Фото: Игор Бансколиев

Македонија и регионот остануваат во прашалници. Имено, што е тоа што е ново на овој план предложено од страна на Европската комисија (ЕК), а што досега не му било ветено на Западен Балкан? Во планот на ЕК со четирите столба за забрзување на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, нашите соговорници евроексперти сепак не препознаваат ниту сигнал, ниту импулс, ниту пак желба за забрзана политичка интеграција во ЕУ на регионот. Понудите, ветувањата и очекувањата наведени во четирите столба се однесуваат повеќе на економски и регионални процеси, кои веќе се спроведуваат преку повеќе иницијативи, како Берлинскиот процес, Отворен Балкан… Со оглед на веќе постојните иницијативи и процеси за регионална соработка, четирите столба на новиот план за Западен Балкан од ЕУ, според познавачите, личат на рециклирани разочарувачки ветувања од Унијата

Четирите столба на Фон дер Лејен за Западен Балкан рециклирани становишта на ЕУ за интеграција на регионот во Унијата

Презентацијата на планот за раст на Западен Балкан со четирите столба од страна на Урсула фон дер Лејен, на безбедносниот форум во Братислава, на оние што претходно ја слушнаа пораката на поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ (кој апелираше до претседателката на Европската комисија поангажирано да се посвети за побрзо интегрирање на регионот во ЕУ), може да им остави впечаток на координиран настап на двајцата политичари. Можеше да изгледа дека Месиќ (кој, патем, кажа дека „Македонија одамна требаше да биде членка на ЕУ) ѝ упатува предизвик на Фон дер Лејен, а таа веднаш одговара со план од четири столба за забрзување на процесите на евроинтеграции на земјите од Западен Балкан. Но, по таквата изјава на Фон дер Лејен, Македонија и регионот остануваат во прашалници. Имено, што е тоа што е ново на овој план предложено од страна на Европската комисија (ЕК), а што досега не му било ветено на Западен Балкан?

Веќе видено сценарио: И ветувања и прекршени ветувања

Фон дер Лејен изјави дека новиот план за раст на Западен Балкан е вистинската работа за регионот и во вистинско време, како и дека оваа иницијатива ќе им овозможи на граѓаните на Западен Балкан одредени придобивки што ги имаат членките на ЕУ денес. Таа нагласи дека заедничка цел е да се забрза патот на земјите од регионот кон Европската Унија и оти ЕУ го сака Западен Балкан во Унијата.
– Сакаме да се надоврземе на грешките направени во претходниот период, но сакаме и да обезбедиме одредени придобивки што ги имаат членките на ЕУ за граѓаните од Западен Балкан денес. Планот за раст што го предлагаме се заснова на четири столба. Првиот е да го доближи Западен Балкан до единствен европски економски пазар, второ да ја продлабочи регионалната економска интеграција, да ги забрза фундаменталните реформи и да ги зголеми претпристапните фондови. Во извесна смисла ова е нов пристап кон Европската Унија. Ние не сакаме само да ги замолиме нашите партнери да преземат нови чекори кон нас, туку сакаме да направиме голем чекор кон нив. Наша заедничка цел е да го забрзаме нивниот пат кон Европската Унија – изјави претседателката на Европската комисија.
Во тој контекст, Фон дер Лејен истакна дека сите земји што ѝ се приклучија на ЕУ во последните две децении добија пристап до единствениот економски пазар, што беше главниот двигател на нивниот економски успех.
– Сакаме однапред да му понудиме на Западен Балкан некои од предностите на членството. Секако, тоа значи и дека однапред мора да се исполнат одредени услови за членство. Некои од реформите што се дел од пристапниот процес се клучни за довербата на инвеститорите. Изградбата на независно и ефикасно судство, кое обезбедува транспарентни јавни набавки, борба против корупцијата или енергетскиот пазар – рече Урусал фон дер Лејен.
Меѓу другото, таа нагласи и дека регионот на Западен Балкан има огромен потенцијал да се диверзифицира подалеку од руските фосилни горива, но дека мора да ја зголеми енергетската ефикасност, да се поврзе со други извори на снабдување, а дополнително се потребни огромни инвестиции во обновливи извори на енергија.

Наша наивност или нечија подлост?

Долгогодишните проследувачи и познавачи на европските процеси, во четирите столба на поддршка на регионот за забрзување на евроинтегративните процеси сепак не препознаваат сигнал, ниту импулс, ниту говор на мотивација, ниту пак желба на Унијата за забрзана политичка интеграција во ЕУ на земјите од Западен Балкан. Понудите, ветувањата и политичките еквилибристики наведени во четирите столба се однесуваат повеќе на економски и регионални процеси, кои веќе се спроведуваат преку повеќе иницијативи, како Берлинскиот процес, Отворен Балкан… Со оглед на веќе постојните иницијативи и процеси за регионална соработка, четирите столба на новиот план за Западен Балкан од ЕУ, според познавачите, личат на рециклирани и разочарувачки ветувања од Унијата.
– Пораката на Фон дер Лејен од Братислава во дипломатскиот речник се чита токму вака – проширување на Европската Унија уште долго нема да има. Самиот факт дека четирите столба се однесуваат на: поголем пристап до единствениот пазар, поголема регионална економска соработка, концентрирање на реформите и отворање на фондовите за земјите кандидати, јасно кажува дека проширувањето е надвор од нивите планови. Отворено ни кажуваат дека за регионот ќе има и морков и стап, со тоа што морковот нема многу да се чувствува, а стапот долгорочно ќе боли. Но, ова е и опомена за Македонија дека мора да направи целосен пресврт во својата политика спрема Брисел. Тоа значи итно отфрлање на Договорот за (не)пријателство со Бугарија, или негово сериозно предоговарање, а особено откажување на двата срамни протоколи. Надлежните во Македонија мора да сфатат дека со тие три важечки документи, земјата никогаш нема да влезе во ЕУ – вели поранешниот македонски амбасадор, Ристо Никовски.
Од друга страна, Симонида Кацарска, директорката на Институтот за европска политика-Скопје, со малку повеќе надеж и внатрешен личен оптимизам, втемелен првенствено на субјективна верба отколку во објективните околности, добриот знак во планот со четири столба за Западен Балкан го препознава во тоа што во ЕУ барем размислуваат за регионот.
– Допрва ќе видиме што значи тоа во практика. Од целиот план, веројатно најзначајно е зголемувањето на средствата од фондовите на ЕУ за регионот. Но и за тоа засега немаме доволно информации – вели Симонида Кацарска.


Старите интегративни проекти Берлински процес или Отворен Балкан се или не се дел од новиот План на четири столба?

Стапуваат во сила три договори на Берлинскиот процес

Во Македонија, Албанија и Косово на 1 јуни стапија во сила трите договори потпишани на 3 ноември 2022 година, во рамките на Берлинскиот процес: Договорот за слободно движење во Западен Балкан со лични карти, Договорот за признавање на високообразовните квалификации и Договорот за признавање на стручните квалификации на доктори, стоматолози и архитекти. Многу брзо се очекува пување во сила на договорите и во другите три држави потписнички, во согласност со завршените правни процедури кај нив – Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, соопштија од МНР.
Со нив се воспоставува слободно движење на луѓето само со лични карти во рамките на Западен Балкан; се овозможува мобилност на студентите, професорите и академските работници, додека процедурите за признавање се скратуваат од неколку месеци на две недели и без трошоци; докторите на медицина, стоматолозите и архитектите ќе можат своите услуги да ги нудат слободно низ регионот.
Берлинскиот процес е меѓувладина иницијатива за соработка, која има цел да ги ревитализира мултилатералните врски меѓу Западен Балкан и одредени земји на ЕУ, како и да ја подобри регионалната соработка меѓу земјите од регионот во областите на инфраструктурниот и економски развој. Оваа иницијатива започна со првата конференција за Западен Балкан во Берлин, во 2014 година.