Фото: Пиксабеј

Медицински совет

Започна сезоната на настинки, грипови и вируси. Луѓето остануваат повеќе во затворени простории, што им овозможува на респираторните болести полесно да се шират. Лекарите постојано се во контакт со болни луѓе, а ретко се разболуваат. Дали некогаш сте се запрашале што прават за да останат здрави? Неколкумина од нив се согласија да го откријат тоа.

Не одат на работа болни: Бидејќи грипот и настинката се шират преку респираторни капки, кога сте болни најдобро е да останете дома за да го намалите ризикот од пренесување.
– Кога имам настинка или грип, не одам на работа. Сите имаме одговорност еден кон друг, а кога работиме болни, ги доведуваме во ризик и другите луѓе да се разболат – изјави за „Хафпост“ д-р Ричард Мартинело, професор по заразни болести и педијатрија на универзитетот „Јејл“.

Не ги прескокнуваат вакцините: Прескокнувањето или одложувањето на вакцината против сезонски грип може да ве изложи на ризик навистина да се разболите, според д-р Мари-Луиз Ландри, професорка по лабораториска медицина на универзитетот „Јејл“.

Кога се болни носат маска: Понекогаш, се разбира, мораме да излеземе кога сме болни, вели професорот Џон Шварцберг од Универзитетот во Калифорнија, кој не излегува оддома без медицинска маска.
– Секој со респираторно заболување треба да носи маска на јавни места доколку е покрај други луѓе – вели тој.

Маската во голема мера го намалува ризикот од респираторни капки што можат да се шират низ воздухот кога кашлате или кивате.

Редовно ги мијат рацете: Лошата хигиена на миење раце може да биде причина за добивање грип или настинка. Рацете треба често да се мијат. И ако сте во движење и немате пристап до сапун и вода, можете привремено да користите средство за дезинфекција на раце на база на алкохол.

Доволно се одмараат: Важно е да се одморите доволно додека сте болни. Честопати се трудиме и тогаш да го следиме нашиот ритам, без оглед на тоа како се чувствуваме, а тоа може да има негативно влијание врз нашето здравје. Добрата вест е дека спиењето може да ви помогне и побрзо да закрепнете од настинка или грип, бидејќи симптомите може да траат и до две недели.