Заврши годинашното издание на „Преку езерото“

Викендов во Дојран со доделување на наградите свечено беше затворено третото издание на фестивалот на медитеранскиот и балканскиот филм „Преку езерото“. Меѓународното жири, составено од Електра Венаки од Грција, Предраг Пеѓа Милојевиќ од Србија и лауреатот на годинашниот фестивал на наградата „Мето Јовановски“, актерот Владо Јовановски, реши гранприто за најдобар медитерански и балкански филм да го добие грчката дистописка драма „Тишина 6-9“ на режисерот Христос Пасалис. Филмот му припаѓа на новиот грчки т.н. чуден филмски бран, предводен од светската кинематографска ѕвезда Јоргос Лантимос.
Наградата за најдобар краток филм ја доби годинашниот кански победник „Човекот што не знаеше да молчи“ на Небојша Слепчевиќ, кој ни раскажува кратка потресна поствоена драма.
За најдобар режисер на Медитеранот наградата им беше доделена на Александра Лазаровски од Србија, за краткиот филм „Ѕвездена“, социјална драма за две девојчиња во Белград што останале без татко, и на режисерот Ѓорче Ставревски од Македонија, за неговиот краток филм „Дали си маж“, во кој едно дете во Скопје без татко за првпат е ставено на тест на храброста.
Специјално признание од фестивалското жири му беше доделено на филмот „И покрај тоа што е ноќ“ на режисерот Гилермо Гарсија Лопез од Франција.
– Годинава за првпат беше формирано и студентско жири, со цел да им се даде комплетна антиципација на студентите по филм и телевизија. Тие, сосема спротивно на големото жири, одлучија дека најдобра медитеранска приказна е политичката драма „Руски конзул“ на Мирослав Лекиќ од Србија, која се одвива во 1970-тите години во поранешна Југославија. Исто така, студентите имаа извонредна и единствена можност за првпат во Македонија на еден фестивал да ги претстават своите најдобри приказни и да добијат грант за реализација на нивните дипломски филмови. Па така, грантови им беа доделени на четири краткометражни филма, кои ќе се реализираат во следните дванаесет месеци, а македонска премиера ќе доживеат на следното, четврто издание на „Преку езерото“ – велат организаторите на фестивалот.
Годинава исто така за првпат беше организирана работилница за деца и млади, кои активно се запознаваа со проблемот на филмската писменост и стекнаа основни познавања за филмскиот јазик.
Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм и од Општина Дојран.