На меѓународен музички натпревар во Трст, Италија
- Кога ученикот не само што учи туку и сонува преку музиката, тогаш секој успех има уште поголема тежина, вели неговата професорка Ивана Јанаќиева
Тринаесетгодишниот Благој Тодоров, ученик во осмо одделение во основното музичко-балетско училиште „Лазо Мицев-Рале“ во Кавадарци, постигна голем успех на неодамнешниот меѓународен музички натпревар „Ангелски глас“ (Angel voise), кој се одржа во Трст, Италија. Тој во категоријата пијано, под менторство на професорката Ивана Јанаќиева, во силна конкуренција на натпреварувачи од Литванија, Шпанија, Италија, Малта, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Србија и други земји ја освои престижната награда „лауреат“, со освоени 98 поени. Со својата музикалност, техника и сценска зрелост, Благој остави силен впечаток кај жирито и кај публиката, со изведбата на дела од класичниот репертоар: Соната бр. 16 во Ц-дур од Волфганг Амадеус Моцарт (прв став) и композицијата „Сон и игра“ од српскиот композитор Исидор Бајиќ.
Натпреварувачите настапуваа на големата сцена на театарот „Миела“ во центарот на Трст, што претставуваше особено значајно искуство за младите изведувачи. Утредента на истата сцена се одржа и свеченото доделување на наградите во присуство на многубројна публика.
Дружбата на Благој Тодоров со пијаното и музиката започнува на осумгодишна возраст, под менторство на Ивана Јанаќиева. Денес, кога тој е 13-годишник, професорката во него гледа дете што полека но сигурно се претвора во млад уметник, кој расте не само во техничката изведба туку и духовно низ музиката. Изминативе години за Благој не беа само часови и часови вежбање туку и процес на градење самодоверба, разбирање и заедничка љубов кон пијаното.
– Овој успех го доживувам како заеднички, значаен во образовниот развој на Благој, но важен и за мојата професионална кариера, како музички педагог по инструментот пијано. Чекор по чекор заедно одиме по овој пат исполнет со предизвици, но и со многу убави моменти. Особено ме радува неговата искрена желба музиката да биде дел од неговата иднина, да продолжи да се надградува во средно музичко училиште, а потоа и на факултет. Кога ученикот не само што учи туку и сонува преку музиката, тогаш секој успех има уште поголема тежина. Верувам дека ова е само почеток на убава и успешна иднина за Благој Тодоров – вели неговата професорка Ивана Јанаќиева.
Ми.М.

































