Премиера на „Фрида“ во Драмскиот театар

„Фрида“, приказна за жената зад иконата, претпремиерно ќе биде одиграна на 18 октомври (недела), а праизведбата ќе биде на 19 октомври (понеделник) во 20 часот. „Фрида“ е приватен проект во соработка со Драмскиот театар од Скопје, по текст на Драгана Левенска, во режија на Тамара Стојаноска. За првпат на македонската театарска сцена, „Фрида“ ја отвора приказната за Фрида Кало зад портретите и легендата. Не како недопирлива икона на поп-културата, туку како жена чие тело било обележано со болка, а чиј живот, љубови, загуби и противречности станале неразделни од уметноста што ја создавала.
Претставата не е замислена како биографска хроника што ги подредува фактите од животот на Кало, туку како театарско истражување на она што останува кога ќе се тргне историската рамка. Режисерката Тамара Стојаноска го поставува прашањето што го одредило целиот процес: која е Фрида кога ќе се тргнат поп-културните митови и ликот што постојано циркулира низ јавниот простор? Нејзиното сценско читање го истражува просторот меѓу телото што ја заробува Фрида и духот што одбива да биде заробен.

– За нас, Фрида не е само историска фигура туку и метафора за човечката способност најдлабоката болка да се претвори во искрена уметност – истакнува Стојаноска.
Драгана Левенска, која е авторка на текстот и ја толкува Фрида Кало, вели дека одговорноста да се оживее историски лик ја натерала свесно да се врати кон основите на актерската работа и да го гради ликот без однапред зададена претстава за тоа каква „мора“ да биде Фрида.
– Голема е одговорноста кога на сцена треба да оживееш историски лик, особено жена како Фрида Кало. Фрида ја градев речиси школски. За да влезам чисто во процесот, свесно го ставив настрана сопственото професионално актерско искуство и сакав да почнам од почеток, како повторно да учам како се гради лик. Во тоа многу ми помогна режисерката Тамара Стојаноска.
Целиот процес беше вистинско театарско патување. Имаше предизвици и пресврти, но токму тие нè носеа сè подлабоко и ни помогнаа да стигнеме до сржта на ликот и на самата претстава – истакнува Левенска.
Како Диего Ривера настапува Сашо Тасевски, кој го гради мексиканскиот муралист низ неговата уметничка жестокост, политичка страст и свест за границите на самата уметност.

– Секој потег на четката на Диего Ривера бил офанзива, речиси крстоносен поход. Но и покрај огромната вера во моќта на уметноста, Диего бил свесен дека ни десет милиони слики не можат да нахранат еден гладен човек – вели Тасевски.
Марија Бреслиска ја толкува Жозефина Бејкер, една од највпечатливите жени на 20 век и фигура што во многу нешта го надминала времето во кое живеела. Марија Талеска ја игра Кристина Кало, сестрата на Фрида, и својот актерски пристап го гради низ обидот ликот да не ја „игра“ Кристина, туку да ја почувствува, да ја разбере и да ѝ даде свој глас и вистина.
„Фрида“ за првпат на македонската театарска сцена ја носи приказната за Фрида Кало зад портретите и легендата: жена со нескротлив дух, тело обележано со болка и огромен глад да сака, да создава и да живее. „Фрида“ не е приказна за тоа како една жена станала икона. Тоа е приказна за сè што морала да преживее за да остане своја.