Фото: Маја Јаневска-Илиева

Италија е фаворит, тоа мора да се признае. Имаат многу поголем состав од нас, 30-40 фудбалери со исти или слични квалитети, прекалени интернационалци. Сепак, не одиме таму на прошетка. Напротив, ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме и да ги изненадиме, рече Милевски во пресрет на баражот со Италија, на 24 март, во Палермо, за пласман на Светското првенство во Катар годинава

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски, минатите неколку дена беше во работна посета на Загреб, каде што го следеше мечот Динамо – Севилја во Лига Европа (ЛЕ). Но побитно за него од тој меч беше средбата со двајцата македонски репрезентативци во редовите на „сините“, капитенот Стефан Ристовски и Аријан Адеми, во пресрет на баражот со Италија во Палермо, во март, за пласман на Светското првенство (СП) во Катар годинава.
– Динамо победи, но не успеа да ја помине Севилја. Ристовски одигра добро, а Адеми го немаше во тимот поради повреда. Се надевам дека нема подолго време да паузира и оти ќе закрепне до плејоф-мечот против Италија, на 24 март, во Палермо. Не знам дали ќе имам време да проследам уште некој сличен меч на тимови каде што играат македонски репрезентативци. Јас и моите соработници ја следиме формата на сите кандидати за состав на тимот, посакувам и се надевам дека сите ќе бидат здрави и подготвени за тој меч – вели Милевски.
До натпреварот во Палермо останува нецел месец. Класични подготовки ќе нема, собирот на репрезентацијата ќе биде на 21 март, по што ќе се патува за Италија. Списокот со играчи би требало да биде објавен неколку дена пред собирот.
– Во прв план се фудбалерите што го презедоа најголемиот товар во квалификациите. Немаме широк избор квалитетни играчи како Италија на пример и нема потреба за некои драстични промени. За разлика од Италијанците, ги немаме повеќето играчи во една лига, во Серија А. Затоа нивниот селектор Роберто Манчини можеше да ги собере пред извесно време на мини-подготовки, веројатно и пред мечот во март ќе имаат повеќе денови за такво нешто. Но, тоа е што е, и не мора да биде пресудно. Ги следиме нашите играчи, нивната форма, ги анализираме нивните натпревари, имаме снимки, нема никакви тајни што и како играат – вели Милевски.
Италија е актуелен европски првак, но на последните два меча во квалификациите за пласман на СП во Катар одигра нерешено, дома со Швајцарија (1-1) и на гости со Северна Ирска (0-0), што ја чинеше директен пласман. Ефикасноста не беше на потребното ниво, пех за Манчини ќе биде неиграњето на Федерико Киеза поради повреда, што беше една од причините повторно, по неколкугодишна пауза, да го повика Марио Балотели.

– Со и без Киеза, Италија е фаворит, тоа мора да се признае. Имаат многу поголем состав од нас, 30-40 фудбалери со исти или слични квалитети, прекалени интернационалци. Сепак, не одиме таму на прошетка. Напротив, ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме и да ги изненадиме. Станува збор за еден натпревар, тие ќе бидат под многу поголем притисок од нас, мора да победат, што се вели. Ние ќе играме растоварено, немаме што да загубиме, а можеме многу да добиеме – рече Милевски.
Баражот (победникот од мечот Италија – Македонија ќе се сретне со победникот од дуелот Португалија – Турција, пет дена подоцна), како и мечевите во Лигата на нациите (ЛН) во јуни, се дел од поставената цел – играње на Европското првенство (ЕП) во 2024 година во Германија.
– Тоа постојано го кажувам. Моја, наша, цел на оваа генерација фудбалери е повторно играње на ЕП. Мислам дека имаме квалитет, потребно искуство да го оствариме тоа, без разлика на тоа против кого ќе играме во квалификациите. Тоа, пак, не значи дека мечевите во ЛН не ни се важни, напротив, секој меч е битен – вели Милевски.