Вечерва, во 19 часот, во бар-книжарницата „Пионерски“ во Битола ќе се одржи промоцијата на Романот на годината за 2024 година, „Светот што го избрав“ на еминентната македонска писателка Калина Малеска.
Романот ја раскажува приказната за трансформацијата на Леона, чие чувство за себе и сопствениот идентитет се менува низ контактот со луѓето и просторите: подрумот во кој се вселува, состанарите и околниот двор, членовите на одборот за наставни програми, канцеларијата за состаноци, барот… На почетокот од романот протагонистката, по дваесет години живот со своето семејство, се соочува со нова ситуација, без стан, без работа, без пари, со привремен ангажман. Новите околности и луѓето што ги запознава кај неа поттикнуваат сеќавања, интроспекција, анализа на своите и на туѓите постапки, наоѓање на причините зад нив.
Наградата Роман на годината по дваесет и шести пат ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. На промоцијата ќе говорат писателката Калина Малеска, претставниците од Фондацијата Ѕвездан Георгиевски и Катерина Богоева, како и главниот уредник на издавачката куќа „Или-или“, Ненад Стевовиќ, а модератор на промоцијата ќе биде Сашо Огненовски.