ООУ „Кочо Рацин“ од Скопје во посета на збратименото училиште „Вук Караџиќ“ во Белград
По повод манифестацијата „Вуково путовање светом“ („Патувањето низ светот на Вук“), во чест на патронот на училиштето „Вук Караџиќ“ во Белград, свое гостување и претставување имаше скопското збратимено училиште „Кочо Рацин“ од општината Центар. Белград го посетија ученици, наставници и претставници на Општината. Датумот на одржување на манифестацијата се совпадна со одбележувањето на Денот на планетата Земја, а учествуваа триесетина држави од Европа и од светот.
Секоја од училишните екипи, на специјално направени штандови во дворот на училиштето, презентираше автентични продукти и атрактивни природни убавини преку кои нивните земји се најпрепознатливи во светот.
Македонскиот штанд, на овој необично жив и исполнет со радости ден, беше еден од најатрактивните и најпосетените. Учениците од ООУ „Кочо Рацин“, кои беа и специјални гости на збратименото училиште во Белград, беа облечени во македонски народни носии, а на креативно дизајнираниот штанд на гостите им понудија грст македонски традиционални производи, меѓу кои најголем интерес кај сите гости предизвика понудата на далеку познатиот македонски ајвар.
– Но не само храната туку и другите производи, сите внимателно дизајнирани со македонска орнаментика, како и неколку добро осмислени креативни игри во кои на гостите им беа претставени сите природни убавини и богатото културно наследство на нашата држава, придонесоа македонскиот штанд да биде најпосетен и најатрактивен – велат од училиштето.
Следниот ден учениците од ООУ „Кочо Рацин“ го посетија Културно-информативниот центар во Белград, каде што имаа топол пречек од директорот на КИЦ, Васко Шутаров, кој ги запозна со работата на организацијата. Учениците, благодарение на Фондацијата „Нушиќ“ имаа можност подетално да го запознаат Белград, преку организирано дефиле, кое започна во Народната банка на Србија и заврши во просториите на Фондацијата, каде што нивен домаќин беше Небојша Нушиќ.
Директорката на ООУ „Кочо Рацин“, Гордана Јаневска, која пред четири години беше и потписник на документот за збратимување на двете училишта од Општина Центар и Општина Стари Град во Белград, имаше неколку свечени обраќања во овие два празнични дена во Белград, а беше дел и од медиумското претставување на оваа манифестација за заинтересираните претставници на медиумите во Србија.
Ф.Д.


































