Фото: ЕПА

Повод: Изјава на бугарската претседателка Илијана Јотова дека Бугарија „нема да се откаже од Бугарите“ во Македонија и „ќе продолжи да ги штити нивните права“

  • Загадочен остана „центарот на силна светска моќ“ што извршил притисок врз Софија (некоја сила, секако голема), а кој во својата јавна изјава индиректно го откри бугарската претседателка Илијана Јотова. Бугарскиот државен врв веројатно ги протолкувал неговите политики дека „Бугарија треба да се откаже од своите сонародници надвор од државните граници, вклучително и нивните индивидуални и колективни права во соседните држави“. (?!) Јотова испрати јавна порака до засега анонимниот моќник дека „нема да се откаже од Бугарите“ во Македонија и дека „ќе продолжи да ги штити нивните права“. Овој нејзин чекор веројатно е воден од страв од некој помоќен центар, но и од фактот што таа и државниот врв се сведоци на идентичен пример што веќе им се случи на Македонија и на Македонците што живеат надвор од матичната држава (пр. Бугарија или Грција). Во наплив на емоционална амбиваленција, односно на спротивставени емоции (привлечност и одбивност, желба и страв…) таа реши јавно да му се спротивстави на тој загадочен центар.
    Рака на срце, официјално Скопје сигурно ја поддржува во овие нејзини ставови, но голема е веројатноста некоја „голема светска сила“ да сака да ѝ покаже на Софија дека она што ѝ го прави бугарската официјална политика на Македонија „не може самата Бугарија да почувствува колку боли додека не го почувствува таа самата на својот грб“…
  • Додека Јотова од Петрова Нива говори за „заштита на Бугарите“ во Македонија и за „заедничка историја“, Софија и натаму одбива да го признае македонското малцинство во бугарската држава, а европските стандарди ги применува селективно

По кратко затишје, повторно Македонија е во фокусот на бугарската политика. И повторно истата матрица, секогаш кога на бугарските политичари им е потребна тема со која ќе ја мобилизираат јавноста и ќе собираат политички поени, најлесно е да се посегне по Македонија, по македонските Бугари и по тезата за „заедничката историја“. Последниот пример доаѓа од бугарската претседателка Илијана Јотова, која од Петрова Нива порача дека Бугарија „нема да се откаже од Бугарите во Република С. Македонија и ќе продолжи да ги штити нивните права“.

На прв поглед, станува збор за порака за заштита на човековите и малцинските права. Но проблемот е што зад ваквите пораки со години се провлекува една многу поширока политичка агенда, претставување на Македонија како држава во која наводно се загрозени правата на Бугарите, додека истовремено Бугарија одбива да се соочи со прашањето за правата на Македонците на својата територија.

Тоа отвора едно едноставно прашање: ако навистина станува збор за принципиелна грижа за малцинските права, тогаш зошто истиот принцип не важи и за Македонците во Бугарија?

Кога политичките поени се бараат преку Македонија

Македонија одамна е погодна политичка тема за Софија. Со неа може да се испраќа порака до домашната јавност, да се мобилизира националното чувство и да се гради политички капитал без притоа да се отвораат непријатните прашања за сопствените стандарди во областа на малцинските права.

А реалноста во Македонија е многу поинаква од сликата што често се обидуваат да ја создадат бугарските политичари.

Сите граѓани во државата ги уживаат уставно загарантираните права, вклучително и оние што се изјаснуваат како Бугари. На тоа неодамна потсети и премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека правата на сите граѓани се гарантирани и дека државата мора да биде еднаква кон сите.

За состојбата со малцинските права, впрочем, не треба да се потпираме само на политичките изјави од Скопје или од Софија. Постојат извештаи и оценки на релевантни меѓународни институции што со години ја следат состојбата во Македонија и ги оценуваат механизмите за заштита на заедниците. Македонија има воспоставено широк систем на права за различните заедници, а во повеќе области ги надминува минималните европски стандарди.

Затоа, кога од Софија повторно се испраќа порака дека треба да се „заштитуваат“ Бугарите во Македонија, логично е да се постави и огледалото кон другата страна.
Бидејќи Бугарија, и покрај своето членство во Европската Унија, со години одбива да признае постоење на македонско малцинство на својата територија. Македонските здруженија се соочуваат со сериозни пречки при регистрацијата, а Бугарија е критикувана и поради неспроведувањето на пресуди на Европскиот суд за човекови права поврзани со правата на македонските организации.

Тука веќе не станува збор само за политичко толкување на историјата. Станува збор за принципот на еднакви стандарди.

„Заедничката историја“ како политички инструмент

Илијана Јотова – Фото: ЕПА

Уште посимптоматично е местото од кое Јотова ја испрати својата порака. Петрова Нива не е случаен избор. Одбележувањето на нивното Илинденско-преображенско востание во бугарскиот историски наратив има свое значење, а со неговото поврзување со Македонија се испраќа порака дека борбата на македонското население од почетокот на 20 век треба да се толкува низ бугарската историска рамка. (?!)

Токму затоа повторувањето дека „историјата ни е заедничка“ не може да се гледа изолирано од пошироките политички пораки што доаѓаат од Софија. Наметнувањето „заедничка историја“ станува политичко насилство со кое се оспорува посебноста на македонскиот народ, јазик и државност и тогаш станува збор за нешто сосема друго.
Во тој контекст Софија ги отвора и прашањата за темелите на современата македонска државност. Илинденското востание, АСНОМ и референдумот за независност во 1991 година се клучни точки во македонското државотворно наследство. Обидот тие процеси да се стават во исклучиво бугарска историска рамка неминовно отвора дилема дали целта е да се релативизираат и деноминираат и коренот и континуитетот на македонската државност.

А кога на тоа ќе се додаде фактот дека официјална Софија и натаму не го признава македонскиот народ како посебен народ, не го признава македонскиот јазик како посебен јазик и има сериозни проблеми со прифаќањето на посебниот македонски историски наратив, тогаш станува многу потешко да се поверува дека станува збор само за грижа за правата на една заедница.

Зашто правата на Бугарите во Македонија не се доведени во прашање само затоа што некој во Софија така ќе каже. Тие се загарантирани со Уставот и законите на државата.

Она што, сепак, останува како отворено прашање е дали истата логика ќе важи и за Македонците во Бугарија.

А токму тука се гледа суштинската разлика. Македонија не бара од своите граѓани да се откажат од својата етничка припадност за да ги уживаат своите права. Бугарија, пак, и по повеќе децении членство во европските институции, сè уште се соочува со сериозни критики во однос на признавањето и практикувањето на правата на Македонците.

Затоа и секоја нова порака од Софија за „заштита“ на Бугарите во Македонија треба да биде проследена со едно дополнително прашање: кој ги штити правата на Македонците во Бугарија?

Тоа е прашањето на кое бугарската политика сè уште нема убедлив одговор.
И додека тој одговор го нема, секоја нова политичка порака за Македонија, „заедничката историја“ и наводната загрозеност на Бугарите во земјава повеќе личи на добро познат политички рефлекс отколку на принципиелна европска политика за човекови и малцински права.

Македонија може да разговара за историјата, за отворените прашања и за иднината. Но не може да прифати да се користи историјата како инструмент за нејзино политичко и идентитетско преобликување.

А уште помалку може да се очекува од Македонија да прифаќа лекции за малцински права од држава што и самата не ги применува истите стандарди кога станува збор за Македонците на својата територија.