На националистичките провокации не им е местото во спортот

Ако внимателно ги анализираме сите случувања околу натпреварот помеѓу Шкупи и Левски, можеме да заклучиме дека сите немили настани беа оркестрирани со намера Македонија да се претстави во лошо светло пред Брисел и европските институции. Дека бугарските навивачи дојдоа во Македонија да провоцираат, а не да го бодрат софискиот клуб потврдува и објавата на инстаграм-профилот „Левски фанс офишал“, поставена пред натпреварот и пред преминувањето на македонско-бугарската граница, каде што можевме да ја прочитаме паролата: „Македонија е бугарска“. Исто така не смееме да ги заборавиме и најавите на бугарските навивачи дека во Скопје ќе ги палат македонските и албанските знамиња

Со векови спортот ги обединува луѓето, без разлика на нивната етничка и религиска припадност, како и нивната возраст или пол. Ако погледнеме во минатото, спортот е во антитеза со конфликтот, бидејќи промовира спокој, хармонија, толеранција и дијалог, со други зборови спортот е неразделно поврзан со мирот. Во минатото, кога се одржувала античката Олимпијада во чест на богот Зевс, на секои четири години, било објавувано т.н. олимписко примирје, односно престанувале сите војни помеѓу Хелените, се со цел натпреварувачите да можат безбедно да патуваат од своите градови и да учествуваат на игрите.
Се вели дека спортот има моќ да обединува и да инспирира, не случајно Нелсон Мандела, истакнат јужноафрикански борец за слободата и човековите права, вели дека: „Спортот има моќ да го промени светот. Има моќ да инспирира, моќ да ги обединува луѓето на начин што малку други го прават. Зборува со младите на јазик што го разбираат. Спортот може да создаде надеж таму каде што некогаш има само очај“.
Но многумина како да го заборавија значењето на спортот, а последен таков пример се постапките на бугарските навивачите на фудбалскиот клуб Левски при нивниот престој во Македонија. Уште пред почетокот на фудбалскиот натпревар помеѓу скопски Шкупи и софиски Левски дојде до немил настан во скопски Чаир, кога бугарски навивачи беа нападнати откако им дофрлувале на случајни минувачи. Но апсурдноста не заврши тука, навивачите на фудбалскиот клуб Левски се судрија и ја нападнаа македонската полиција на стадионот „Тодор Проевски“ и за време на натпреварот ширеа отворена македонофобија и албанофобија, како и омраза кон сите припадници на македонскиот и албанскиот народ, велејќи дека Македонија е бугарска земја.

Ако внимателно ги анализираме сите случувања околу натпреварот помеѓу Шкупи и Левски, можеме да заклучиме дека сите немили настани беа оркестрирани со намера Македонија да се претстави во лошо светло пред Брисел и европските институции. Дека бугарските навивачи дојдоа во Македонија да провоцираат, а не да го бодрат софиски клуб потврдува и објавата на инстаграм-профилот „Левски фанс офишал“, поставена пред натпреварот и пред преминувањето на македонско-бугарската граница, каде што можевме да ја прочитаме паролата: „Македонија е бугарска“. Исто така не смееме да ги заборавиме и најавите на бугарските навивачи дека во Скопје ќе ги палат македонските и албанските знамиња.
Екстремниот национализам и расизам не се новина во бугарското општество, тоа беше особено забележливо во текот на квалификацискиот натпревар помеѓу Англија и Бугарија во 2019 година, кога натпреварот беше прекинат поради расистички скандирања од трибините на стадионот „Васил Левски“. За овие случувања, претседателот на Фудбалската федерација на Англија, Грег Кларк, изјави: „Слушнав расистички извици и видов група од 50 луѓе, сите во црно, како прават нешто што личеше на политички фашистички гестови. Зборував со играчите и со стручниот штаб и сите беа видливо вознемирени, но одлучија да го доиграат мечот“.

Во текот на споменатиот квалификациски натпревар во Софија можеби имаше спонтани изливи на расизам, но во нашиот случај станува збор за организирано дејствување од еден центар. Сосема логично се наметнува прашањето кој би можел да биде организаторот и која е крајната цел на немилите настани во Скопје. Ако ги проследиме македонско-бугарските односи во изминативе години и ако ги земеме предвид постојаните изјави што пристигнуваа од Софија дека македонскиот јазик е бугарски дијалект или македонската нација е вештачки создадена во 1945 година, тогаш одговорот на прашањето е едноставен. Организаторите на провокациите не им мислат добро на Македонија и македонскиот народ, тоа се истите оние бугарски екстремни националисти и шовинисти што на картите ја прикажуваат Македонија во рамките на Бугарија. Во таа конотација последните немили настани се само продолжување на провокациите од Софија, кои имаат цел да ги остварат бугарските националистички стремежи повторно да се претстави Македонија во црно светло и да се блокира нејзиниот пат кон Европа.