Фото: Пиксабеј

Дигиталниот свет стана дел од нашата општа реалност и не треба да се забранува, психологот-консултант вели Марија Миркуловска, но додава и едно „но“. Малите деца, според неа, сепак треба да имаат ограничувања за негово користење. Употребата на паметните телефони значително влијае на раното формирање на личноста, а прекумерната употреба може да доведе до сериозни здравствени проблеми

Дебата меѓу експертите и родителите на темата „Мобилните телефони и децата“

Децата и мобилните телефони се неисцрпна тема за дискусија и истражувања последната деценија, особено кога пиедесталот го презедоа паметните телефони. Копјата изгледа повеќе не се кршат околу тоа дали децата треба да имаат пристап до мобилните, туку кога, како и до какви уреди. Има ли некој универзален водич за тоа кога е најумно децата да почнат да ги користат паметните телефони? Колку време и за што треба да ги користат? Ова се само дел од прашањата на разумни родители, кои се свесни оти паметните телефони доаѓаат со цела низа можни пороци, но и дека од нив зависи социјалната активност на децата, зашто мнозинството комуницираат така.

Нема универзален одговор

– Моите две деца, кои се ученици, мобилните ги доживуваат како карта за влез во некое друштво, како пристап до околината. Од една страна ги разбирам. Комуницираат така по училиште, се допишуваат на групи, играат игри… Ние како родители сме свесни дека е подобро да седнат надвор и да разговараат. Но мнозинството одлучува да биде на телефон. Не е во ред, а зошто е тоа така е друга тема. Едноставно тоа го прават сите нивни другарчиња. Еве, ние како родители сме совршено свесни за опасностите во дигиталниот свет, но зарем треба да ги двоиме? Ова е прашање што редовно си го поставуваме. Едното дете има 10 години, а другото 13. Ни останува само да следиме што и каде сурфаат, што играат, како разговараат… И многу да разговараме со нив. Искрено, исплашени сме поради брзината со која се соочуваат со работи за кои немам чувство дека се подготвени – вели Марија Јаневска од Скопје.
Психологот-консултант Марија Миркуловска вели дека дигиталниот свет стана дел од нашата општа реалност и не треба да се забранува, но додава и едно „но“. Малите деца, според неа, сепак треба да имаат ограничувања за негово користење. Употребата на паметните телефони значително влијае на раното формирање на личноста, а прекумерната употреба може да доведе до сериозни здравствени проблеми.
– За тоа кога е време вашето дете да го добие првиот паметен телефон експертите немаат универзален одговор. Кога најмоќниот извор на информации во историјата на цивилизацијата е во рацете на едно дете, опасностите се многубројни. Одговорноста на родителите, воспитувачите и наставниците е да обезбедат соодветна заштита и поддршка за децата во дигиталниот свет. Истражување на Американскиот институт за детски мозок (Child Mind Institute) ја препорачува 14-годишната возраст како најдобра возраст за првиот паметен телефон – вели Миркуловска.

Апликациите се помош, но разговорот е најбитен

Таа објаснува дека 14-годишната возраст се зема како еден вид граница кога детето навистина може когнитивно, емотивно и паметно да размислува за пораките што ги добива на телефонот. Тогаш може критички да ги обработи и да извлече логични заклучоци. Меѓутоа, таа напоменува дека употребата на обичен мобилен телефон е пожелна за непречена комуникација на родителите со децата кога тие се на работа, односно во училиште.
Таа посочува на друг проблем. Телефонот денес не е само средство за комуникација туку се користи и како основно средство преку кое родителите многу полесно влијаат на децата во смисла на смирување, занимација, хранење или мирно поминување на слободното време или, пак, одредени активности без детето да им пречи.
– Денес родителите мислат дека тие се супер, кул и модерни родители ако на најрана возраст на своето дете му го купат најдобриот модел на паметен телефон, а всушност прават повеќе штета изложувајќи го на безброј опасни и вознемирувачки содржини што се пласираат на социјалните медиуми. Обичниот мобилен телефон, без пристап до интернет-содржини, е она вистинското што треба родителите да им го дадат на своите даца за остварување непречена комуникација и контрола на соодветна возраст – вели Миркуловска.
Инаку, постојат големиот број апликации за родителска контрола што можат да бидат корисни и да им олеснат на родителите да следат како нивните деца го користат телефонот. Но експертите забележуваат во никој случај да не се потцени разговорот, кој е најдобриот механизам за контрола и комуникација.
– Децата се ранливи и треба да бидат заштитени, како што ние ги штитиме во реалниот живот. Затоа секогаш советуваме прво да разговарате со децата. Секогаш треба да имате отворена врска со децата и да ги подучувате како да се однесуваат на интернет. Отворено да им се каже што е добро, а што лошо, односно што е дозволено, а што забрането за користење – додава Миркуловска.

Меч со две сечила

Таа потсети и на блиското минато, кога школувањето беше онлајн и едноставно не можеше да се стави забрана за користење телефон, таблет или лаптоп, бидејќи тие беа основен услов за школување.
– Сакале ние или не, моравме на децата од шест, седум, осум години да им дозволиме да користат компјутер како дел од школското учење во периодот на ковид-19, кога за време на карантинот тоа беше единствен начин на школување. Меѓутоа, надвор од таков принуден систем, мора да постојат граници и правила за користење на паметните телефони, односно достапноста до интернет-содржините од страна на децата – додава Миркуловска
Употребата на паметни телефони и интернет на децата е меч со две сечила.
– Експертите предупредуваат дека не постојат точно утврдени мерки за безбедно користење на интернетот и оти тоа е долг процес на едукација во кој треба да се вклучи целото општество – додава психологот.
Она што, исто така е сериозен аларм, а е последица од прекумерното користење на паметните телефони, е зависноста од нив и зголемување на бројот на млади луѓе зависници.
-Доколку вашето дете е зависно од својот паметен телефон, неопходно е да го прекинете тоа што е можно поскоро. Доколку забележите дека не ви оди од рака, побарајте психолошка помош, колку побргу толку подобро – велат експертите.