Светот е сцена
Меѓу штандовите на саемот за современа уметност АРКО, кој деновиве се одржа во Мадрид, вниманието на посетителите особено го привлече едно дело. Станува збор за делото насловено „Пикасо умре тука“ на шпанскиот уметник Еугенио Мерино, кој го претставува безживотното тело на Пабло Пикасо изведено хиперреално.
Годинава, инаку, се навршуваат педесет години од смртта на уметникот, а по тој повод шпанскиот уметник го претставува потпрен на бел постамент, кој наликува на ковчег, облечен во пругаста бретонска кошула и бели ленени панталони, а на нозете има еспадрили. На подот има и мермерна надгробна плоча со датумот на раѓање и смрт на уметникот. Сè изгледа многу реално, до најмалите детали. Мерино отиде дотаму што му направи влакна во носот. Единствената разлика е што мртвиот Пикасо е малку поголем од вистинскиот. Во секој случај, оваа хиперреална скулптура од латекс успеа да привлече толпа луѓе уште на самиот ден на отворањето, при што некои медиуми го опишаа делото со зборовите „смртта како сувенир“, „еден од главните центри на привлечност за зависниците од самослик“ и „сигурен начин да добиете лајкови на Инстаграм“.
Како што истакнаа од галеријата АДН, која го изложи ова дело, скулптурата е критика на масовниот туризам, саемите за уметност и општата култура на правење самослик, бидејќи речиси ги моли посетителите на саемот да се сликаат со мртвото тело на Пикасо. Нивната намера, како што велат, била да ја критикуваат употребата на Пикасо за комерцијални и туристички цели, особено околу годишнината од неговата смрт.
– Искористувањето на годишнината од смртта на Пикасо покажува како тој продолжува да функционира како туристичка атракција – изјави сопственикот на галеријата, Мигел Анхел Санчез.
Според уметникот, скулптурата е направена врз основа на книгата „Турист“ од Дин Меканел од 1976 година.
– Во книгата авторот ги објаснува карактеристиките на атракцијата, а за нас тоа се всушност светот на уметноста и саемите. Институциите и компаниите си го обелуваат имиџот во културата и затоа е важно ова дело да биде претставено, отворено, како предмет што се продава, но и од кој се извлекува симболична вредност. Место каде што „туристичкиот потрошувач на уметноста“ може да направи самослик… сувенир што ќе нè потсети дека сме биле таму каде што умрел Пикасо. Очигледно овој Пикасо е лажен како и секоја туристичка атракција – вели Мерино.
Делото доаѓа во три примероци и се продава за 45.000 евра.