Сè повеќе граѓани и стопанственици во земји-членки на ЕУ предупредуваат дека предлозите за надминување на кризата со енергенти не се доволно опсежни, додека владите се обидуваат да го спречат ризикот од политички немири

ЕВРОПСКИ ЕНЕРГЕТСКИ АНТИПОДИ ПРЕКУ ПРИМЕРИ ОД ФРАНЦИЈА

Француските стопанственици со одговор: „Да видиме, па да поверуваме“

Според анкетата на „Фајненшл тајмс“, и од разговорот со Ејмерик Ле Жамтел, извршен директор на „Вета Франс“, мала компанија што произведува градежен материјал за згради во една фабрика во северна Франција, тој и повеќето анкетирани стопанственици не ја споделуваат убеденоста на претседателот Макрон. Доставувачите на тули од кои зависи „Вета“ ги зголемуваат своите цени за да го надоместат високиот трошок за природен гас, кој им е потребен за напојување на нивните печки. Некои од нив дури и откажуваат одредени нарачки што веќе не се профитабилни.
– Навистина тешко се справуваме, бидејќи имаме многу мала видливост во однос на цените. Не сакаме да ставиме клуч на врата оваа зима, но почнувам да се загрижувам – вели Ле Жамтел.
Со оглед на фактот дека температурите опаѓаат со приближувањето на зимските месеци – а увозот на гас од Русија сега е на ниво од само еден мал дел од поранешните нивоа – европските министри за енергија ќе се состанат за да разговараат за ЕУ-пакетот на национални даноци, со цел собирање средства за ставање под контрола на цените платени од страна на домаќинствата и деловните субјекти.
Иако престолнините во ЕУ укажуваат на одреден успех во напорите за одвикнување на Унијата од рускиот гас во последниве неколку месеци – вклучувајќи и полнење на гасните складишта до нивоа од над 85 отсто – сè поголем е бројот на главни градови што предупредуваат дека предлозите едноставно не се доволно опсежни.
– Дефинитивно има луѓе во Унијата што сметаат дека ова не е доволно и дека треба да се стори нешто повеќе. Не е во наш интерес цените на енергијата да предизвикаат нестабилност во земјите-членки, тоа би бил рецепт за катастрофа – изјави еден дипломат од ЕУ во врска со плановите на комисијата.
Минатата недела, 15 земји-членки испратија допис до еврокомесарот за енергетика, Кадри Симсон, барајќи да се одреди горната граница за големопродажните цени на гасот на целата територија на ЕУ, бидејќи бизнисите потклекнуваат под товарот на трошоците, кои се за околу пет пати повисоки од минатогодишните нивоа.

Франција со интервенционистички пристап со т.н. „тарифен штит“

Во моментов аналитичарите предупредуваат дека длабоката рецесија е неизбежна, при што Дојче банк предвидува дека реалниот БДП во еврозоната ќе опадне за приближно 3 отсто збирно помеѓу вториот квартал годинава и истиот период во 2023 година, што ќе претставува поголем пад од оној за време на еврокризата. По изборната победа на сојузот предводен од екстремната десница во Италија, другите престолнини во ЕУ внимателно ја следат состојбата, барајќи знаци што укажуваат дека зголемените животни трошоци би можеле да доведат до граѓански немири, кои ќе ги турнат гласачите кон поекстремните политички партии.
– Енергетската криза во Европа дури сега ќе почне навистина да нè погодува, бидејќи порастот на големопродажните цени сè уште „се влева“ во сметките на фирмите и домаќинствата. Трошоците за стопанството ќе станат многу поголеми – вели Симоне Таљапјетра, енергетски експерт во аналитичкиот центар „Бројгел“.
Во своите обиди да ги заштити потрошувачите и фирмите од зголемените енергетски трошоци, Франција се покажа како една од најагресивните земји- членки на Унијата. И покрај тоа, одредени официјални лица во Владата се загрижени дека зимава може да избувнат социјални немири. Напорите на француската влада ја задржаа годишната стапка на инфлација на 6,5 отсто, што е значително под онаа на многу други земји-членки во еврозоната – особено во споредба со балтичките земји, чија инфлација се движи помеѓу 20 и 25 отсто. Франција успеа повеќе да ги заштити своите граѓани од растот на цените, бидејќи земјата не се потпира многу на природен гас, а најголемиот дел од својата електрична енергија го добива од сопствените нуклеарни централи, управувани од државната компанија ЕДФ. Во февруари годинава, француската влада реши да ги заштити домаќинствата и малите претпријатија со „тарифен штит“, преку кој растот на цената на електричната енергија беше ограничен на 4 отсто, а цените на природниот гас во 2022 година се задржаа на исто ниво.

Неодамна претседателот на Франција, Емануел Макрон, испрати кратка и едноставна порака до француските стопанственици што се подготвуваат да потпишат исклучително скапи енергетски договори: „Не правете го тоа“! Францускиот претседател рече дека компаниите треба да ги одбијат „лудите цени“ што се нудат во моментов, инсистирајќи на тоа дека европските влади ќе успеат да ги натераат пазарите повторно да функционираат и да ги вратат трошоците до разумни нивоа.

Франција воведе и дополнителни мерки за помош на населението, како што се чекови во вредност од 100 евра за сиромашните семејства, субвенции за екстра лесното масло за греење, како и попусти за бензин и дизел, кои се применуваат директно на бензинските пумпи. Според француското министерство за финансии, вкупната издвоена сума за поддршка годинава изнесува околу 24 милијарди евра, од кои 7,5 милијарди евра се наменети директно за возачите.
Властите во Франција неодамна најавија дека мерките за заштита ќе продолжат и идната година со ограничување на поскапувањата кај природниот гас и електричната енергија на 15 отсто за домаќинствата и малите бизниси. Со тоа, бруто-трошокот за Владата ќе изнесува 45 милијарди евра, но откако ќе се повлечат парите од производителите на електрична енергија, нето-трошокот ќе изнесува 16 милијарди евра.
Ваквиот интервенционистички пристап е во согласност со француската политичка култура, во рамките на која Владата често воведува индустриска политика и дејствува во насока на заштита на граѓаните од економски кризи.
Но ова исто така е одраз и на стравувањата во Елисејската палата дека незадоволството на гласачите би можело да оди во прилог на крајно десничарската партија на Марин Ле Пен, Национален фронт, која летово освои досега незабележани 89 пратенички места во националното собрание.
Владата на Макрон беше разнишана и од протестите на „Жолтите елеци“, кои експлодираа во зимата 2018 година поради предлогот за зголемување на данокот на горива. Некои од министрите стравуваат од повторно заживување на овие протести без формален водач, особено затоа што цените на бензинските пумпи во последниве месеци се повисоки од тогашните.
Во септември во Париз и во близината на Кан и на Тулуз повторно имаше неколку протести на „Жолтите елеци“, но засега им недостига жестината на големите толпи народ од минатиот пат. Работничките синдикати планираат национален штрајк, сакајќи да извршат притисок за зголемување на платите.
Поради неочекувани прекини во производството на ЕДФ, Владата предупреди на ризик од ограничена потрошувачка на електрична енергија за компаниите. Некои јавни институции, како што се базените и музеите, почнаа да работат со скратено време.
– Борбата против инфлација е економски и политички приоритет. Инфлацијата е отров за демократиите, историјата веќе го покажа тоа – изјави францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер.

И покрај сѐ, претпријатијата и домаќинствата се шокирани од трошоците со кои се соочуваат

И покрај досегашните енергетски интервенции во Франција, претпријатијата и домаќинствата се стаписани од трошоците со кои се соочуваат. Стефани Позат, претставник на Постојаниот комитет на европски лекари (CPME), рече дека деловната групација што ги застапува малите и средните бизниси во последниве неколку недели добила голем број повици од извршни директори, алармирани од новите цени што ги наведуваат нивните снабдувачи на енергија. Две третини од француските компании купуваат електрична енергија на отворениот пазар, бидејќи се немаат стекнато со право за регулираната стапка што ја одредува Владата и се наплаќа од страна на ЕДФ.
Само компаниите со помалку од 10 вработени и промет што е помал од 2 милиони евра се заштитени со ограничувањата на цената на енергијата, кои француската влада ги воведе годинава и планира да ги продолжи и следната.
Во јулската анкета на CPME, вели Позат, 93 отсто од 2.400 сопственици на бизниси во Франција изјавиле дека повисоките цени на енергијата ја зголемиле цената на нивните трошоци за повеќе од 10 отсто. Една третина од нив рекле дека не можат да ги пренесат тие трошоци на своите потрошувачи.
– Добиваме информации од компании што ќе се соочуваат со 10 или 20 пати поголеми трошоци за струја или гас почнувајќи од јануари. Ова може да го доведе во прашање целиот бизнис-модел и да го загрози нивниот опстанок – вели Позат. Таа го наведува примерот на еден снабдувач на големо за индустриски компании, кој добил понуда од ЕДФ за годишен договор што би чинел 40.000 евра, додека минатата година сумата изнесувала 5.000 евра. Тука беше даден и примерот на дрвнопреработувачка компанија во близината на Сент Етјен, која вработува 35 луѓе. Таа добила понуда за електрична енергија во висина од 200.000 евра – повеќе од трипати поскапо од минатогодишниот договор.
Сепак, и покрај овие локални хорор-приказни, Таљапјетра од експертската група „Бројгел“ вели дека ЕУ сега генерално е во многу подобра позиција одошто пред два или три месеци. Силните напори од почетокот на пролетта помогнаа да се диверзифицираат нејзините испораки на гас од Русија и упатија кон новите алтернативи – вклучувајќи и кон течниот природен гас од САД. Според податоците на Европската комисија, увозот на рускиот гас за ЕУ сега е намален на само 9 отсто, во споредба со минатогодишните 41 отсто.

Но кризата никако не е завршена, предупредува Таљапјетра. Следната година, зголемувањето на нивоата на складиран гас би можело да се покаже уште потешко одошто во 2022 година, имајќи предвид дека годинашните резерви беа создадени преку увозот од Русија, кој до следната година би можел да биде целосно прекинат. Загриженоста поради можниот целосен прекин во испораката на руски гас се зголеми откако „Газпром“ најави дека може да воведе санкции за украинската државна гасна компанија, што може да доведе до затворен проток на гас низ земјата. Дополнително, истекувањето од двата руски гасоводи во Балтичко Море беше протолкувано како саботажа, што уште повеќе ја нагласи ранливоста на европската енергетска инфраструктура.
Во меѓувреме, главните градови мора да сторат многу повеќе за колективно ограничување на побарувачката за гас и електрична енергија – оваа зима, но и понатаму. Според извештајот на Организацијата за економска соработка и развој (OECD), која истакна дека европската економија во наредниве месеци ќе биде ставена во алармантна позиција, недоволните напори за намалена потрошувачка на гас би можеле да ги остават складиштата во ЕУ на „опасно ниски нивоа“. Студената зима би можела значително да го зголеми недостигот во понудата, што би довело до „значително повисоки“ глобални цени.

Земјите-членки на ЕУ летово не ги прифатија плановите на комисијата за задолжително намалување на потрошувачката на гас, избирајќи наместо тоа доброволен пристап. Европските влади досега потрошија половина трилион евра за да ги заштитат граѓаните и компаниите од галопирачките цени на електричната енергија, но многу од тие мерки само го прикрија ефектот од небесно високите цени, поткопувајќи ги истовремено иницијативите за намалување на потрошувачката.
Во обид да се избегнат целосни прекини во дотокот на електрична енергија, Владата во Франција постави цел за компаниите и субјектите од јавниот сектор – зимава да ја намалат потрошувачката за 10 проценти во однос на минатогодишната. Компании како луксузниот гигант ЛВМХ или препродавачи како „Карфур“ ги претставија своите планови за заштеда на енергија, додека општинските власти во Париз најавија дека навечер порано ќе ги гасат блескавите ноќни светла на Ајфеловата кула.
Ќе се воведуваат и други решенија, како на пример националниот систем за предупредување „Ековат“ од мрежниот оператор РТЕ. Тој ќе ги класифицира деновите како зелени, портокалови или црвени, во зависност од оптовареноста на електроенергетскиот систем, испраќајќи известувања до потрошувачите и компаниите во моменти на преголем притисок и барајќи од нив да ја намалат потрошувачката. Најголемиот француски телевизиски оператор вети дека ќе ги вклучи процените и рангирањата на „Ековат“ во своите дневни временски прогнози, со намера да ја придобие поддршката од граѓаните.
Дел од пакетот на ЕУ ќе бидат и целите за заштеда на електрична енергија, заедно со новите даноци за компаниите со ниска потрошувачка на јаглерод и оданочувањето кај производителите на фосилни горива. Комисијата процени дека земјите-членки би можеле да соберат вкупно 140 милијарди евра од профитот на енергетските компании, терајќи ги истиве да прават напори за намалување на сметките.
Сепак, и покрај сите фанфари, новите мерки на комисијата ќе бидат само делумен патоказ на мапата, наместо сеопфатно решение за енергетската криза. Извршните индустриски директори искажаа сомнежи дека ефектите од оданочувањата ќе пораснат онолку колку што предвидува Брисел. Земјите како Италија, Грција, Белгија и Малта бараат воведување горна граница кај цената на гасот, со надеж дека така би можел да се премости штетниот циклус на ценовен раст во рамките на Унијата. За некои од нив, структурата на нивните енергетски индустрии значи дека постојниот пакет на комисијата ќе понуди ограничена директна помош. Други земји – како на пример Франција – веќе ги адаптираа по мера своите национални шеми.
Француските власти, сепак, додаваат дека новите даноци сами по себе нема да ја решат длабоката дисфункционалност на пазарите на електрична енергија и гас, тврдејќи дека се неопходни интервенции – вклучувајќи и т.н. прекинувачи на струјното коло – со кои би се спречило креирањето хаос на енергетските пазари.
Малтешката министерка за животна средина, енергетика и претприемништво Миријам Дали изјави дека и покрај тоа што го поддржува комисискиот пакет, тој нема да биде од помош за Малта, со оглед на тоа што најмалата европска држава увезува значителен дел од својата електрична енергија преку интерконектор со Италија, додека нејзиното домашно производство доаѓа првенствено од гасната електроцентрала.

– Ние целосно ја разбираме колегијалната компонента на пакетот – членките на ЕУ треба да се поддржуваат една со друга – вели Дали.
Словачкиот премиер Едуард Хегер предупреди дека енергетската ситуација во неговата земја станува толку тешка, што тешката индустрија ќе биде принудена да стави клуч на врата во рок од неколку недели доколку не добие посеопфатно решение од Брисел. Словачка ќе потроши 24 милијарди за субвенционирање на трошоците за енергија, што претставува една петтина од нејзиниот БДП, а предлогот на комисијата ќе ѝ „донесе“ само 100 милиони евра.
– Најтешко погодената земја ќе биде токму земјата што ќе добие најмалку – вели Хегер.
Брисел излезе со документ за опции, кој содржи идеи за тоа како да се постигне ограничување на цената на гасот, но одредени претставници на комисијата сепак остануваат претпазливи во однос на ова решение. Така, доколку ценовната граница се постави премногу ниско, постои ризик снабдувачите да се откажат од продажбата на гас во ЕУ, затоа што на други места може да постигнат подобри стапки. Како резултат на тоа, директно би се поткопале напорите за обезбедување сигурни резерви на гас.
Огромните трошоци за енергетски интервенции имаат нееднакво влијание врз земјите-членки, имајќи ги предвид нивните различни капацитети за справување со сè поголемото јавно задолжување. Одредени дипломати почнаа дискретно да спомнуваат дополнителна помош за изедначување на товарот, а Словачка повика средствата од новите даноци да се насочат во еден заеднички фонд и да бидат рамномерно распределени меѓу државите, зависно од бројот на жителите.
Француските потрошувачи се подготвуваат за најлошото. Салиха Садели, медицинска сестра што работи во сиромашен северен кварт на Марсеј, вели дека е сериозно погодена од порастот на цените на бензинот, бидејќи многу вози за да ги реализира сите домашни посети на пациенти. Се зголемуваат и нејзините приватни сметки за живот, и покрај потезите на Владата за ограничување на ценовните скокови кај електричната енергија.

– Ни кажуваат дека домаќинствата се заштитени, но секако дека сум загрижена кога гледам дека за кратко време нашите месечни сметки се зголемија од 200 на 350 евра. Во недоумица сум што да правам. Во лето можам да ја исклучам домашната клима – таа е луксуз. Но греењето не е луксуз – вели таа.

Подготвил: Mарјан Велевски