Во рамките на посетата на Белград, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска имаше работна средба со потпретседателката на Владата на Република Србија и министерка за култура, Маја Гојковиќ. Главни теми на разговор беа активностите поврзани со темелните вредности дефинирани во иницијативата Отворен Балкан. Беа истакнaти досегашните позитивни заеднички активности на театрите и на националните оперски и балетски куќи на двете земји, а се зборуваше и за големиот настан планиран за ова лето, за афирмација на културата во рамките на Отворен Балкан, во Европа.
– Трите земји од Отворен Балкан сме соединети во голема изложба, која ќе биде отворена летово во Париз, во српскиот културен центар. Оваа изложба е голем предизвик за сите што ќе ја претстави балканската уметност како целина, што ќе предизвика многу посилен ефект во европската заедница, ќе ги афирмира нашата сплотеност, заедништво, нашата заедничка визија и вредности што ги споделуваме како балкански, но и европски земји – рече министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.
На средбата министерките за култура разговараа и за конкретните активности што следуваат пред официјалното отворање на културно-информативниот центар на Македонија во Белград, како и за конкретните активности по успехот на гостувањата на белградската „Жизел“ во Скопје и на „Севилскиот берберин“ од НОБ во Белград, но и најавеното гостување на балетот „Госпоѓиците од Авињон“.