- Намалувањето на должината на трката е воведено бидејќи односот на внатрешното согорување кон електричната енергија се менува од 53-47 годинава на 58-42 следната година, пред да стане 60-40 во 2028 година
Формула 1 објави дека максималната должина на трката за гран-при ќе биде намалено за 15 км, од 305 км на 290 км, за сезоната 2027 година, пишува „Би-би-си“. Промената на правилата во врска со времето ќе овозможи поголема флексибилност за завршување на прекинатите трки.
Гранпри-трките ќе останат ограничени најмногу на два часа трка, но кога има прекини предизвикани од дожд или инциденти, „времето на завршување“ од следната година ќе го замени сегашното максимално времетраење од три часа за завршување на настанот.
– Овие промени беа воведени за да се обезбеди гледачите да имаат најдобра можна шанса да уживаат во целосна трка доколку се појават прекини – пишува во соопштението од управното тело, Интернационалната автомобилска федерација (ФИА).
Времето на завршување ќе варира од трка до трка, во зависност од локалните услови. На пример, на ноќните трки ќе има поголема флексибилност за да се овозможи трката да се одржи подоцна отколку на дневна трка кога има релативно рано зајдисонце, пишува „Би-би-си“.
Намалувањето на должината на трката е воведено бидејќи односот на внатрешното согорување кон електричната енергија се менува од 53-47 годинава на 58-42 следната година, пред да стане 60-40 во 2028 година. Тоа значи дека автомобилите ќе трошат повеќе гориво, а тоа стана грижа кога се покажа дека некои тимови сакаат да ги пренесат своите шасии во следната година за да заштедат пари, пишува „Би-би-си“. Бидејќи резервоарот за гориво е во рамките на шасијата и затоа неговата големина не може да се промени, ова значеше дека тие тимови можеби нема да можат да ги завршат гранпри-трките со нивните постојни резервоари за гориво.
Друга промена договорена на состанокот на Комисијата на Ф1, тело за донесување правила составено од тимовите, ФИА и од носителот на комерцијалните права Ф1, беше да се воведе „поголема флексибилност за продолжување на слободните тренинзи доколку се прекинат“. Според сегашните правила, часовникот не запира на тренинзите во случај на црвено знаме предизвикано од инцидент, за разлика од квалификациите и трките кога натпреварувањето е суспендирано, пишува „Би-би-си“. Н.М.































