Фото: Семејна архива

По трагите на корените

Лукас Урџанов живее во Стокхолм, Шведска, со своите родители кои се Македонци. Тој е роден таму, има шест и пол години и наесен ќе тргне во прво одделение.
Мајка му и татко му се преселиле таму во 2019 година.
Ова симпатично момченце досега посетуваше предучилишна установа „Инновита“ во Сегелторп.
Многу е дружељубив, знае да креира игри, љубопитен е и сака да учи. Исто така ги сака природата и животните. Досега неколкупати го посетил Кралскиот природонаучен музеј во Стокхолм (Naturhistoriska Riksmuseet). Го интересира и географијата и веќе сега ги знае безмалку сите држави во светот и ги препознава нивните знамиња.
– Лукас од многу мал другарува со книгата. Најпрво му читавме ние, но и со баба Танка и со дедо Панче чита секојдневно, на шведски, но и на македонски јазик. Откако почна да посетува предучилишна паралелка почна да ги учи и азбуките, шведската, но и македонската азбука – велат гордите родители Елеонора и Кирил Урџанови.
Денес овој темпераментен шестгодишник ги знае сите букви и од шведската и од македонската азбука, а за нашите читатели испрати и специјален поздрав. Радосен е дека знае да составува зборови и едноставни реченици на македонски јазик.
На Лукас му посакуваме многу успеси во натамошното школување и, секако, да не го заборава македонскиот јазик.

М.Т.