ОДБОЈКА
Меморијалот „Бранко Хаџииљоски-Чајка“ станува суперкуп
Еден од најстарите и најконстантни спортски настани во Македонија, но и во одбојкарскиот календар, е меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски-Чајка“, кој годинава го прославува јубилејното 50. издание. Организаторите на турнирот, семејството на одбојкарската легенда Хаџииљоски, како и Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), одлучија од ова јубилејно издание меморијалот да добие нова димензија, односно да премине во Суперкуп на Македонија, кој ќе продолжи да се одржува секоја година пред почетокот на новата сезона, пишува ОФМ.
– По пет децении одржување на турнирот, донесовме заедничка одлука со федерацијата од ова јубилејно издание, истиот тој да премине во суперкуп, кој ќе го носи името Суперкуп „Бранко Хаџииљоски-Чајка“. Низ годините бевме сведоци дека овој турнир беше ставен во функција на националните тимови, се одржуваше и на клупско ниво, мажи и жени, ветерани… Мислам дека преминот во суперкуп ќе претставува сублимат на најдоброто на домашната сцена и во машка и во женска конкуренција – потенцира Ивица Хаџииљоски, син на легендата и актуелен потпретседател на Одбојкарската федерација на Македонија, пренесе ОФМ.
Јубилејниот 50. турнирот „Чајка“ ќе се одржи на 7 октомври во салата на средното економско училиште „8. Септември“ во Тетово. Програмата ќе почне во 17 часот, со Суперкупот во машка конкуренција, во кој ќе се сретнат ланските финалисти во првенството и во Купот, Штип УГД и ГОК Борец, а од 19.30 часот ќе се игра и женскиот Суперкуп помеѓу шампионот Работнички Скопје и освојувачот на Купот на ОФМ, Вардар ЕМ. Г.И.
ОДБОЈКА
Штип УГД на 21 октомври ќе дебитира во ЛШ
Македонскиот претставник Штип УГД ќе дебитира во најсилното европско одбојкарски клупско натпреварување, Лигата на шампионите (ЛШ), на 21 октомври на гостински терен. Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) ги потврди термините на натпреварите од раната фаза од ова елитно натпреварување. Носителот на двојната круна во машка конкуренција, Штип УГД, откако лани првпат учествуваше во европските клупски купови, сезонава ќе има премиера во ЛШ, каде што тргнува од првото квалификациско коло, во кое ќе игра со холандскиот клуб Орион Старс. Штипјани ќе го играат првиот меч на гости, на 21 октомври (20 ч.), а реваншот е на домашен терен во салата „Џексон“, во Штип, на 28 октомври (18 ч.). Победникот од овој двомеч ќе продолжи во второто коло од квалификациите, каде што за ривал ќе го има словенечки АЦХ Волеј од Љубљана. Поразениот тим, пак, продолжува во второто по квалитет европско клупско натпреварување, купот ЦЕВ, но е слободен во првото коло и оди директно во шеснаесеттина финалето, информира Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Г.И.































