Мотивот да направиш нешто повеќе со некој што почнува со кариерата и желбата тој да одлета во светот на музиката од твоето креативно гнездо ја носат инспирацијата за креирање нешто ново, нешто свежо, на едно многу повисоко ниво. Така, извлекувајќи го, всушност, најдоброто од младиот артист, ти го даваш и своето најдобро, вели Александар Масевски

Александар Масевски, композитор и продуцент, автор на евровизиската песна „Circles“

Познатиот македонски композитор и продуцент Александар Масевски, кој љубовта кон музиката ја носи во гените, повеќе од 30 години е присутен на македонската, но и на европската музичка сцена. Соработувал со најпознатите македонски пејачи: Тоше Проески, Мартин Вучиќ, Тамара Тодевска, Даниел Дан, Горан Папаз, Нина Јанева, Калина Велковска, Сања Лефкова, Мина Блажев, Мартија Станојковска, но и со странските ѕвезди Елен Хелмус, Ни Јинг и други. Масевски, кој има повеќекратно евровизиско искуство, е автор и на песната „Circles“, со која Андреа Коевска на 12 мај, на втората полуфинална вечер, во Торино, Италија, ќе ја претставува Македонија на „Евровизија 2022“. Непосредно пред заминувањето, со него поразговаравме за текот на подготовките, но и за очекувањата од нашето годинашно учество на овој престижен фестивал.

Има уште десетина дена пред почетокот на „Евровизија 2022“, дали се чувствувате подготвен?
– Со оглед на фактот дека десетина дена нѐ делат од второто полуфинале во кое ние учествуваме, возбудата рапидно расте. Претходните евровизиски искуства генерално помагаат во делот на обврските што таму ме очекуваат и на некој начин го елиминираат факторот на непознато, но сепак секое ново доживување е приказна за себе и тоа е она што мотивира. Чувството е убаво и подготвен сум. Останува само уште да ја наместиме сценско-звучната слика во Торино и со Господ напред.

Веројатно, песната „Circles“ од победата на домашниот „Евросонг“ претрпи некои промени, дали сте задоволен како звучи сега?
– Задоволен сум. Песната не претрпи некои големи промени, малку ја освежив и ја зачував атмосферата, која сметав дека е во служба на начинот на кој Андреа ја постави својата изведба. Конечно ова е песната што беше избрана да нѐ претставува и секоја порадикална промена, за што лично сметав дека е непотребна, ќе ѝ дадеше еден тотално друг тон и ќе направеше слика на една тотално нова песна. А јас и Андреа немавме намера, а ниту желба да го направиме тоа. Сакавме песната да ја задржи душата на првичната верзија.

На почетокот на вашата музичка кариера бевте пред времето, дали стилски, продукциски и, генерално, она што сега го создавате е во духот на времетo во кое живееме?
– Мислам дека сега креирам во духот на времето во кое живееме, но би сакал да додадам дека начинот на кој јас ја креирам својата звучна слика, или ако сакате својата продукција, е базирана на сопствен пристап во процесот и никогаш нема да биде целосно иста како оние што секојдневно сме навикнале да ги слушаме. Таа секогаш ќе го носи мојот потпис, впрочем, како и песните што ги компонирам.

Kаде сме ние во целата евровизиска музичка приказна годинава?
– Сметам дека има добри песни на годинашната „Евровизија“. Но ајде да бидеме искрени, не е само квалитетот на песната пресуден за добар пласман. Има тука и многу други фактори, на кои, за жал, не можеме да влијаеме. Нашата песна добива многу позитивни коментари, но колку тоа ќе се рефлектира конечно преку влез во финале или повисок пласман не би сакал да прогнозирам, зашто „Евровизија“ е многу непредвидлив настан. Наскоро, секако, ќе знаеме каква ни била среќата.

Андреа вели дека вие функционирате одлично како тандем. Колку тоа што сте на иста бранова должина ви помогна полесно да стигнете до она што го посакувате?
– Секако дека кога си музички на иста фреквенција со артистот со кој работиш е чекор напред кон остварување на своите цели. Ние работиме повеќе од три години заедно и навистина понекогаш дури и си ги читаме мислите. Основното што нѐ спојува, всушност, е склоноста кон исти стилови на музика и тоа е она што иницијално дава соодветна магија во соработката.

Познат сте по соработката со млади интерпретатори. Колку таа размена на енергии ви помага да го извлечете најдоброто од себе, но и од пејачот, со кој соработувате?
– Точно, соработката со млади артисти ми е на некој начин предизвик. Мотивот да направиш нешто повеќе со некој што почнува со кариерата и желбата тој да одлета во светот на музиката од твоето креативно гнездо ја носат инспирацијата за креирање нешто ново, нешто свежо, на едно многу повисоко ниво. Така, извлекувајќи го, всушност, најдоброто од младиот артист, ти го даваш и своето најдобро. Размената на енергија е совршена и работата тече како подмачкана.

На почетокот имаше реакции за тоа дека Андреа ќе пее на англиски јазик. Според вас, татковината се промовира пред сѐ со квалитет, зар не?
– Апсолутно, само и само со квалитет. Зар е важно на кој јазик се пее, зар некој смета дека ако песната беше на македонски јазик, оние обожаватели од Лондон, Мадрид и од Тел Авив ќе го разбереа текстот и ќе ја пееја истата таа од збор до збор, од почеток до крај?! Сигурно дека не. А што е тогаш поентата на една песна?! Навистина посакувам што поскоро да се ослободиме од овој тип ретроградни бариери, за да си го направиме сопственото живеење малку полесно.

Со оглед на вашето претходно евровизиско искуство, очекувате ли во Торино да се отвори уште некое креативно прозорче, што ќе биде значајно за вашата кариера?
– Сѐ е можно. Со секое ново познанство е можно да се отворат и нови шанси за соработка. Но без разлика дали ќе има нови можности за бенефиции од аспект на кариерата, запознавањето нови луѓе е придобивка само по себе.

„Евровизија“ не е само аудиофестивал туку и вистински спектакл. Во тој контекст, го одврза ли МРТ ќесето за што повпечатлив настап на евровизиската сцена?
– Андреа интензивно се подготвува, особено во делот на унапредување и усовршување на изведбата на песната, како и на нејзиното движење на сцена. Во однос на сценскиот настап по ковид-кризата, МРТ си ја пушти ногата колку што ѝ е чергата. Целиот тим околу Андреа го дава својот максимум на секој можен начин да придонесе за проектот да ја добие онаа достоинствена нота на претставување на Македонија.

Која е пораката што ќе ја испратите до евровизиските обожаватели во нашата земја, кои од срце ќе навиваат за Андреа?
– На обожавателите и на медиумите што нѐ поддржуваат би сакал од сѐ срце да им се заблагодарам за поддршката и да им порачам да ни ја пуштат таа позитивна енергија во Торино. Сигурен сум дека Андреа ќе го почувствува тоа кога ќе застане на големата сцена.