Брзото одење нема само да ве одведе побрзо до вашата дестинација, истражувањата сугерираат дека исто така може значително да ги намали вашите шанси за развој на дијабетес тип 2. Зголемувањето на темпото до шест километри на час може да го намали ризикот за 39 проценти, пишува „Дејли мејл“.
Експертите велат дека тоа е нешто што секој може да го направи во секојдневниот живот за да го запре потенцијалниот развој на дијабетес.
Меѓународен тим на истражувачи, вклучувајќи и од колеџот „Империјал“ во Лондон, сакаше да ја одреди оптималната брзина на одење што ќе ја спречи болеста.
Тимот откри дека одење со брзина помеѓу три километри на час и пет километри на час го намалува ризикот од дијабетес тип 2 за 15 отсто во споредба со одење со темпо помало од три километри на час. Ризикот дополнително се намалува со побрзо темпо, со доста брзо одење помеѓу пет километри на час и шест километри на час поврзано со 24 отсто помал ризик.

Оние што оделе со брзина поголема од шест километри на час имале 39 отсто помал ризик да заболат од оваа болест, според наодите објавени во „Бритиш џрнал оф спортс медисин“.
Тоа може да се случува затоа што луѓето што одат побрзо имаат поголема веројатност да бидат во подобра форма, поголема мускулна маса и подобро целокупно здравје. Брзото одење е добро и за губење на тежината, што помага да се подобри чувствителноста на инсулин.
– Иако сегашните стратегии за зголемување на вкупното време на пешачење се корисни, можеби е разумно да се охрабрат луѓето да одат со поголема брзина за дополнително да ги зголемат здравствените придобивки од одењето – заклучува тимот од истражувачи.