Младите ликовни таленти освоија еден златен медал, пет сребрени медали, како и 17 специјални дипломи на Светската детска ликовна колонија што се одржа во градот Евора, Португалија

Нови успеси на детското ликовно студио „Кирил и Методиј“ – Битола во Евора, Португалија

Детското ликовно студио „Кирил и Методиј“ во Битола, омиленото катче на младите ликовни таленти од овој град, продолжува да ниже нови успеси. Токму затоа, ликовното студио, каде што се наоѓа и галеријата на малиот битолски Монмартр, во Старата битолска чаршија, веќе стана галерија на признанија, медали и плакети од разни земји во светот. Деновиве таа е збогатена со уште неколку нови признанија.
Младите ликовни таленти освоија еден златен медал, пет сребрени медали, како и 17 специјални дипломи на Светската детска ликовна колонија што се одржа во градот Евора, Португалија.
Теодолинда Паскоал, директорка на колонијата и изложбата на дела на млади ликовни уметници „Евора 2O22“ – Португалија, која оваа година го бележи своето 23-то издание, соопштувајќи ги резултатите од годинешниот конкурс, чија тема беа домашните миленици, во конкуренција на 10.000 пристигнати дела од 30 земји од Европа и од светот, од Велика Британија, па сѐ до Хонгконг (Кина), Малезија и Јапонија, објави дека младите ликовни таленти од Битола освоија голем број признанија.
Нивните имиња се: златен медал на колонијата „Евора 2022“ освои ученичката Ангела Цветковска (17), а со сребрени медали се закитија Ангела Бошевска (11), Ивана Петрова (10), Јана Сивакова (9), Јована Анастасовска (6) и Бојан Нечевски (6). На колонијата специјални дипломи за учество и прикажан посебен ликовен пристап кон творештвото добија ученичките: Ангела Јовановска (7), Ана Полизовска (13), Анастасија Наумчевска (13), Дарија Велјановска (9), Фросина Полизовска (8), Исидора Ристевска (8), Јована Велјановска (14), Леа Стерјев (14), Лили Илиевска (9), Марија Вангеловска (10), Марија Миленковска (5), Матеј Поповски (6), Михаела Огненова (9), Нина Христова (9), Сара Сотировска (8), Сирма Спиркоска (14) и Томислав Атанасовски (10).

Натпреварот во Португалија голем предизвик

– Со оглед на тоа што конкурсот за учество на колонијата во Евора, Португалија, е еден од позначајните во текот на една календарска година за детските ликовни уметници, ние сме презадоволни со резултатите што ги постигнаа нашите ученици – вели Елена Хаџи Антоновска, претседателка на ДЛС „Свети Кирил и Методиј“ – Битола.
Таа дополни дека Евора е предизвик за секој млад ученик што се занимава со ликовна уметност.
– Колонијата се реализира со поддршка и на УНЕСКО. Како и годините претходно така и оваа, ДЛС „Свети Кирил и Методиј“ – Битола од 9 до 16 октомври ќе учествува со свој тим на колонијата. Со резултатите од Евора ние се квалификувавме за учество на колонијата во Португалија. Планот е да патуваат двајца ученици и еден претставник од ДЛС „Свети Кирил и Методиј“ – Битола – нагласува Хаџи Антоновска.

Подготовки за изложбата на 8 септември

Во Детското ликовно студио деновиве се преокупирани со организацијата на 31-та традиционална изложба по повод 8 Септември, Денот на независноста, која ќе се одржи во галеријата во Старата битолска чаршија.
– Во септември ќе ја реализираме изложбата на дела од 40 ликовни колонии од МБМ во Благоевград, Бугарија, со нашите партнери – Државниот културен институт при Министерството за надворешни работи на Бугарија, Културно- информативниот центар на Бугарија во Македонија и, секако, Генералниот конзулат на Бугарија во Битола. Еден месец подоцна во октомври, освен детската ликовна колонија во Евора, Португалија, ќе реализираме и изложба со тридневна мини-колонија во Тирана, Албанија, со нашите партнери – Националниот центар за култура кај децата во Тирана и министерката за култура на Албанија, Елва Маргарити. За крајот на октомври веќе е договорена изложба во Генералниот конзулат на Грција во Битола – открива Хаџи Антоновска
Во подготовка е и Детска колонија за графичари и графички дизајнери.
– Колонијата ќе трае четири дена, а партнери ќе ни бидат графичкиот отсек при СОУ „Таки Даскало“ – Битола, графичкиот отсек при Техничкиот факултет во нашиот град, Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола и, сосема логично, организаторите на Меѓународното графичко триенале, кое се организира 28 години, поточно една година по отворањето на графичкиот отсек при тогашното ЦСНО „Таки Даскало“ – Битола. Сметаме дека ова е сосема логичен тек на настаните, бидејќи имаме огромен број детски графики на кои мора да им обезбедиме основа за оценка и натпревар во квалитетот – ни рече Елена Хаџи Антоновска.