Во православниот храм „Св. пророк Илија“ во Јабука, крај Панчево, на Илинден се одржа првата литургија на македонски јазик од македонски свештеник, по барање на македонската заедница во Србија
Националниот совет на македонското национално малцинство (НСМНМ) на националниот празник Илинден иницираше историски чин кај северниот сосед
Историскиот чин на првата литургија на македонски јазик во Србија се одржа по иницијатива на Националниот совет на македонското национално малцинство (НСМНМ). Светата литургија ја одржал јеромонахот Дионисиј Богев од манастирот „Беркасово“, црквата „Св. Петка“ во Срем, како резултат на соработката и благословот на СПЦ и МПЦ-ОА. На литургијата и прославата на Илинден во Јабука биле присутни Македонци од цела Србија.
Тие истакнаа дека ова е историски чин за Македонците во Србија, со што се надеваат дека ваквата практика ќе стане традиција што ќе продолжи и во иднина.
Првата историска литургија на македонски јазик во Србија во местото Јабука се одржа во рамките на централното одбележување на 2 Август, кој е признаен како национален празник за македонското малцинство во Србија. Досега во Србија биле одржани повеќе заеднички литургии и сослужувања на црковни лица од СПЦ и МПЦ-ОА, но сега првпат е одржана самостојна литургија на македонски јазик од македонски свештеник на СПЦ. Р.С.