Колекцијата на книжни икони се вбројува меѓу најзначајните на Балканот

Колекцијата ја сочинуваат стотина графики што се изработени од гравери чија цел била да ја презентираат православната религиja преку приспособување на старата техника кон новиот материјал

Изложба на хартиени графички икони во Прилеп

Во изложбениот салон на објектот на Галеријата на икони во Прилеп денеска напладне ќе биде отворена изложба на хартиени графички икони од 18 и 19 век, кои се дел од колекцијата хартиени графички икони при НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп. Колекцијата на книжни икони се вбројува меѓу најзначајните збирки од тој вид на Балканот. Ја сочинуваат стотина графики што се изработени од гравери чија цел била да ја презентираат православната религиja преку приспособување на старата техника кон новиот материјал. Техниката е гравирање на цртежот во дрвена или метална плоча, која потоа е премачкувана со боја и под притисок втиснувана врз лист хартија. Тие носачи на цртежите – глинени, дрвени и метални плочи – се археолошки потврдени кај древните цивилизации.

– Примената на издлабениот релјеф и неговите отпечатоци врз повеќе идентични примероци својот подем го достигнува во времето на пристигнувањето на хартијата во Европа. Оваа техника била позната и пред тоа, но таквите дрвени калапи со врежани орнаменти се користеле за украсување текстил. Крајот на 14 век се смета за време на инаугурирање на графиката. Тоа е периодот што го обележуваат нови импулси на социјалниот, стопанскиот, културниот и религиозниот подем на Западна Европа, кога започнува помасовната изработка на хартијата. Пред појавата на процесот на печатење, наједноставен и најприменуван начин на комуникација била усната комуникација. Тоа e период кога писменоста е на ниско ниво, а книгите се достапни за мал број луѓе и претежно се со религиозен карактер, препишувани и илуминирани во манастирските скрипториуми за религиозни цели – споделува Мимоза Христоска, виша кустоска, историчарка на уметност во Заводот и музеј.
На балканските простори графиката првпат се појавува во 15 век, наедно тоа е и времето кога графиката првпат се среќава во Македонија како илустрација во црковните книги.

– Тоа е време на османлиското владеење, кога црквата грчевито се бори да ја зацврсти својата вера, и тоа потпирајќи се најмногу врз ракописната традиција, како и врз православната византиска иконографија. Илустрациите за книгите биле вешто изработувани, а иконографијата внимателно селектирана. Црквата како стожер на верата била принудена да ги прифати и да се приспособи на новонастанатите состојби. Економски ослабена, таа не можела да го дополнува својот ликовен инвентар со скапи материјали и затоа без опирање, уште на самиот почеток, го прифаќа дрворезот, а потоа и графиката. Отпечатувањето на повеќе примероци антиминси, абагари и икони „стампи“ било многу поевтино од сликањето, со што и самите отпечатоци на хартија биле полесни за дистрибуирање помеѓу верниците, но и интересни за привлекување нови приврзаници кон црквата – раскажува Христоска.
Во втората половина на 17 и 18 век, почитувањето на чудотворните икони и описот на нивните дела забележале голема популарност во Русија и во Украина. Од овој период датираат повеќе зборници, кои биле проследени со реплики на чудотворните икони во форма на хартиени (книжни) икони. Најсилното упориште на православието во овој период е Света Гора. Во 19 век на Света Гора графичката уметност доживува масовно прифаќање. Оваа уметничка гранка се негувала и во претходните два века, така што се изработувале скромни дрворези од монасите, а бакрорезите најчесто се нарачувале од Венеција, Виена, Москва и Константинопол. Првите автори што работеле на крајот на 16 век биле скромни и анонимни.

– Основоположник на балканската графика е македонскиот зограф и гравер Христифор Жефатовиќ, кој своето основно значење за сликарството го добил преку изработувањето сликарски ерминии, од кои еден примерок е зачуван во библиотеката на Романската академија. Дел од неговиот опус на графики е присутен во светогорските манастири. Паралелно со Жефаровиќ работат и други гравери, кои се познати по нивните дела распространети низ црквите во Македонија. Меѓу нив се истакнуваат имињата на српскиот бакрорезец Захариј Орфелин (1726-1785), рускиот монах Акакиј, кој работи во 18 век, потоа се среќаваат дела од граверот Антониј Џовани Зулијани во Венеција, познати се и графиките работени во печатницата на Антонио Бартоли во Венеција, познатите крушевски златари Кирил и Тома Сидер – истакнува Мимоза Христоска.

Првите графики од Македонија се откриени во Прилеп, во црквата „Свети Димитрија“ во Варош, во 1968 година, кога под раководство на д-р Бошко Бабиќ се извршувале конзерваторски работи врз архитектурата на црквата.
– Второто откритие на графики е во 2003 година, повторно при извршувањето на конзерваторските зафати на покривната конструкција во црквата „Свето Благовештение“, под раководство на дипломираниот архитект конзерватор Илија Ристески, кој потоа ги известил колегите Славица Алексоска, виша кустоска историчарка на уметност, и конзерваторот Горан Стојаноски. Дел од пронајдените графики ѝ се припишува на Константиновата печатница, дел е графики на Антим од Пелопонез, на монахот Кирил, на Партениј од Закинтос, како и отпечатокот од бакрорез од 1780 година дело на Захариј Орфелин и многу други – додава Христоска.
На графиките се претставени религиозни сцени и панорамски погледи на манастирите од Света Гора, на планината Синај и други места; погледи на цркви со светителите заштитници и споредни сцени со сцени од животот на светците. Панорамските погледи на манастирите се изведени под силно влијание на ренесансата. Карактеристични се минијатурни сцени што ги дополнуваат архитектонските композиции во графиката, со што се нагласува религиозниот карактер. Во колекцијата на Музејот има и антиминси индулгенција.

– Во најголем дел, колекцијата се состои од гравури направени на Света Гора од јеромонаси, монаси и лаици гравери и златари, чие мнозинство имало работилница во Кариес, главниот град на монашката заедница на Света Гора. На отпечатоците има натписи што ги споменуваат имињата на нивните творци. Најстарата графика од оваа колекција, со претстава на Богородица со Христос, е пронајдена во црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп и се чува во самата црква. Таа датира од 1725 година. Оваа графика е реплика на чудотворната икона Богородица Черниговска-Илинска, чиј култ бил обновен во 17 век, во светотројанскиот Илински манастир. Изработен е каталог, збогатен со десетина новопретставени графики пред јавноста. Книжните икони во оваа колекција претставуваат сведоштво за феноменот и моќта на графичката уметност од 18 и 19 век. Тие се творба за истрајноста на светогорските манастири, кои ги негуваат и распространуваат своите култови, со една единствена цел да испратат „благослов“ кон народот и кон црквите на кои им ги подарувале овие графики – потенцира историчарката на уметност од прилепскиот Завод и музеј.