носиме креативни решенија кога е тоа во наш интерес. Не е лошо и нашиве политичари да почнат повеќе да се поистоветуваат со Итар Пејо, оти очигледно само итроштините поминуваат.
Сума сумарум, иднината и целта останува ЕУ, само пристапот треба да се промени. Сите шест земји од Западен Балкан сакаат иста работа, па затоа треба и заеднички да настапат. Колку и да звучи како клише, ама заедно се навистина посилни. Редно е да почнат така и да дејствуваат, па можеби и Брисел ќе почне поинаку да ги перципира и повеќе да ги респектира.