Фото: „Нова Македонија“

Што откриваат пораките од четвртиот самит на албанската дијаспора во Тирана

  • Преку пораките искажани на четвртиот самит на албанската дијаспора одржан во Тирана, на кој учествуваа и претставници на албанските партии во Македонија, всушност се препознаваат и демаскираат албанските определби за придржување до целите на т.н. Тиранска платформа, независно од политичката состојба во регионот, вклучувајќи ја и земјава

Дали албанскиот премиер Еди Рама и неговиот голем македонски пријател, лидерот на ДУИ Али Ахмети, настојуваат координирано да ја вратат во живот Тиранската платформа од 2017 година, постигната на средбата на Рама со претставници на албански партии од Македонија, која беше одржана тогаш во Тирана? Или се обидуваат да продолжат каде што се подзапрело со остварувањето на овој „сеалбански документ“, насочен против уставниот поредок и политичкиот систем на унитарна Македонија, со цел таа да биде втурната во процес на федерализација, односно да биде претворена во некаква двонационална „албанско-македонска држава“? Можниот одговор на овие прашања се наѕира во искажувањата на Рама и Ахмети на четвртата средба со албанското иселеништво (обрнете внимание: повторно во Тирана!) завчера, 14 април. Лидерот на опозициската ДУИ, Ахмети, и актуелниот министер за социјална политика Фатмир Лимани од Влен беа меѓу големиот број гости на четвртиот самит на албанската дијаспора што се одржа во Тирана, во организација на албанскиот премиер Рама. Преку пораките искажани на настанот, всушност, се препознаваат и демаскираат албанските определби за придржување до целите на т.н. Тиранска платформа, независно од политичката состојба во регионот, вклучувајќи ја и Македонија.

Рама се меша во внатрешните работи на Македонија

Значителен дел од својот говор на средбата со албанската дијаспора Рама им посвети на Албанците во регионот, велејќи дека „иднината на Албанија не е напишана само во Тирана туку во секоја земја каде што живеат Албанци“. Но албанскиот премиер посебно изнесе „пофалба за придонесот на Албанците во С. Македонија“, притоа „потсетувајќи“: „Никој не треба да заборави дека Албанците од С. Македонија се државотворен народ на оваа соседна и пријателска република.“.
Грубо и дрско мешајќи се во внатрешните работи на суверена Република Македонија, албанскиот премиер Еди Рама ги прогласи македонскитe Албанци како „државотворен народ“ во македонската држава. Според истакнати европски и светски експерти за политички науки, меѓународни односи, за уставен систем и геополитика, „обид за редефинирање на уставниот поредок на соседната земја и ширење на политичкото влијание надвор од границите на сопствената држава“ е кога премиер на една земја ги прогласува неговите сонародници, од иста националност, во друга земја како „државотворен народ“ (state-forming people).
Според анализите на странски политиколози и уставни експерти, ваквите изјави претставуваат и (1) предизвик кон суверенитетот, но и територијалниот интегритет на другата држава, во која тамошното малцинство се прогласува како „државотворен народ“, и (2) притисок за уставен дуализам (двојство) во политичкиот систем на таа друга држава, во таа уставноправна смисла што би се претворила во консензуална држава на две или повеќе нации (со воведена етничко-договорна „демократија“), поправо функционирајќи како двокантонална, територијално преуредена како федерација.
Во тој контекст, анализирајќи различни европски примери на применување „политика на заштита на свои сонародници“ и нивно прогласување како „клучни политички чинители“ во други држави, д-р Агнија Григас предупредува дека тоа може да се користи како „политичко оружје“. Григас е европски експерт за геополитика и меѓународни односи и непостојан виш научен истражувач во Атлантскиот совет во Вашингтон.

Закани на Али Ахмети за „одброените денови на Македонија“!

Во панел-расправата на завчерашниот самит на албанската дијаспора во Тирана, на која присуствуваа и главните дипломати на Косово и на Албанија, Али Ахмети упати заканувачки пораки кон Македонија во врска со статусот на Албанците и на албанскиот јазик.
– Македонија има иднина само во коегзистенција, во совладеење со Албанците. Без Албанците, Македонија не може да преживее и нејзините денови се одброени – рече Ахмети.
Тврдејќи дека албанскиот јазик во Македонија е во „реална опасност“, првиот „интегративец“ дополни: „Албанскиот јазик во Македонија е во опасност. Статусот и употребата на албанскиот јазик се загарантирани со Охридскиот договор, како и од Соединетите Американски Држави и од НАТО, затоа е заедничка одговорноста да се заштити албанскиот јазик. Ја делиме одговорноста: ние, Вашингтон, Брисел, НАТО, албанските политички сили, македонските политички сили. Треба да ја унапредиме состојбата на албанскиот јазик.“ Р.Н.М.


Што содржи Тиранската платформа од 2017 година?!

За да се разберат подобро и поцелосно изјавите што ги дадоа албанскиот премиер Еди Рама и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, потсетуваме на дел од клучните одредби од таканаречената Тиранска платформа, усвоена на средината на „тркалезната маса“ во Тирана, свикана од Еди Рама, на која присуствуваа Ахмети и ДУИ, како и претставници на други албански партии од Македонија. Оваа платформа претставуваше „главен репер“ и основа на дејствувањето на ДУИ во наредните години во рамките на Владата на Македонија.
„Се согласуваме за заемна поддршка на заедничката политичка агенда што предвидува реализација на следните цели, во идниот владин мандат и/или во секој натамошен мандат:

1. Постигнување целосна рамноправност во согласност со Охридскиот договор и Уставот

Правилно спроведување на принципот на мултиетничноста во Уставот на РМ, каде што Албанците се сметаат како државотворна нација, поддржување на секаква правна и уставна иницијатива што ja зајакнува националната рамноправност за албанското население.
Постигнување целосна јазична еднаквост, употреба на албанскиот јазик во сите нивоа на власта и гаранција за неговата примена како фундаментално и уставно право. Уставот на Република Македонија треба да утврди дека „македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија”.
Сеопфатна дебата за знамето, химната и државниот грб на Република Македонија со цел државните симболи да ги одразуваат општествената мултиетничност и етничката рамноправност.
Усвојување резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956 година.
Создавање нов механизам, во форма на една државна комисија за финансирање на општините, за донесување одлуки со право за владини грантови во корист на општините.
Создавање една централна институција за унапредување на јазиците на заедниците, која ќе обезбеди подготовка на преведувачи, уредници и предавачи“, се наведува меѓу другото во Тиранската платформа од 2017 година. Р.Н.М.


Бериша остро го осуди настапот на албанскиот премиер

Рама е најдивиот непријател на Албанците!

Еди Рама, кој во повеќе јавни истапувања во последниве неколку години е цел на жестоки обвинувања дека „турка“ свои амбиции да стане „сеалбански лидер“ на сите Албанци од Балканот, па и на Албанците од Македонија, држејќи го во фокусот на своето политичко дејствување и проектот на „голема Албанија“, завчера беше цел на еднакво жесток напад и од својот „лут“ политички ривал, од лидерот на Демократската партија на Албанија, Сали Бериша.
– Еди Рама е најдивиот, најжестокиот непријател на албанската нација по Енвер Хоџа, на албанскиот национален интерес, на самото постоење на Албанците како нација и на нивната западна вокација – изјави Сали Бериша за Рама по одржувањето на собирот на албанската дијаспора во Тирана завчера.
Оваа изјава на Бериша ја пренесе албанскиот информативен портал „Политико“ од Тирана уште во самиот наслов на својата статија насловена „Дијаспората го ‘растури’ театарот на премиерот – Бериша: Рама е најжестокиот непријател на албанската нација по Енвер Хоџа“.
Тирански „Политико“ во оваа статија, покрај другото, завчера напиша: „Лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, денес на прес-конференција остро го обвини премиерот Еди Рама, нарекувајќи го ’најжестокиот непријател на албанската нација по Енвер Хоџа’“.
Во својата изјава Бериша се фокусира особено на средбата на премиерот со Албанците во дијаспората, обвинувајќи го Рама за позиции и политики што, според него, се штетни за националниот интерес и западната ориентација на Албанија. Тој го обвини и премиерот за корупција и лошо управување со јавните пари, нарекувајќи го „најголемиот ајдук на сите времиња“.
Бериша се фокусира на регионалните односи и политиките на Албанија во Западен Балкан, критикувајќи ја иницијативата „Отворен Балкан“, која ја нарече „проект што ја фаворизира хегемонијата на Србија во регионот и ги нарушува интересите на Косово“.
Тој го обвини Рама и за погрешни позиции кон Косово, вклучувајќи, според него, иницијативи и изјави што негативно влијаеле врз односите меѓу двете земји и врз евроинтегративните процеси на регионот, објави „Политико“ од Тирана. Р.Н.М.