Фото: ТФМ

ТЕНИС – ЛИНА ЃОРЧЕСКА ПРЕД ДЕНЕШНИОТ ДУЕЛ СО АМЕРИКАНКАТА АМАНДА АНИСИМОВА НА ВИМБЛДОН

  • За мојата противничка нема што многу да се каже, квалитетна и комплетна тенисерка, мојата единствена цел е да го одиграм своето, вели најдобрата македонска тенисерка Ѓорческа пред денешното деби на гранслем-турнирот Вимблдон

По трите дена извонредни настапи и три победи во квалификациите на Вимблдон, најдобрата македонската тенисерка Лина Ѓорческа (31) имаше неколкудневна подготовка за својот прв гранслем-меч. Ѓорческа во првото коло денеска (12 часот) ќе игра против Американката со руско потекло Аманда Анисимова (24), која лани загуби во финалето на Вимблдон и во финалето на Отвореното првенство на САД, а на годинашниов турнир е рангирана како шеста носителка. Во нејзината досегашна кариера најдобриот ВТА-пласман во поединечна конкуренција ѝ е третото место во јануари 2026 година. Има освоено четири титули на ВТА-турнејата, вклучувајќи две од ВТА 1.000 турнири, и секако важи за голема фаворитка на овој турнир.
– Квалификациите минаа одлично. Отсекогаш знаев и верував дека сум блиску, а треба и да се склопат коцките, за да биде совршено. Секој меч беше тежок, сите што учествуваат се меѓу 200-те најдобри на светот во еден од најмасовните спортови и затоа нема лесен меч. Сепак би го издвоила вториот меч против Франциска Жорге. Последниот меч го одиграв одлично, загубив три гема и навистина сум среќна, пред сѐ со тоа како се носев за време на мечот. За мојата денешна противничка нема што многу да се каже, квалитетна и комплетна тенисерка, а мојата единствена цел е да го одиграм своето. Таа е ланска финалистка на овој турнир и шеста носителка и затоа мечот е на еден од главните терени. Се надевам дека ќе биде интересен меч, гледајте и навивајте оддома – изјави во пресрет на денешниот меч Ѓорческа, пренесе Тениската федерација на Македонија (ТФМ).

Ѓорческа (рангирана на 222-то место во светот) е прва македонска тенисерка во историјата што ќе игра на главниот турнир Вимблдон во поединечна конкуренција (мажи и жени). На истиот турнир во 2001 година настапил и македонскиот тенисер Александар Китинов, но само во игра на двојки.
Ѓорческа е во групата од 16 тенисерки што ги минаа квалификациите и сите на своето конто освоија 40 поени. Тоа се: Марија Тимофеева, Ешлин Кругер, Алина Корнеева, Робин Монтгомери, Леолиа Жанжан, Анастасија Гасанова, Клари Ли, Тајра Грант, Мананшаја Савангкаев, Полина Кудерметова, Мариам Болкувадзе, Ирина Шиманович, Кајла Деј, Бијанка Андреску и Теодора Костовиќ.
Гранслем-турнирот Вимблдон 2026 започна вчера и ќе трае до 22 јули. Вкупниот паричен фонд на турнирот изнесува 64,2 млн. фунти (околу 84,5 млн. долари), а победниците во двете конкуренции ќе заработат по 3,6 млн. фунти (околу 4,5 млн. долари). Титулите од лани ги бранат Италијанецот Јаник Синер во машка и Ига Швјотек од Полска во женска конкуренција. Г.И.