Мојата азбука: Гордана Симоновска-Момироска, авторка и хуманистка

А за АВИОН
Авионот голем
на небото што лета
облаците ги сече
светот си го шета.

Б за БАЛОН
На сите родендени
и мои и твои
први се балоните
во различни бои.

В за ВОДА
Водата е живот,
водата е лек,
водата е здравје,
за цел еден век.

Г за ГРОЗЈЕ
Грозјето е слатко
и црно, а и бело,
зрно по зрно
го јадеме цело.

Д за ДРВО
Кислород ни дава,
насекаде расне,
и плодови ни раѓа,
кој сака да касне?

Ѓ за ЃЕВРЕК
Мерак имам крцкаво
ѓеврече да јадам,
ако дојдеш со мене
и тебе ќе ти дадам.

Е за ЕЛКА
За Новата година
ја китиме цела,
елката е убава,
и зелена и бела.

Ж за ЖЕЛКА
Чекор по чекор
полека си оди,
и куќата своја
со себе ја води.

З за ЗАЈАК
Уши има големи
брз е како стрела,
за миг ќе ја претрча
тој шумата цела.

S за SИДАР
Sид по sид внимателно,
штом sидарот гради,
никнуваат полека
и куќи и згради.

И за ИГРАЧКА
Секое дете
играчки си сака,
да игра, да твори,
да создава без мака.

Ј за ЈАБОЛКО
Јаболкото треба
често да се јаде,
тоа може многу
здравје да ни даде.

К за КОКИЧЕ
Ова бело цвеќе,
штом ќе крене глава,
пролет ни најавува,
и сонце пак ни дава.

Л за ЛИМОН
Дома треба лимони,
постојано да има,
сокчиња да пиеме
во лето и во зима.

Љ за ЉУБИЦА
Љубица – убавица
коси има свилени,
и боите на љубовта
во неа се скриени.

М за МЛЕКО
Кој сака да порасне
млеко да си пие,
не треба без млеко
да легне и да спие.

Н за НОЌ
Ноќта тивко царува
штом сонцето се скрие,
под ѕвездена тишина,
заспиваме ние.

Њ за ЊУЈОРК
Сакаш ли да одиш
во тој голем град?
Подготви се, те чека,
прекуокеански пат.

О за ОБЛАК
На небото е горе,
со раце не се фаќа,
ама ситен дождец
и снег тој ни праќа.

П за ПИЦА
Питите на баба ми
слатко си ги јадам,
но за пица голема
веднаш ќе ги дадам.

Р за РИБА
Во езеро, во море
и во река дива,
дење-ноќе рибата
си трае и си плива.

С за СНЕШКО
Место носе – морковче,
наместо капа – тенџерче,
штом зимата дојде,
sирни го од пенџерче.

Т за ТОПКА
Тропа, рипа, скока,
од рацете ти бега,
ајде ако можеш,
фати ја ти сега.

Ќ за ЌЕБАП
На скара испечено
и со лепче врело,
ќебапчето вкусно
ќе го лапнеш цело.

У за УЛИЦА
Секоја улица
и голема и мала,
адреса си има,
по адреса се бара.

Ф за ФИЗИЧКО
За децата „физичко“
омилен е час,
физичката активност
за здравјето е спас.

Х за ХРАНА
Храната секојдневно,
живот нам ни дава,
па мора да биде
проверена и здрава.

Ц за ЦВЕЌЕ
Убаво расцутени,
во различни бои,
мирисаат прекрасно
цвеќињата мои.

Ч за ЧАДОР
Чадорот го носиме
штом дождот ќе заврне,
тој нè заштитува
никој да не наврне.

Џ за ЏЕМ
Од овошја разни
си вариме џем,
на лепче го мачкаме,
сладок е ко крем.

Ш за ШУМА
Многу диви животни
во шумата се кријат,
ако таму прошеташ,
ќе слушнеш како вијат.


Драги деца, на страниците на „Колибри“ имаме нова рубрика, која ја насловивме „Мојата азбука“. Ентузијасти и творци, чија дејност е поврзана со децата и нивната едукација, преку својата азбука ќе ви ги откријат својот свет, желби и достигнувања.
Денеска наша гостинка е Гордана Симоновска-Момироска, поетеса за деца и млади и истакната хуманистка, која е авторка на инклузивната сликовница „Буква по буква – азбука“, нејзина втора книга, која излезе од печат како дел од проектот „Правото да читаш не е посебна потреба“, во реализација на здружението на граѓани „Свет на различни а еднакви“ од Скопје.
Со оваа книга сите ученици, а особено првачињата ќе можат полесно да ги совладаат буквите преку стиховите напишани за секоја од нив, а со убавите илустрации, дело на младиот и талентирани дизајнер Наско Џорлев, учењето ќе биде уште поинтересно.
Но она што оваа сликовница ја прави посебна е тоа што таа е достапна и за дечињата со оштетен вид, бидејќи е отпечатена и со Брајово писмо, а исто така и на знаковен јазик, за момчињата и девојчињата со оштетен слух и со пречки во говорот.
Според неа, особено радува податокот што ваквото учење на буквите е доволно примамливо и за возрасните: родители, баби и дедовци, учители и воспитувачи да седнат со своите деца и заедно да ги изучуваат, појаснуваат и „преучуваат“ буквите на сите азбучни форми.
Издвојуваме како размислува таа низ стихови за своето дело. Буква по буква – азбука

Ајде да ја учиме
азбуката наша,
КИРИЛИЦА се вика,
ако некој праша.

Наредени се буквите
по азбучен ред,
триесет и една има,
не се само пет.

Запознај ги и другите
азбуки што зрачат,
за некои луѓе, деца,
тие многу значат.

Тука е Брајовото
писмо на „темнината“,
како и знаковниот
јазик на „тишината“.

Со буквите магично
зборовите се редат,
за секоја од буквите
и стихови следат.

Во издание на здружението „Свет на различни а еднакви“ – Скопје, објавена се и инклузивните сликовници за лица со оштетен вид „Новогодишна сказна“ од Гордана Симоновска-Момироска, првенче на авторката, а нејзино трето дело е книгата „Другарите од зоолошка градина“, исто така за дечињата со оштетен вид.

М.Т.