Валериј Залужни

По неодамнешниот состанок на штабот на врховниот командант во Кабинетот на претседателот на Украина, во јавноста протекоа низа информации за забележливи несогласувања меѓу политичкото и военото раководство на Киев. Претседателот Володимир Зеленски ја обвини армијата за колапсот на контраофанзивата и „внатрешната саботажа“, што доведе до тоа украинската армија да почне да се брани, при што генералите објаснија дека понатамошните офанзивни операции се невозможни поради претрпените загуби. Расте притисокот над врховниот командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни, да се повлече, но во јавноста сѐ уште нема став од него. „Вашингтон пост“ објави дека Залужни, кој е популарен меѓу украинските граѓани, може да претставува закана за Зеленски доколку одлучи да се повлече и да започне политичка кариера…

Индикатори за конфликт меѓу военото и политичкото раководство на Украина

Деновиве, украинскиот медиум „Страна“ обелодени растечко несогласување на „тлеечкиот конфликт меѓу тимот на украинскиот претседател Володимир Зеленски и врховниот командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни“. Украинскиот медиум тврди дека во неколку наврати и самиот претседател на Украина, Володимир Зеленски, во јавноста истакнал дека „го препознал тоа како проблем“.

Заменик-претседателот на украинскиот парламент изјави дека „командантот на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни, нема воен план и затоа мора да замине“!

Заменик-претседателката на Комитетот на Врховната Рада (украинскиот парламент) за национална безбедност и одбрана, Маријана Безугла, изјави дека „врховниот командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни, нема воен план за 2024 година и затоа мора да замине“.
– Да, врховниот командант на украинските вооружени сили не можеше да даде план за 2024 година. Ниту голем ниту мал, ниту асиметричен ниту симетричен. Едноставно, армијата рече дека треба да одземаат најмалку 20.000 граѓани месечно, рекла Безугла, алудирајќи на „нејавната дискусија“ со армијата – пишува украинскиот медиум „Страна“.
Според анализата на медиумот, „овој проблем пораснал во текот на летото и во штабот и во парламентот при планирањето на буџетот за 2024 година“.
– Оваа дискусија беше приватна, но тензијата порасна и сега ситуацијата е таква што ако военото раководство не може да претстави никаква идеја за 2024 година, сите негови предлози за мобилизација се сведуваат на тоа дека се потребни повеќе луѓе, без трошка предлог и промени во вооружените сили на Украина, па затоа таквото раководство мора да си замине – и во форма на писмено обраќање напиша заменик-претседателката на Комитетот на Врховната Рада (украинскиот парламент) за национална безбедност и одбрана, Маријана Безугла.
Во секој случај, треба да се нагласи дека споменатата пратеничка Безугла е позната како личност што редовно дава остри изјави и со својот израз „ги носи работите на работ на инцидент“. Но, овој пат, украинските медиуми издвојуваат дека пратеничката Безугла не истапува со изјавата како „слободен стрелец“, туку се анализира дека „тешко би се одлучила за вакви обвинувања без согласност на Кабинетот на претседателот и лидерот на фракцијата“, пишуваат неколку украински медиуми.

Украинските медиуми бележат растечки контрадикторности меѓу военото и политичкото раководство на земјата

– И ова е показател дека противречностите меѓу военото и политичкото раководство во заднината на неуспехот на офанзивата на украинските вооружени сили и општата тешка ситуација на фронтот сè уште се влошуваат. Згора на тоа, судејќи по изјавата на Безугла, претседателот би можел да се обиде да го направи Залужни одговорен за тоа – пишува украинскиот медиум „Страна“.
Врховниот командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни, сѐ уште не ги коментирал обвинувањата против него. Без коментар го остави и повикот на Зеленски да не се занимава со политика и да ја почитува хиерархијата.
Во својата анализа, украинскиот медиум „Страна“ се прашува „до кога ќе трае молкот на врховниот командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни“, додавајќи дека тој „веројатно има што да одговори на сите овие изјави“.

Прозападниот активист Александар Леменов: Владата во Киев навистина ќе се смени, но не во руска, туку во воена!

Војската ќе дојде на власт во Украина, се закани познатиот прозападен активист Александар Леменов на својата страница на социјалната мрежа, пренесува споменатиот медиум „Страна“. Така тој ги коментираше зборовите на украинската пратеничка од партијата Слуга на народот, Маријана Безугла, дека врховниот командант Валериј Залужни треба да поднесе оставка.
– Владата во Киев навистина ќе се смени, но не во руска, туку во воена – напиша Леменов.
Според него, некои во Киев забораваат дека фронтот сè уште не се распаднал благодарение на армијата, а не на народните претставници (пратеници).
Во исто време, тој предвиде губење територија за Украина.
– Тие ќе го завршат натпреварот. Ќе изгубиме повеќе територија – заклучи Леменов.
Претставникот на Володимир Зеленски во Врховната Рада, Фјодор Вениславски, ја критикуваше Безугла, нарекувајќи го нејзиното однесување „неприфатливо“.
Несогласувањата меѓу
политичкиот и воениот врв на Украина регистрирани и во западните реномирани медиуми

За потсетување е фактот дека голем број украински и западни медиуми пред оваа „запалива изјава“ на заменик-претседателката на украинскиот парламент пишуваа за можен конфликт меѓу Зеленски и врховниот командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни.
Ситуацијата навистина ескалира по неодамнешното големо интервју на Залужни за британски „Економист“, каде што тој јавно зборуваше за неуспехот на украинската летна офанзива, недостигот од западно оружје и потребата да се изградат цврсти одбранбени позиции во случај на обиди за руски контранапади, т.е. новата руска офанзива.
Пред тоа, „Вашингтон пост“ напиша дека Залужни, кој е популарен меѓу украинските граѓани, може да претставува закана за Зеленски доколку одлучи да започне политичка кариера.

Од друга страна, информираната украинска телеграмска платформа Легитимни, коментирајќи ги резултатите од неодамнешниот состанок на штабот на врховниот командант во Кабинетот на претседателот на Украина, пишува дека недостигот од воен успех доведува до несогласувања меѓу политичкото и военото раководство во Киев. Претседателот Володимир Зеленски ја обвинува армијата за колапсот на контраофанзивата и „внатрешната саботажа“, што доведе до тоа украинската армија да почне да се брани. Во исто време, генералите објаснија дека понатамошните офанзивни операции се невозможни поради претрпените загуби.
Неодамна, Володимир Зеленски во интервју за британски „Тајмс“ за првпат јавно, иако релативно благо, го критикуваше Залужни, велејќи дека тој како професионален војник не треба да се меша во политиката.

Р.Н.М.


Нов случај што дополнително ја компликува ситуацијата во врвот на политичкото и военото раководство во Киев

Затруена сопругата на шефот на украинската воена разузнавачка служба

Маријана Буданова, сопруга на шефот на украинската воена разузнавачка служба, Кирил Буданов, била затруена, јавуваат украинските медиуми.
Оваа вест ја потврди претставник на воената разузнавачка агенција (ХУР) за „Киев индипендент“, но истакнува дека моментално не смее да излезе со детали во јавноста.
Украинскиот медиум „Бабел“ објави дека Буданова е хоспитализирана поради труење со тешки метали, повикувајќи се на извори од военото разузнавање.
Претставник на ХУР ја потврди оваа информација за „Киев индипендент“. Извор што протече од ХУР изјавил дека отровните материи пронајдени кај Буданова не се користат во секојдневниот живот и во воените работи, што укажува на намерен обид за труење.