Фото: Пиксабеј

Во центарот на данската престолнина има голем комплекс на оранжерии од 1874 година, кои со своите 13.000 растителни вида привлекуваат посетители во текот на целата година

Копенхаген е еден од десетте најскапи европски градови за живеење, но тоа не треба да биде причина да се откажеме од посета на овој град, кој има голем број бесплатни атракции за уживање. Една од нив е ботаничката градина на Универзитетот во Копенхаген. Влезот во паркот е бесплатен.
Ботаничката градина во Копенхаген се простира на неверојатни 10 хектари во самиот центар на градот и е дел од Природонаучниот музеј на Данска, домаќин на различни изложби и активности во текот на годината. Во ботаничката градина има мало кафуле на отворено. Овде можете да одморите со освежителни пијалаци или да се напиете кафе и да уживате во него на тревникот или на некое од дрвените пристаништа покрај езерото, кои се украсени со голем број водни лилјани. Разгледувањето на ботаничката градина е бесплатно, освен Куќата на палмите (Палмехусет), каде што влезот се наплаќа. Станува збор за голема стаклена градина во централниот дел, позната по своите импозантни стаклени куќички – вкупно 27. Таа двапати била преместувана пред конечно да ја добие сегашната локација, каде што цветаат повеќе од 13.000 вида растенија од целиот свет, вклучувајќи и автохтони видови – од спектакуларни орхидеи до ретки кактуси и цикади, стари како диносаурусите. Она што ја прави посебна оваа атракција е прекрасната викторијанска стаклена куќа. Куќата на палмите е направена од леано железо и стакло во 1874 година, по моделот на лондонската Кристална палата, која е изградена за големата светска изложба во 1852 година. Сѐ започнало во 1848 година со пронајдокот на нов метод, кој овозможил да се поврзат големи парчиња силно стакло. Токму со оваа техника била изградена Кристалната палата, која била симбол на Британската Империја и достигнувањата на индустриската револуција, но изгорела до темел во пожар во 1936 година.
Тропските и суптропските растенија, вклучувајќи ги и бананите, растат и цветаат во Куќата на палмите. Други оранжерии се рододендронските градини од зимзелени, полузимзелени и листопадни грмушки со прекрасни цвеќиња, кактуси, Има и специјална климатизирана стаклена градина погодна за арктичките растенија. Целата градина има 27 оранжерии, вклучувајќи ја и централната, со височина од неверојатни 16 метри со галерија, на која, доколку не се плашите од височини, можете да се качите по тесните спирални скали од леано железо што водат до врвот.