Пјерлуиџи Колина / Фото: ЕПА

ФИФА испробува систем наречен фудбалска видеоподдршка, кој целосно го отстранува човечкото влијание во ВАР и ја дава моќта да се побараат прегледи на судиските одлуки во рацете на фудбалерите и на тренерите. Според актуелните тестирања, тимовите го почнуваат секој меч со две „барања за преглед“, кои ќе се намалат ако се потврди одлуката на теренот, но не и ако се поништи

Фудбалот воведува систем што ќе им овозможи на фудбалерите и на тренерите да побараат прегледување на судиските одлуки, пишува британски „Телеграф“. Светската фудбалска федерација (ФИФА) претстави поедноставена верзија на технологијата. Наречена фудбалска видеоподдршка (ФВП), таа целосно го отстранува човечкото влијание во системот видеопомошник-судија (ВАР) и ја дава моќта да се побараат прегледи на судиските одлуки во рацете на фудбалерите и на тренерите.
Ваков систем долго се користи во крикетот и во тенисот, според кој фудбалските тимови го почнуваат секој натпревар со две „барања за преглед“, кои ќе се намалат ако се потврди одлуката на теренот, но не и ако се поништи, пишува „Телеграф“.
Ваков систем на прегледи на судиски одлуки на барање на тренерите има и во некои други спортови, како, на пример во кошарката, одбојката, хокејот…
Како и со ВАР, прегледите во фудбалот се ограничени на четири ситуации што го менуваат натпреварот, и тоа голови, одлуки за пенали, црвени картони и случаи на погрешен идентитет при доделување црвен картон. Тренерите ќе бараат преглед на ситуација со вртење со прстот во воздух и со давање карта за преглед на четвртиот судија, што го покажува видот на одлуката што се оспорува, по што судијата потоа ќе биде повикан пред монитор и ќе му се прикаже снимка од ситуацијата од страна на операторот за повторување, пишува „Телеграф“. Играчите исто така можат да им препорачаат на своите тренери преглед на спорна ситуација.

Шефот на судиите на ФИФА, Пјерлуиџи Колина, во петокот изјави дека системот веќе го имал своето деби за време на Купот на ФИФА за млади месецов во Цирих, на сите 36 натпревари во машка и во женска конкуренција, и тој им рече на националните асоцијации за време на годишниот конгрес на ФИФА во Бангкок дека исходот бил „многу, многу позитивен“, пишува „Телеграф“.
– Нашата цел е да продолжиме да го пробуваме овој нов систем во нашите младински натпревари. Се надеваме дека ќе можеме на сите што сте заинтересирани да ви дадеме можност да го имплементирате овој систем во вашите натпреварувања – рече Колина, пренесе „Телеграф“.

Системот фудбалска видеоподдршка е развиен за натпреварувања што не можат да си дозволат ВАР или за натпреварувања каде што се користат помалку камери. Но, долго време има повици за систем за проверка, како што е Премиер-лигата, во услови на зголемено спротивставување на ВАР-технологијата според која моментно се прегледува секој инцидент што го менува натпреварот, пишува „Телеграф“.
Како и за системот фудбалска видеоподдршка, одобрени се тестови и за системот познат како „лесен ВАР“, кој е развиен за натпреварувања со ограничен буџет. Тој користи човечки ВАР и не дава повици за прегледување ситуации од играчите и од тренерите. Н.М.