Манифестацијата „Читај ја Македонија!“ успешно реализирана во Москва

Во културниот центар „Фазил Искандер“ во престолнината на Русија неодамна се одржа традиционалната манифестација „Читај ја Македонија“, во организација на Здружението „Македонски културен центар“-Москва.
Гости на настанот беа деца од 12-13 години, кои заедно со нивните наставници имаа можност да се запознаат со дел од македонската литература за деца.
Претседателката на МКЦ-Москва, Олга Панкина, која повеќе години успешно го реализира овој настан, на почетокот ги запозна децата со историјата на словенското писмо, истакнувајќи ја улогата на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј.
– Панорамски беа претставени македонските класици Блаже Конески, Славко Јаневски, Анте Поповски, Матеја Матевски, Ванчо Николески и Видое Подгорец, сѐ до современите автори, со акцент на оние што пишуваат за деца: Киро Донев, Горјан Петревски, Билјана Станковска, но и најмладите автори Натали Спасова и Хана Корнети. Особено внимание му посветивме на романот „Другата мајка“ на Драгица Најческа, кој во мој превод е објавен во Русија -информира Панкина.

Поезијата на Бошко Смаќоски, Васил Пујовски, Волче Наумчески, Васил Куновски, Цане Андреевски, Стојан Тарапуза, Киро Донев и Панде Манојлов наиде на воодушевување кај децата, но и кај возрасната публика. Низа песни од споменатите автори се застапени и во реномираното списание „Иностранаја литература“.
Глумците од театарот „Город“ пред публиката на извонреден начин ги претставија песните од македонските писатели, но и приказните „Силјан Штркот“ и „Детето со ѕвезда на челото“ во превод на руски. Сите заинтересирани присутни, пак, имаа можност бесплатно да добијат книги од македонски автори.
На средбата беше изведена македонска народна музика, а беа прикажани и видеоматериjали за културата и природните убавини на Македонија.
Во рамките на настанот, во фоајето на центарот „Фазил Искандер“ е поставена и изложба на книги на македонски автори преведени на руски јазик од преведувачката, писателка и сликарка Олга Панкина, која ќе биде отворена за посетителите до крајот на мај.

На ова случување му претходеше конкурс за деца и родители, насловен „Слушаме и цртаме македонски приказни“, на кој деца од 3 до 14 години создаваа слики според мотивите на „Силјан Штркот“ и приказните за Итар Пејо, како и според книгата со македонско народно творештво „Детето со ѕвезда на челото“. Целта е македонското фолклорно богатство соодветно да им се прикаже и да им се доближи на децата во Русија.

Ф.Д.