На оваа манифестација ме пријави менторот Денис Димоски, кој многу верува во мене. Тој сметаше дека моите гласовни можности се созреани да започнам со настапи на големи сцени и беше во право, вели Михаела

Михаела Пурдеска, петтоодделенка од Прилеп, успешна на манифестацијата
„ВАФ контест 2023“ што се одржа неодамна во Скопје

Единаесетгодишната Михаела Пурдеска од Прилеп неодамна со својот настап го воодушеви стручното жири на манифестацијата „ВАФ контест 2023“, кој се одржа на почетокот на месецов во хотелот „Хилтон“ во Скопје. Иако ова беше прв нејзин настап на голем меѓународен фестивал, Михаела одлично ја изведе евровизиската композиција „Fire“ од Мила Москов и го освои второто место од стручното жири на Асоцијацијата на светски манифестации. Таа се натпреваруваше во силна конкуренција на натпреварувачи од речиси сите балкански држави, како и од Белорусија, Израел, Романија, Унгарија, Литванија, Молдавија, Казахстан, Украина и други земји, во категоријата изведувачи од 11 до 14 години.
Во посебни категории се доделуваа прва, втора и трета награда, а гран при освои изведувачот од Казахстан, Ерџан Максим, второнаграден на „Детскиот евросонг“ во 2019 година.
Овој музички спектакл беше убаво искуство за Михаела, која заедно со уште шеесетината други учесници продефилира на црвениот килим. Освен тоа, младите таленти имаа и фотосесија, даваа интервјуа и заедно се дружеа. Вели дека иако настапувала првпат, сепак, била многу среќна, а жирито било одушевено од нејзината изведба и гласовните можности.

– Ова е ново искуство и големо изненадување за мене, зашто досега не сум учествувала на фестивали, ниту на вакви големи музички манифестации и не сум настапувала на големи сцени. Моите настапи досега беа како членка на хор, на концертите од ОМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“ или, пак, соло-изведби на концертите од приватното музичко училиште „Матрикс“, но само во мојот роден град – Прилеп. На оваа манифестација ме пријави менторот Денис Димоски, кој сметаше дека моите гласовни можности се созреани да започнам со настапи на големи манифестации. Бев исплашена и, искрено, не знаев што ќе се случува, како е да се пее пред жири, а и за првпат имав интервју на англиски јазик за странски телевизии, што мина добро, но со мала доза трема – вели Михаела.
Таа посетува настава по пијано во ОМУ „Ордан Михајлоски–Оцка“ во Прилеп во класата на професорката Јулијана Златеска, а солфеж учи на часовите што ги држи наставникот Кире Гаралоски. Притоа пее и во хорот „Мали ангели“.
Кога имала само четири години, при случајна аудиција во градинките, наставничката по музичко образование Маја Џопа прва ги открила потенцијалите на Михаела.
– Иако го сакам пијаното, моја желба е в година да започнам да посетувам соло-пеење во музичкото училиште. Им благодарам за беспрекорната поддршка на мојот прв настап на наставниците од моето училиште „Климент Охридски“, од музичкото училиште, а посебна благодарност упатувам до мојот ментор Денис Димоски, кој многу верува во мене. Еве, ќе ви откријам и дека пред да тргнеме како на шега ми рече: „Ние Михаелче, секако, ќе земеме награда на овој натпревар“ – додава Пурдеска со насмевка.
Михаела од македонските пејачи ја обожава Тамара Тодеска, додека од странските Адел. Ова 11-годишно девојче, не само што убаво пее туку постигнува и одлични успеси во ОУ“Климент Охридски“.
Мајката на Михаела, Лилјана Пурдеска-Силјаноска, е пресреќна поради постигнувањето на Михаела и вели дека и во иднина целото семејство ќе ѝ биде нејзина голема поддршка.