Фото: Игор Бансколиев

Централниот совет на Македонците во Германија, заедно со претставници на македонските малцинства од Република Грција и од Република Албанија, ги повика Европската Унија и целата меѓународна заедница да го почитуваат правото на етничко и национално самоопределување на македонските малцинства, како и правото на изучување на мајчиниот македонски јазик во Грција и во Бугарија. Тие на европска сцена ги посочија еклатантните многубројни примери каде што Грција и Бугарија и понатаму ги негираат или ги ограничуваат активностите на македонските организации. Централниот совет на Македонците во Германија, во содејство со Федералната унија на европските националности (ФУЕН), ги охрабрува Македонците со нивните здруженија во Грција и во Бугарија да си ги бараат правата, повикувајќи се на основните слободи и човекови права…

На најголемиот собир на националните
малцинства и јазични групи во Германија

Во рамките на напорите за унапредување на националните права на европско ниво, во Берлин, од 29 септември до 1 октомври, се одржа конгрес на Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Станува збор за најголемиот собир на националните малцинства и јазични групи. На споменатиот конгрес присуствуваа претставници на 105 организации, членки од 36 држави, меѓу кои беа и претставниците на македонското малцинство од Албанија и од Грција.

Притисок од Федералната унија на европските националности (ФУЕН)

Конгресот усвои и донесе одлуки што во себе содржат алатки за унапредување на малцинските права на Македонците во соседството. По предлог на македонското друштво „Илинден“ – Тирана беше усвоена резолуција од страна на ФУЕН за унапредување на правата на Македонците во Албанија, која ќе биде доставена до сите државни институции во Република Албанија, како и до меѓународните институции.
Дополнително на конгресот беше одлучено здружението „Крсте Мисирков – Македонско движење за промоција на мајчиниот јазик“ да биде прифатено како придружен член на ФУЕН. Споменатото друштво поднело барање за членство во мај оваа година, а се залага за промоција на македонскиот јазик во Грција. Во овој правец е и барањето на здружението „Крсте Мисирков“ од општината Едеса (Воден) за училиштен простор за изучување и организирање часови на македонски јазик.
Според информациите од соговорниците, Атина ја продолжува политиката на негирање на Македонците во Грција. Таков е примерот со регистрирањето на „Крсте Мисирков“ во Регистарот на културни установи. Споменатото здружение беше регистрирано, но три дена подоцна регистрацијата беше отповикана поради банални причини. За оваа тема, Евгенија Нацулиду, претставничка на македонската организација „Крсте Мисирков“, вели дека не постои термин со кој Македонците би можеле да формираат здруженија во Грција. Според неа, причината е дека секое здружение што промовира различност во своите статути, во смисла на јазични, културни и етнички, би претставувало малцинство што формално би можело да побара права загарантирани со меѓународните и европските договори. Нацулиду нагласува дека ова за Грција е табу-тема.

Заемна поддршка на македонските национални малцинства надвор од Македонија

Претседателот на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Никола Ѓурѓај, вели дека македонското друштво „Илинден“ – Тирана го искористило правото како рамноправен член и гласало за приемот на организација „Крсте Мисирков – Движење за промоција на македонскиот мајчин јазик и на македонското малцинство во Грција“. Тој исто така вели дека друштвото „Илинден“ – Тирана дало поддршка за приемот на црногорската заедница во Албанија како рамноправен член на ФУЕН. Во однос на резолуцијата, која беше усвоена од страна на ФУЕН, Никола Ѓурѓај вели дека со тоа е постигнат голем успех. Ѓурѓај ни потврди дека за резолуцијата позитивно гласале сите 150 делегати, претставници на 103 организации од Европа.
– Целта на усвоената резолуцијата е подобрувањето на правата на македонското национално малцинство во Република Албанија и зачувување на македонската култура во регионите Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и Врбник населено со чисто македонско население – вели Никола Ѓурѓај.
На маргините на конгресот на ФУЕН, претставниците на македонските малцинства во Албанија и во Грција остварија средби со Лорант Винце, претседател на Федералната унија на европски националности, Халит Хабип Оглу, претседател на Федерацијата на Турците од Западна Тракија во Европа, Џени Џонс, координатор на Федералната унија на европски националности, како и со Алис Блинцова, претставник на „Руско училиште во Естонија“, Сенгиз Ковач, претседател на друштво за млади на Турците во Косово. Никола Ѓурѓај и Евгенија Нацулиду, исто така, остварија средба и со Роберт Кленкоски и со Горан Николоски претставници на Централниот совет на Македонците во Германија.
Во заедничка изјава, Централниот совет на Македонците во Германија и присутните претставници на македонските малцинства од Република Грција и Република Албанија ги повикаa Европската Унија и меѓународната заедница да го почитуваат правото на етничко и национално самоопределување на македонските малцинства, како и правото на изучување на мајчиниот македонски јазик во Грција и во Бугарија и ги охрабруваат Македонците со нивните здруженија во Грција и во Бугарија да си ги бараат правата, повикувајќи се на основните слободи и човековите права.

Европската Унија замижува за Бугарија при прекршување на малцинските права

Зачувувањето на јазикот и културата на македонското малцинство, како и остварувањата на малцинските права, е условено од политиките на Софија, Атина, Белград и на Тирана. Експертите посочуваат дека доколку внимателно се анализира, тогаш може да се заклучи дека директно Софија и Атина, а Европската Унија индиректно, ги прекршуваат малцинските права на Македонците.
Грција и Бугарија и понатаму одбиваат да ги регистрираат или ги ограничуваат активностите на македонските организации, како што се примерите со ОМО „Илинден“ – Пирин во Бугарија или македонската организација „Крсте Мисирков“ со седиште во С’ботско (Аридеа), која се залага за промоција на македонскиот јазик во Грција. Македонците во Србија и во Албанија, држави што не се членки на ЕУ, ги уживаат малцинските права, но познавачите велат дека и понатаму постојат можности за унапредување на нивните правата во споменатите држави и решавање на одредени проблеми.
Официјална Софија отворено ги негира македонските национални особености и во контекст на оваа политика е одбивањето да се регистрираат македонските организации и покрај многубројните пресуди на Судот во Стразбур. Македонците во Бугарија се постојано изложени на говор на омраза, како и разни притисоци, а последен таков пример беа заканите на Ангел Џамбаски и оштетувањето на македонскиот културен клуб во Благоевград.
За оваа проблематика, Никола Ѓурѓај вели дека доколку се направи споредба помеѓу соседите на Македонија во однос на почитувањето на малцинските права на Македонците кај четирите земји-соседи на Македонија, тогаш се констатира дека всушност земјите-членки на Европската Унија се оние што не ги почитуваат, односно ги прекршуваат човековите и малцинските права на своите сограѓани од македонскиот етникум. Имено, Бугарија и Грција одбиваат да ги регистрираат македонските здруженија што сакаат да ги негуваат македонската култура и јазик. Досега, Бугарија поради прекршувањето на човековите права има седумнаесет пресуди од Судот во Стразбур. Слична е положбата и во Грција, која и понатаму одбива да ги регистрира македонските здруженија, како што беше примерот со друштвото „Крсте Петков Мисирков“. Од друга страна, состојбата во Србија и во Албанија е поинаква. Иако двете држави не се членки на Европската Унија, македонското малцинство ги ужива малцинските права, рече Ѓурѓај. Д. Ст.