Фото: „Нова Македонија“

Последните средби на Бујар Османи како министер за надворешни работи со претставниците на дипломатскиот кор во земјава само ја потврдуваат таквата перцепција, дополнета со впечатокот за злоупотреба на функцијата и компромитирање на државните институции и на изборниот процес пред меѓународните инстанци, во интерес за влијание на изборните резултати на својата партија

Продолжуваат злоупотребите на носителите на највисоките функции во техничката влада, наместо за државен, да работат во партиски интерес

Претставниците на ДУИ во македонскиот политички „феномен“ наречен техничка влада се чини дека докрај ги користат привилегиите на државните функции за да издејствуваат поддршка (и од меѓународниот фактор) за своите тесни партиски и лични интереси. Имено, министрите од оваа партија последните денови на техничката влада ги „трошат“ за поплаки и, доколку е можно, за влијание врз резултатите од неодамна завршените парламентарни избори.

Министерот Османи ја обвинува својата држава за изборен инженеринг

Сѐ уште актуелниот министер за надворешни работи (и претседателски кандидат на неодамнешните избори) Бујар Османи деновиве информираше преку социјалните мрежи дека имал средби со амбасадорите на Обединетото Кралство, САД, Германија, Велика Британија и на Холандија во Македонија. Тој во министерскиот кабинет имал средби со неколкумина aмбасадори од западните земји на кои им се пожалил за одлуките на ДИК и обвини за „изборен инженеринг“.
– Ја изразив мојата загриженост во врска со компромитирањето на изборниот процес со произволни одлуки на ДИК со цел да се украде изборната волја со правење политички инженеринг со одлуките за прегласување – напиша Османи во својата објава на приватен профил на социјалните мрежи.
Инаку, одлуките на ДИК за прегласување на некои изборни места ја засегаат токму коалицијата на ДУИ, на која ѝ припаѓа Османи.
Сепак, во ниту една објава за одделните средби со амбасадорите, преку официјалниот фејсбук-профил како политичар, Османи не ја спомена Државната изборна комисија ниту го спомена „изборниот инженеринг“.

Не е првпат да се настапува во својство на носител на државни функции спротивно на македонските интереси 

Само за потсетување, во текот на речиси четиригодишниот мандат како министер за надворешни работи на Македонија, на Османи му беше забележувано дека во повеќе ситуации настапуваше позагрижено за интересите на соседните земји, како Косово и Албанија, отколку во застапување и одбрана на македонските национални интереси. Во постизборните денови, во интерегнумот до формирање на политичка влада, според резултатите од последните избори, МНР, предводено од Османи, повика и на „доследно почитување на Преспанскиот договор од страна на избраните функционери во Македонија“, иако никогаш не реагираше на негово неспроведување и прекршување од другата потписничка на договорот, Грција. Исто така, во текот на целиот мандат ова министерство беше посочувано како „терен погоден за партизација“, односно „посакувано место за вдомување на партиските клиенти“. Последните средби на Османи како министер за надворешни работи со претставниците на дипломатскиот кор во земјава само ја потврдуваат таквата перцепција, дополнета со впечатокот за злоупотреба на функцијата и компромитирање на државните институции и на изборниот процес пред меѓународните инстанци, во интерес за влијание на изборните резултати на својата партија.
– Недозволиво, недостоинствено и спротивно на фактите е однесувањето, кое личи на кодошење на својата земја, од министерот за надворешни работи Бујар Османи. Како министер за надворешни работи, тој секогаш првенствено треба да се грижи за интересите и достоинството на државата што му го дала мандатот да ја преставува, а не функцијата да ја злоупотребува за интересите на партијата. Но тоа се случуваше во текот на целиот негов мандат, кога понекогаш изгледаше дека е министер на некои соседни земји, а актуелните негови поплаки за изборниот процес пред дипломатите се спротивни на правните норми. Фактите за какви било сомнежи околу изборите, прво се докажуваат пред ДИК, па пред националните судови… Без докази, поплаките пред дипломатите се неосновано компромитирање на сопствената држава, свесно наштетувајќи им на демократските процеси – вели поранешната амбасадорка Мелпомени Корнети.