Фото: Ka. M.

Таленти: Теодора Настоска (12) од Прилеп

Ако поминувате низ центарот на Прилеп и ако слушнете некој ѕвонлив глас од училиштето „Кочо Рацин“, бидете сигурни дека тоа е гласот на младата талентирана пејачка Теодора Настоска.
Таа од септември ќе биде седмоодделенка, но веќе е добропозната поради нејзиниот талент и љубовта кон музиката. Секако, наградите се најдобар доказ за тоа. Теодора, под менторство на наставничката Белинда Ристеска, неодамна освои прва награда на натпреварот по соло-пеење што се одржа во Штип.
Младата и талентирана Теодора со еднакво задоволство исполнува и забавни и староградски мелодии, а сите уживаат кога ќе запее нешто народно.
– Пеам од четири години. Првата песничка што ја испеав на пет години се вика „Ех, да имам слон“ и ја исполнив на фестивалот „Весели ѕвончиња“. На истиот музички фестивал, на седум години ја испеав песната „Другарство“, а во 2024 година, пак, бев солистка на „Златно славејче“ со композицијата „Магла“ од Ристо Самарџиев – со радост ни се пофали Теодора. Годинава со песната „Бајка“ од Коста Петров, таа беше дел од проектот „Музичка фабрика“. Инаку, таа паралелно со обврските на училиште, изучува пијано во музичкото училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“ во Прилеп кај професорката Христина Никоска.
– Ја сакам музиката, таа е постојан дел од мојот живот. Многу уживам додека пеам. Омилени пејачки ми се Калиопи, Каролина и Тамара Тодевска – ни откри Теодора.
Покрај музичките активности и успесите, таа постигнува да биде одлична ученичка, која се истакнува и по природни науки, македонски и германски јазик. Го сака и спортот и тренира одбојка, а бидејќи е многу дружељубива, секако наоѓа време да се забавува и да биде заедно со своите врсници.

Ка. М.