Симона Јованоска, писателка
- Расказот ми е особено близок бидејќи токму со него влегов во книжевноста и на некој начин му се навраќам како на свој природен јазик. Му одговара и на мојот темперамент, брз е, краток, остар и овозможува на мал простор да се кажат многу работи, а притоа да остане возбудлив и забавен за читателот, вели Симона Јованоска
„Ништо нормално“ е најновата збирка раскази од Симона Јованоска во издание на „Или-или“. По два романа и една книга за деца, со „Ништо нормално“, Симона Јованоска повторно му се враќа на жанрот што мајсторски го владее, односно расказот. Во фокусот на нејзините дваесетина раскази овој пат е малиот човек. Со ширината на имагинативноста за градење нови светови, преку вешто изградените впечатливи ликови, ситуации и приказни, овие раскази многу умешно пипкаат секаде каде што нè боли, и како поединци и како општество.
Симона Јованоска во 2015 година ја објавува дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“ во издание на „Или-или“. Во 2019 година ја добива втората награда на конкурсот на нашиот весник „Нова Македонија“ за расказот „Последниот кат“, а во 2022 година е првонаградена за расказот „Кажи му на кучето“. Дебитантскиот роман „Денот на црвот“ е прогласен за „Роман на годината“ за 2021 година од фондацијата „Славко Јаневски“ и е преведен на бугарски, српски и на хрватски јазик. Во 2022 г. во издание на „Чудна шума“ ја објавува книгата за деца „Градот Вабу и потрагата на Нави“. Во 2024 година го објавува вториот роман „Леска Брезоска“ во издание на „Или-или“.
Подетално за „Ништо нормално“, инспирацијата и за расказот како книжевна форма разговараме со Симона.
Расказите раздиплени на страниците на „Ништо нормално“„пипкаат секаде каде што нè боли – и како поединци, и како општество“. Дали додека пишувавте сакавте да ги дијагностицирате тие болки или да покажете како луѓето учат да живеат со нив?
– Кога пишувам раскази, пред сè, водам сметка да ги исполнуваат моите критериуми за добар расказ. Да бидат силни, да го отсликуваат сензибилитетот на времето во кое живееме, да содржат пресврт, да бидат забавни, да бидат раскажани од необични перспективи итн. Истовремено, свесна сум за болките што ги носиме како поединци и како општество и не чувствувам потреба да бегам од нив. Напротив, ги изложувам ликовите на нив, за да истражам до каде човекот може да издржи, на кои начини учи да живее со сопствените рани, но и како се снаоѓа, се приспособува и речиси секогаш од нив излегува поинаков, како некој друг.

Во Вашите дела често се појавува „малиот човек“. Што Ве привлекува кај таквите ликови? Дали токму тие најјасно ја откриваат вистината за едно време и за едно општество?
– Ме привлекуваат токму луѓето од секојдневието, затоа
што верувам дека и тие можат да бидат херои, само без големите гестови и спектакуларните подвизи. Тие најнепосредно го живеат животот, од „терен“ се соочуваат со неговите предизвици, дилеми и избори, па токму затоа ми се најинтересни за книжевно истражување. Би рекла дека ги познавам зашто и јас сум таков обичен човек самата. Општеството е сложен конструкт, а овие луѓе се неговиот најголем и најважен дел. Низ нивните мали победи, порази и одлуки најјасно се гледа духот на едно време.
По два романа, повторно му се враќате на расказот, жанр што многумина го препознаваат како Ваш простор. Што е она што Ви овозможува расказот да го кажете, а преку романот не успевате?
– Како авторка имам различен творечки идентитет кога пишувам роман и кога пишувам расказ. Расказот ми е особено близок бидејќи токму со него влегов во книжевноста и на некој начин му се навраќам како на свој природен јазик. Му одговара и на мојот темперамент, брз е, краток, остар и овозможува на мал простор да се кажат многу работи, а притоа да остане возбудлив и забавен за читателот. Во расказот хуморот полесно доаѓа до израз, а и ми овозможува да реализирам голем број различни идеи, наместо сите да ги соберам во една единствена приказна. Исто така, вметнувањето на личните теми не изгледа толку „соголувачко“ како во романите.
Во „Ништо нормално“ нè водите низ различни човечки судбини и микросветови. Колку тие светови ги градите однапред, а колку се обликуваат дури кога ликот ќе почне да живее на страницата?
– За разлика од романите, кај расказите речиси секогаш однапред знам како ќе заврши приказната. Расказот не е маратон, туку трка на сто метри, крајот е постојано на повидок и токму тој го диктира ритамот на пишувањето. Секако, тоа не значи дека патот до него секогаш е ист. Некои раскази бараат многу пеглање и прецизирање, кај други ликовите стануваат понезависни отколку што сум планирала, па морам да ги приспособувам, а понекогаш крајот ќе ме разбуди среде ноќ, па станувам веднаш да го запишам или да го коригирам. Тој постојан дијалог меѓу замисленото и неочекуваното е еден од најубавите делови од процесот, а вистината е дека многу, многу се забавувам додека ги пишувам расказите.
Насловот „Ништо нормално“ отвора прашање што всушност денес значи „нормалност“. Дали книгата е обид да ја преиспита таа граница или…?
– Да, мислам дека сите ние, и како поединци и како општество, треба постојано да го преиспитуваме светот околу себе, а со тоа и границите на она што го нарекуваме „нормално“. Насловот е и фраза од секојдневието што често ја изговараме во апсурдни ситуации, како израз на неверување, како поразителен заклучок, но понекогаш и како признание дека токму неочекуваното е поинтересно од рутината. Ми се допадна затоа што носи повеќе значења, а истовремено е лесно препознатлив и комуникативен. Веројатно и моето долгогодишно искуство како копирајтер придонесе релативно брзо да го препознаам како вистинскиот наслов за оваа книга.
Денес често се вели дека расказот ги живее своите пет минути, додека романот бара сè повеќе трпение и од писателот и од читателот. Дали романот денес станува чин на отпор кон брзото време во кое живееме или добрата приказна секогаш го наоѓа својот читател, без оглед на формата?
– Се согласувам дека денешното време на некој начин е како скроено за расказот, барем од перспектива на читателот. Начинот на кој се пишува роман или расказ е индивидуален и зависи од авторот, но начинот на кој читаме значително се промени, имаме помалку време, помалку концентрација и постојано сме изложени на нови содржини, па расказот природно се вклопува во тој ритам. Од друга страна, верувам дека вистинските љубители на книжевноста не ја избираат книгата според нејзината должина, туку според нејзиниот квалитет. Добриот роман и денес ќе го најде својот читател, исто како што ќе го најде и добриот расказ. На крајот, формата е важна, но приказната и начинот на кој е раскажана остануваат поважни.
































