Од Москва и од Киев веќе се изрази подготвеност за наоѓање дипломатско решение. Процесот за наоѓање мирољубиво решение треба да почне што побргу, пред да се случат поголеми страдања: човечки жртви, разурнувања и материјални штети, деградација на меѓународното право и поредок, поткопување и уништување на универзалните вредности, човечки индивидуални и колективни, и да се девастираат и изгазат најхуманите начела за морал и етика. И кај домашните експерти преовладува ставот од инстантна потреба за воспоставување дипломатски дијалог меѓу спротивставените страни, бидејќи само низ разговори ќе се пронајде вистинскиот пат

Дипломатијата како прво и последно решение за украинската криза

Во светската јавност се појави искра надеж кога Русија изрази подготвеност да испрати делегација во белорускиот главен град Минск на мировни разговори со украински претставници. Истото тоа се случи и кога украинскиот претседател дури двапати упати апел за прекин на агресијата.
За изразување подготвеност за наоѓање дипломатско решение секој момент е вистински момент, така и овој пат. Но подготвеноста за дијалог треба да биде искрена, отворена и чесна и да ја следат идентични активности на терен: прекин на огнот, мораториум на сите воени и парамилитантни акции и замрзнување на сите регрупирања на војските, репозиционирања и фортификациски утврдувања, а да прекинат и други демонстрации на сила. На тој начин, завојуваните страни ќе искажат волја за мирољубиво решение, а светската јавност и мултилатералните светски и европски организации ќе добијат сигнал да се вклучат и да ја поддржат со сите сили иницијативата за „агенда на зелена маса“.

Секоја војна завршува со воспоставување мировен процес

Безбедносниот аналитичар Пецо Трајкоски, од НВО-центар за стратегиски истражувања и анализи, забележува дека во досегашната историја на војување, секоја војна на крајот завршува со воспоставување мировен процес меѓу завојуваните страни.
– За тоа дали потфрлила дипломатијата во спречувањето на новата безбедносната криза, не можам целосно да се согласам. Ние не знаеме дали и сега, во овие денови, се водат некакви дипломатски преговори и кој учествува во тоа. Решението, секако, е во дипломатски преговори меѓу двете директно завојувани страни. И Русија и Украина тргнуваат секоја од своите позиции. Русија смета дека ѝ се загрозува националната безбедност со проширувањето на НАТО до нејзините граници, а Украина исто така има право да се брани од надворешни напади, но и да избира да биде членка на некој сојуз. Најдобро е воените дејства да завршат што побрзо и да се најде дипломатско решение, зашто, како што нѐ учи историјата, нема вечен мир, како што нема и вечна војна. Како што знаеме, веќе има иницијативи од Москва да прекине со своите активности во Украина, а има и некакви изјави од украински претставници за прифаќање преговори за постигнување мирно решение – ни изјави Трајкоски.
И пред избувнувањето на руско-украинскиот конфликт имало интензивна дипломатска активност за наоѓање решение, но, се чини, инволвираните страни како да зборувале со различни јазици и поради тоа не било можно заедничко прифатливо решение, смета Љупчо Арсовски, поранешен македонски дипломат.
– Со оглед на начинот на кој се водеше дипломатскиот дијалог пред почетокот на воениот конфликт, можеше да се очекува ваква разврска. Сепак, како да беше занемарен фактот дека Русија сѐ уште е суперсила и е членка на Советот за безбедност во ОН и, иако не е повеќе во поранешниот Варшавски пакт, тоа не значи дека таа е ослабена. Се чини дека беше занемарен фактот дека Русија има добри позиции во овој дел од Европа и има добри односи со Кина, која има слични проблеми. Од Москва се обидуваа преку соработката со Кина да испратат силни дипломатски сигнали, кои не беа примени од меѓународната заедница. Во повеќе пригоди од рускиот претседател Путин беше порачувано дека не може да се оди против националните интереси на Русија, со проширувањето на НАТО во нејзиното соседство. Да не заборавиме дека Русија многупати замижуваше пред сличните обиди на западните сили. Да се потсетиме само на минатото, кога поранешниот Советски Сојуз се обиде да се стационира на Куба, кога светот беше доведен до нова војна. Можеби сето ова ни изгледа како 1:1 во таа глобална игра на градење на новите позиции во светот и случувањата во Украина се на некој начин обид да се избалансираат односите на глобалните сили – вели Арсовски.
Сепак, според него, во овој момент е најдобро воените активности да престанат најбрзо и кај сите страни да завладее разумот за брзо наоѓање решение. За тоа дали украинскиот предлог е добар или, пак, предлогот од Москва за „демилитаризирање“ на Украина е еден од дипломатските излези од воената криза во Европа, нашиот соговорник вели дека е добро што има предлози за на „зелена маса“ и да се дискутира за тоа, а не да се војува.
Арсовски како искусен дипломат смета дека власта во Киев премногу „наивно“ влезе во приказната за НАТО и очекувањата дека ќе биде одбранета, затоа што требаше да се има предвид дека желбите и аспирациите на една земја се едно, а сосема друго е да се бара поддршка како членка на најголемиот воен сојуз.

Конфликтот на терен ќе потрае поради амбициите секој да си
обезбеди подобра преговарачка позиција?!

Какви се реалните процени за наоѓање договор меѓу Русија и Украина останува нејасно. Набљудувачите велат дека треба да се следат и потезите што се прават од другите учесници во овој глобален судир на интереси, кои се поклопуваат во Украина. Во ОН е подготвена резолуција од САД, со која се осудува Русија за инвазијата врз Украина и се бара од Москва „веднаш, целосно, безусловно“ да се повлече од Украина, изјави висок претставник на американската администрација. Русија, една од петте членки на Советот за безбедност со право на вето, најверојатно ќе стави вето на резолуцијата, рече американскиот функционер, но Вашингтон и другите сметаат дека Советот е критично место, каде што Москва мора да биде принудена да одговара. Во меѓувреме, вршителот на должноста шеф на ОБСЕ, шефот на полската дипломатија Збигњев Рау и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид, остро ја осудија руската воена операција во Украина. Тие повикаа на итен прекин на сите воени активности. Исто така, министрите за внатрешни работи на Европската Унија викендов одржаа вонреден состанок, на кој се разгледуваа „конкретни одговори на ситуацијата во Украина“. Министрите за надворешни работи на ЕУ се состанаа за да ги почнат процедурите за воведување санкции против Русија, при што санкциите веќе почнаа.
Но, во целата ситуација, нејасно е дали двете страни го заоструваат конфликтот на терен (воени судири, санкции и сл) за да ја истуркаат воената агенда и да ги постигнат своите цели, или тоа го прават да „ги покажат мускулите“ за во еден момент да имаат подобра почетна преговарачка позиција кога ќе седнат едни спроти други на „зелената преговарачка маса“?!


Руска делегација пристигна во Белорусија за преговори, Зеленски бара друга локација

Украинскиот претседател истакна дека се можни и други локации освен понудените, но јасно стави до знаење дека Украина не го прифаќа рускиот избор тоа да биде Белорусија.
Официјална Москва вчераутро соопшти дека руска делегација пристигнала во градот Гомељ во Белорусија, за да преговара со украинските претставници, објави „Асошиејтед прес“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, нагласи дека во руската делегација има воени претставници и дипломати.
– Руската делегација е подготвена за разговори, а сега ги чекаме Украинците – истакна Песков.
Украинскиот претседател Волдомир Зеленски, пак, вчераутро објави ново видеообраќање, во кое порачува дека неговата земја е подготвена за мировни преговори со Русија, но не во Белорусија, од каде што руски трупи се движеа кон украинска територија за време на инвазијата изминатите денови.
Зеленски наведе други градови во пет држави како алтернатива каде што може да седнат на преговарачка маса. Тоа се полскиот град Варшава, словачкиот град Братислава, турскиот рад Истанбул, унгарскиот град Будимпешта или азербејџанскиот град Баку. Украинскиот претседател порача дека се можни и други локации, но јасно стави до знаење дека Украина не го прифаќа рускиот избор тоа да биде Белорусија.