Нападите со дронови врз три трговски брода во Црно Море во рок од само два дена повторно ги ставаат во преден план економските ризици што војната може да ги префрли врз Романија. Трошоците за транспорт и осигурување може да се зголемат, а поскапувањето може да се одрази врз цените на стоките, како на житото така и на суровините. Во исто време пристаништето Констанца привремено може да добие дополнителен товарен сообраќај од стоки пренасочени од Украина, но ризикува да ја изгуби конкурентноста ако несигурноста во регионот стане трајна. Аналитичарите со кои контактирал „Адеварул“ предупредуваат на можно поскапување доколку ваквите инциденти прераснат во модел.
– На краткорочен план, влијанието врз романската економија е ограничено. Вистинскиот ризик се појавува доколку овие напади станат зачестени и Црно Море почне да се доживува како зона со висок ризик – изјавува аналитичарот на податоци Силвиу Гресој за „Адеварул“.
При вакво сценарио, премиите за осигурување на бродовите и товарите може да се зголемат, а бродосопствениците да побараат повисоки тарифи за превоз. Дел од овие трошоци подоцна може да биде префрлен врз увозниците и извозниците, а во зависност од производот и пазарните услови, и врз потрошувачите.
– Да. Трошоците за транспорт и премиите за осигурување може да се зголемат, а дел од овие трошоци може да се префрли во цените на стоките и житото. Доколку ситуацијата продолжи, може да биде засегната и атрактивноста на рутите преку пристаништето Констанца – објаснува Гресој.
Процесот на поскапување веќе започна
Финансискиот аналитичар Раул Путиљан исто така смета дека процесот веќе е започнат, но предупредува дека ефектот нема да биде еднаков за сите видови товари.
– Да, и процесот веќе започна. Но ефектот не е еднаков. Прво е осигурувањето. Премијата за воен ризик се зголеми – за челикот достигна 10–15 долари по тон, а осигурувањето е еден-два отсто од вредноста на товарот, што е неколкупати над нормалното. На тоа се додаваат повисоки возарини и отклонувања по подолги рути. Важно е каде запира трошокот. При увоз на гориво или ѓубрива, го плаќа потрошувачот. Кај житото е обратно: цената се формира на меѓународните берзи, па дел од тоа го презема романскиот земјоделец преку пониска цена на самото место. Лебот не поскапува, но маржите на земјоделците се намалуваат – изјавува Путиљан за „Адеварул“.
Ефектот врз цените зависи од видот на стоката и од тоа каков дел од дополнителните трошоци може да се префрли по трговскиот синџир. Нафтените деривати, ѓубривата и другите суровини што се превезуваат по море се меѓу стоките кај кои дополнителните транспортни и осигурителни трошоци полесно можат да стигнат до крајниот купувач. Кај житото механизмот е различен. Романските земјоделци продаваат на пазар каде што цените се под влијание на меѓународните котизации. Доколку транспортот до пристаништето стане поскап, дополнителниот трошок може барем делумно да биде преземен од производителот преку пониска цена за стоката.
– Кај житото е обратно: цената се формира на меѓународните берзи, па дел од тоа презема романскиот земјоделец преку пониска цена на лице место. Лебот не поскапува, но маржите на земјоделците се намалуваат – вели Путиљан.
Финансискиот аналитичар Адријан Негреску исто така обрнува внимание дека последиците може да се прошират во економијата преку логистичките трошоци. – Пораката до економијата е јасна: Црно Море веќе не е само зона на конфликт меѓу Русија и Украина туку и простор во кој ризикот се прошири до самото крајбрежје на Романија – изјавува тој.
Пристаништето Констанца – меѓу можноста и ризикот
Пристаништето Констанца се наоѓа во парадоксална позиција. Од една страна, војната во Украина го претвори романското пристаниште во важна рута за стоки што веќе не можат да се транспортираат во нормални услови преку украинските пристаништа. Од друга страна, истата несигурност што носи дополнителен товарен тек може да ги натера бродосопствениците да го избегнуваат регионот доколку ризиците прекумерно се зголемат
– Кај Констанца постои парадокс. Во краткорочен план тоа добива и ги презема пренасочените товари. Но транспортот до пристаништето станува поскап и тоа ја поткопува неговата конкурентност – изјавува Путиљан за „Адеварул“.
Негреску посочува дека пристаништето Констанца веќе има централна позиција во надворешната трговија на Романија.
– Пристаништето Констанца е морската порта на романската економија. Констанца концентрира над 95 отсто од товарите натоварени и растоварени во морските пристаништа на Романија. А речиси две третини од товарите натоварени тука се земјоделски производи – изјавува аналитичарот.
Преку Констанца се извезуваат значителни количества жито, а пристаништето се користи и за увоз на нафта и дел од суровините потребни за индустријата.
– Со други зборови, Црно Море е патот по кој романската пченица, пченка и сончоглед заминуваат кон Египет, Турција или Шпанија. По истиот пат доаѓаат нафтата и дел од суровините што ѝ се потребни на индустријата. секое прекинување на овој пат директно ги погодува земјоделството, извозот и, на крајот, трговскиот биланс – објаснува Негреску.
Засега нема докази дека бродосопствениците почнале да ги откажуваат своите посети на Констанца по нападот од 5 октомври. Сепак, пристаништето излегува од година во која сообраќајот веќе е намален. Вкупниот сообраќај во 2025 година се намалил на 67 милиони тони во споредба со 77,5 милиони тони претходната година и рекордните 92,6 милиони тони во 2023 година. Кај житото обемот се намалил на 18,3 милиони тони во споредба со 36 милиони тони во 2023 година.
– Парадоксот е што нестабилноста во краткорочен план може да донесе повеќе товари во Констанца. Кога украинските пристаништа се нападнати, Констанца повторно станува резервна рута за украинскиот извоз. Но оваа предност постои само додека Констанца останува безбедна. Доколку бродосопствениците почнат да го избегнуваат целиот регион на Црно Море, Романија го губи како украинскиот транзит, така и дел од сопствениот извоз – предупредува Негреску.
Романија може да плаќа „воен данок“ без да е во војна
Економскиот ризик не е поврзан само со евентуално еднократно поскапување. Доколку инцидентите станат зачестени, компаниите може да почнат постојано да го вклучуваат ризикот од Црно Море во своите пресметки.
– Во долгорочен план, трајната несигурност може да доведе до одложени инвестиции, повисоки оперативни трошоци и повисока премија за ризик за целиот регион на Црно Море – вели Гресој.
Путиљан смета дека моментот во кој инвеститорите го менуваат своето однесување главно е поврзан со времетраењето на ризикот.
– Зависи дали се работи за изолирани инциденти или за модел. Инвеститорите реагираат на постојаноста, а не на еден единствен напад. Доколку ризикот се утврди во економските зони на земјите од НАТО, се појавува постојана премија за ризик за проектите во регионот: пристаништа, логистика, офшор енергетика.
Постои и спротивна страна. Истата несигурност ги забрзува инвестициите во одбраната и ја засилува улогата на Констанца за обновата на Украина. Во долгорочен план, регионот не станува непривлечен за инвестиции. Тој станува поскап за осигурување и поселективен. Трошокот за Романија не доаѓа во форма на шок, туку како постојан ризичен данок врз сè што поминува по море – изјавува Путиљан.
И според Гресој, клучниот фактор е времетраењето на феноменот, а не поединечниот инцидент.
– Да. Во долгорочен план, трајната несигурност може да доведе до одложени инвестиции, повисоки оперативни трошоци и повисока премија за ризик за целиот регион на Црно Море – вели аналитичарот.
Влогот го надминува товарниот сообраќај
За Романија прашањето е уште поважно, бидејќи Црно Море има стратешка улога во економските планови за следните години. Регионот не значи само транспорт на товари туку и енергетика, инфраструктура и инвестиции во офшор проекти. Негреску смета дека нападот извршен во близина на романска нафтена платформа треба да се разгледува и од оваа гледна точка.
– Најголемиот влог не се денешните трошоци, туку утрешните инвестиции. Фактот што првиот напад се случи во близина на романска нафтена платформа не е детаљ. Црно Море е местото каде што Романија ја гради својата енергетска иднина преку експлоатација на гас во морето и местото каде што Констанца треба да прерасне во регионален логистички центар – изјавува тој.
Инвестициите во вакви проекти се реализираат на долги периоди, а компаниите мора да ги проценуваат трошоците и ризиците многу пред фактичкиот почеток на градбата.
– Инвеститорите, бродосопствениците и логистичките компании носат одлуки за децении однапред. Кога одредена зона ќе стане непредвидлива, тие одлуки се одложуваат или се преместуваат на друго место. Осигурителите бараат повисоки премии, банките бараат поголеми гаранции, а проектите стануваат поскапи уште пред да започнат – објаснува Негреску.
Што ќе се случи ако нападите продолжат
Во овој момент сценариото не е блокада. Пристаништето Констанца функционира, а територијалните води на Романија остануваат надвор од зоната со максимален ризик. Проблемот настанува доколку нападите врз трговските бродови од изолирани инциденти прераснат во зачестена појава. Во таков случај, дополнителните трошоци нема да останат само во транспортниот сектор. Тие може да се префрлат врз увозот, извозот, земјоделството, индустријата и во одредени случаи врз цените што ги плаќаат потрошувачите.
– Сè уште не сме во сценарио на блокада. Територијалните води на Романија остануваат надвор од зоната со максимален ризик, а пристаништето Констанца функционира нормално. Но ако нападите продолжат и се приближат до нашите брегови, Романија ризикува да плаќа „воен данок“ без да е во војна: поскап транспорт, поскапа храна, помалку конкурентен извоз и одложени инвестиции. Повеќе од кога било, безбедноста на Црно Море е и економско прашање – заклучува Негреску.
































