Во Националната опера и балет во Скопје, Камерниот оркестар на Битола одржа спектакуларен концерт со евергрини, насловен „Ем-ти-ви осумдесетти и деведесетти, најголемите хитови“.
– Имајќи ја предвид важноста на музиката од тој период, Камерниот оркестар на Битола го подготви спектакуларниот проект, кој за првпат беше изведен во Центарот за култура во Битола на 14 септември, а билетите за концертот беа распродадени само за три часа. Прекрасните звуци од најголемите хитови од 1980-тите и 1990-тите оживеаја на сцената, пренесувајќи ја магијата на тие времиња. Тоа не беше само музички период, тоа беше ера што ја дефинира иднината. По воодушевувачкиот концерт, кој се одржа во полната сала во Центарот за култура во Битола, Камерниот оркестар на Битола одлучи овој пат скопската публика да ужива во неговите изведби – велат од оркестарот.
Со над сто учесници, вклучувајќи 10 изведувачи (домашни и странски), оркестар во полн состав, попрок-хор и балетски играчи при Националната опера и балет, присутните имаа можност да уживаат во најголемите хитови на безвременските Тина Тарнер, Витни Хјустон, Мајкл Џексон, Шер, „Аеросмит“, Рики Мартин, Алана Мајлс, Чака Кан, Мадона и многу други.
Концертот на Камерниот оркестар на Битола беше проследен со овации од публиката.