Поетесата и новинарка Сузана Мицева минатата среда во Центарот за култура во Струмица ја промовираше својата најнова книга „Букварче мое другарче“, во издание на „Просветно дело“, наменета за читателите од раноучилишна возраст.
Промоцијата беше реализирана во рамките на креативна книжевна работилница, своевидна средба со македонската азбука, на која учествуваа околу 300 деца. Сѐ беше обоено и украсено со прекрасни емоции, со насмеани детски лица и со креативни детски рачиња…
Професорката Ана Витанова Рингачева на интерактивен начин им ги приближи содржините од книгата на децата, заедно со писателот за деца Киро Донев и модераторката и креативна уредничка Ксенија Маказлиева Трајчева од „Просветно дело“.
Децата цртаа, моделираа и креираа букви, активно се вклучија во интерактивното патување низ светот на азбуката преку инспиративните стихови на Сузана Мицева. Оригиналните илустрации се на Натали Николовска.