Екипа од прилепскиот Завод и музеј ги реализира годинашните археолошки ископувања на локалитетот Долиште кај селото Прилепец, кое е регистрирано како античка населба што постоела од раната антика (6-5 пр. н.е.), па сѐ до доцната антика, односно до залезот на Римската Империја. Се претпоставува дека тоа бил градот Пелагонија.
– Истраживме градба со повеќе простории, од кои една е бања. Со оглед на мошне големата зафатнина од 11 х 9 м, можно е ова да е јавна бања на градот што бил распослан на поширокиот простор. Иако сите досегашни истражувања дадоа богатство на наоди, сѐ уште не е откриен натпис што би упатил на тоа за кој град станува збор. Една од претпоставките е дека тоа е градот Пелагонија. Во Прилепскиот Регион досега е истражувана само една градба со бања на локалитетот Пештерица. Тоа била таканаречена вила рустика на некој богат Римјанин, која, за жал, е потопена со изградбата на прилепското акумулациско езеро – вели археологот Душко Темелкоски од прилепскиот Завод и музеј.
На овој локалитет, како што потенцира Темелкоски, претходно во педесеттите години од минатиот век е пронајдена богатата остава со 208 сребрени монети на македонски и пајонски кралеви. Во 2016 г. се истражувал дел од просторот за погребување, додека следната 2017 г. се отворила градба со просторија од стопански карактер.
Годинашните археолошки истражувања беа реализирани со 100.000 денари од Министерството за култура.

Ка.М.