Пчелите се вредни и организирани, а луѓето?

Пчелите се најважните живи суштества на Земјата, а токму вчера беше и Меѓународниот ден на медоносната пчела. Своевремено, познатиот научник Алберт Ајнштајн рекол дека доколку пчелите исчезнат, на луѓето ќе им останат само четири години живот. Пчелите се и синоним за вредност, работат тимски,
организирано, си помагаат меѓусебно, непрестајно работат под максимата „заедно сме посилни“… За разлика од нив, луѓето како најинтелигентни суштества на планетата сѐ уште не научиле да функционираат плански и организирано. Затоа и постојано ни се случуваат кризи од секаков вид, на глобален и на локален план

Пчелите се најважните живи суштества на Земјата. Алберт Ајнштајн рекол дека доколку пчелите исчезнат, на луѓето ќе им останат само четири години живот.
Пчелите се синоним за вредност, работливост, постојано на штрек да си ја завршат предвидената задача, работат тимски, организирано, си помагаат меѓусебно, непрестајно работат под максимата „заедно сме посилни“… Мислат за утре, се стремат за подобро утре, секогаш подготвени за сите прилики и неприлики, за разлика од нас… Ние како најинтелигентни суштества на планетата сѐ уште не научивме да функционираме организирано и во интерес на сите, да се грижиме за себе, за планетата, за луѓето до нас. Сѐ уште не го цениме благодатот на природата, не ги користиме одржливо ресурсите на природата, живееме од денеска за утре, без грижа на совест дали утре и во најсовременото столетие ќе се оставиме без струја, вода, храна, без дрва за огрев, без план за одржлива иднина, без сонце да нѐ огрее.
Пчелите преку нивниот едноставен систем на функционирање ни ги претставуваат комплексните современи предизвици на јасен начин. Пчелите се жив показател дека договор куќа гради. Можеме многу да научиме од овие живи суштества. Да се огледаме во нив.
Вчера беше Меѓународниот ден на медоносната пчела, а најчесто се одбележува секоја трета сабота во август од 2009 година. Всушност, тоа е ден на издигање на свеста на пчеларите, пчеларските клубови и здруженија и ентузијастите да ги слават пчелите и да го препознаваат нивниот придонес во секојдневниот живот на луѓето.
Неодамнешните студии покажуваат драматичен пад на бројот на пчелите. Како главни причинители за нивното исчезнување се набројуваат уништување на шумите, употреба на пестициди или недостиг од цвеќе или медоносни растенија.
Голем дел од популацијата не е свесна дека пчелите го хранат целиот свет! Меѓу причините зошто пчелите се најважни живи суштества е и фактот што на глобално ниво над 75 проценти од светското земјоделство зависи исклучиво од нив. Медоносните пчели се познати како најважни опрашувачи. Очигледно, опрашувањето е една од најважните причини зошто ни се потребни пчели. Без него, растенијата во нашата градина не би растеле правилно. Ова значи дека најголемиот дел од храната што ја јадеме на нашите трпези е благодарение на тие вредни опрашувачи.
Пчелите се клучна алка во нашето секојдневие, но се во опаѓање во светски размери. Тоа е затоа што тие се соочуваат со голем број различни закани. Употребата на токсични пестициди е една од овие закани. Тие се исто така изложени на ризик поради губење на живеалиштата, бидејќи има зголемување на инвазивните методи на земјоделството и урбаниот развој, што значи дека голем број од местата што пчелите ги нарекувале дом веќе не постојат.

Во чест на Светскиот ден на пчелите, добро е да се издигне свеста за ризиците со кои се соочуваат пчелите низ светот и чекорите што можеме да ги преземеме за да им помогнеме.
Пчелите се индикатори на многу промени што ѝ се случуваат на природата. Прв чекор да ги заштитиме е примена на одржливо пчеларство или еколошко одгледување на пчелите или органско пчеларство, систем што одговара на природните законитости на животот на пчелата како организам во состав на севкупниот биодиверзитет. Целта на ова производство не е максимално производство, туку заштита на земјата, водата, воздухот, здравјето на човекот и животната средина. Органското и одржливо производство бара и нуди создавање рамнотежа помеѓу сите овие фактори.
Правилната едукација е еден од најважните фактори за одгледување пчели.
Но се поставува прашањето колку пчеларите кај нас се запознаени со одржливо користење на природните ресурси, одржување баланс меѓу зачувувањето на биодиверзитетот и социоекономските придобивки истовремено?
Според упатените, кај нас доминираат сѐ уште неодржливите методи и практики. Секако, со големиот број работилници, курсеви и проекти за еколошките здруженија е поместена линијата кон подобро, но далеку од одржување баланс меѓу производството на мед, пчелата и природата.
Како најважен услов за органско пчеларење се наведува правилното третирање на пчеларниците, како и нивната местоположба. На радиус од три километри медоносната вегетација треба да биде еколошка или диворастечка. Исхраната на пчелите се базира на природно собраниот нектар и поленов прав. Бројот на пчелните семејства на еден органски пчеларник треба да соодветствува со капацитетот на пчелната паша… и со уште многу други потточки.

Ние како жители на планетата можеме да се вклучиме во заштита и зачувување на пчелите. Со садењето медоносна флора, како фацелија, еводија, багрем, питом костен, липа, бела детелинка, тиква, брест… Избегнувањето прскање на овошките во периодот на нивното цветање е битен фактор за пчелите излетнички, кои ги посетуваат овошките напролет, но и за целото пчелно семејство, кое потоа ги користи контаминираните полен и нектар.
Издигање на јавната свест за значењето на пчелите е повеќе од неопходна.
Пчелите не се опасни, опасен е светот без пчели! Пчелите се составен дел од екосистемот на планетата Земја со милиони години. Експертите и научниците истакнуваат дека секој трет залак храна што го јадеме зависи од пчелите! Шумите не би можеле да се развиваат и да напредуваат без пчели. Пчелите опрашуваат и грмушки, цвеќиња и трева, а да нема пчели, тревните екосистеми комплетно ќе исчезнат. Пчелите се најдобар показател за чиста средина за луѓето бидејќи можат да живеат само во здрава и чиста животна средина.
Итно треба да сфатиме дека со зачувување на пчелите се зачувуваме и самите.