Музејот на современата уметност, во рамките на Интердисциплинарната програма, продолжува со предавања под наслов „Без/редие во светот на уметноста“. Денеска, во 19 часот, предавање со физичко присуство ќе одржи уметникот Немања Цвијановиќ.
Презентацијата насловена „Антифашизмот како самоодбранбен споменик“ се сосредоточува на реализираната интервенција на Немања Цвијановиќ „Споменикот на Црвената Риека – споменикот на самоодбрана“ реализирана во 2020 година во Риека, Хрватска, кој може да се разбере како промислен акт, кој се спротивставува на подемот на национализмот, како и националистичкото насилство. Ова конкретно дело претставува појдовно стојалиште во однос на конфронтациите на фашистичкото и антифашистичкото наследство во Хрватска, но и пошироко, дефинирајќи го гестот на Цвијановиќ како ангажиран во однос на општествените текови, политиката, уметноста. Дискусијата ќе биде дополнета со презентација на монографијата „Антифашизмот како самоодбранбен споменик“.
Немања Цвијановиќ е роден во Риека, Хрватска. Дипломирал на „Академија ди беле арти ди Венеција“, а магистрирал проектирање и продукција на визуелна уметност на универзитетот ИУАВ во Венеција. Соработувал со меѓународни институции, изложувајќи ги своите дела во музејот „Пера“ во Истанбул, во Рим, Загреб, Риека… Од 2014 година е професор на „Академија ди беле арти ди Венеција“, а од 2018 година е програмски координатор на Риека 2020 ЕЦЦ.