Европските воени подготовки во сенка на мировните преговори
- Додека Лондон и Париз подготвуваат мултинационални сили за евентуално распоредување во Украина по прекинот на огнот и отпочнување на мирот, нивните влади, како и дел од другите европски влади, повторно влегуваат во кампањи во кои ги советуваат граѓаните да обезбедат резерви за кризни ситуации. Ваквата реалност во јавноста е исклучително збунувачка, а за политичките аналитичари, крајно контрадикторна. Следствено на ова, се наметнува прашањето дали „военото планирање“ постепено ја презема „улогата на дипломатијата“?
Велика Британија и Франција од 9 ноември ги почнуваат подготовките за големата воена вежба „Коалиција“, која ќе се одржи во Полска и во која ќе учествуваат 2.800 војници од 11 држави. Според британското Министерство за одбрана, стотици британски војници и борбени авиони на Кралските воздухопловни сили ќе бидат дел од мултинационалните маневри, чија цел е подготовка за евентуално обезбедување безбедносни гаранции за Украина по завршувањето на војната. Вежбата ќе симулира преместување трупи и снабдување со ресурси, како што се храна и гориво, а беше договорена на самитот на Коалицијата на подготвените во јули. Земјите што учествуваат се Белгија, Естонија, Франција, Германија, Литванија, Холандија, Полска, Шпанија, Шведска, Турција и Обединетото Кралство.
Но зад подготовките за потенцијалниот мир се отвораат и прашања за можноста за нова воена конфронтација со Русија.
Имено, според информации објавени од „Гардијан“, британските и другите европски трупи би можеле да возвратат на руските сили доколку бидат нападнати за време на евентуалното распоредување во Украина. Така, силите што би требало да бидат гаранција за мирот би можеле да се најдат во ситуација на директно воено соочување со една од страните во досегашниот конфликт. Токму тука почнува европската безбедносна дилема дали се подготвува механизам за зачувување на мирот или се создава нова точка на судир. И сето тоа се случува во предвечерието на можното интензивирање на руско-украинските преговори за ставање крај на речиси петгодишниот конфликт.
Мировни гаранции со воена логика
Аргументите со кои настапуваат голем дел од европските држави, особено оние што се дел од Коалицијата на подготвените, е дека безбедносните гаранции за Украина не можат да останат само на хартија и дека евентуалното примирје мора да биде поткрепено со механизми што ќе спречат повторување на војната. Од таа перспектива, воените вежби и подготовката на мултинационалните сили се претставуваат како средство за одвраќање, односно како порака дека евентуалното нарушување на мирот ќе има последици. Барем така се презентираат пред пошироката европска јавност.
Но од друга страна, проблемот е што Москва категорично се спротивставува на распоредување странски воени контингенти на украинска територија, без оглед дали тие би настапувале под знамето на НАТО или под некаква поширока коалиција на подготвени држави. Оттука, се поставува прашањето дали таквото воено присуство навистина би ја намалило опасноста од нова војна или само би ја променила институционалната адреса на евентуалниот судир. Имено, ако европските војници бидат нападнати, а потоа им возвратат на руските сили, тогаш мировната мисија може многу брзо да се претвори во директна воена конфронтација и проширување на конфликтот на пошироко европско тло.
Дополнителна неизвесност создава и фактот што сè уште не се јасни сите политички и оперативни услови под кои би функционирале таквите сили, ниту каков би бил одговорот на европските влади доколку нивните војници станат цел на руски напад. Во едни такви услови се наметнува и прашањето дали одговорот би останал ограничен на заштита на контингентот или би предизвикал поширока ескалација. Нејасно е и како воопшто може да се гарантира траен мир со механизам што официјална Москва категорично го одби.
Подготовки и на фронтот и во домовите
Сликата станува уште поинтересна ако воените подготовки се поврзат со препораките што повеќе европски влади им ги упатуваат на сопствените граѓани за обезбедување основни резерви за неколку дена, во некои земји и до седум дена. Храна, вода, лекови и други неопходни производи се дел од препораките за подготвеност при кризни ситуации. Тоа само по себе не значи дека европските влади очекуваат непосредна војна, бидејќи цивилната подготвеност опфаќа и природни непогоди, прекини на снабдувањето и сајбер-напади, но сепак, во контекст на војната во Украина и сè поинтензивното воено планирање, ваквите пораки добиваат и пошироко безбедносно значење.
– Европа, значи, истовремено се подготвува за евентуалниот крај на војната и за можните последици од нејзиното продолжување или повторно разгорување. Војските вежбаат, се планираат безбедносни механизми, а граѓаните се повикуваат да бидат подготвени за кризи. Се разбира, воената подготвеност не мора да биде спротивна на мирот, но кога таа станува доминантен одговор на безбедносните предизвици, тогаш секој од нас отворено може да се запраша дали дипломатијата сè уште ја има водечката улога во европската стратегија – коментираат поранешни безбедносни експерти со кои го отворивме ова прашање.
Според нив, најголемата дилема не е дали Европа треба да биде подготвена за војна за да го зачува мирот, туку дали во обидот да го гарантира мирот нема да создаде услови за нова воена ескалација.
– Ако секоја страна ги подготвува своите воени механизми за одбрана, а притоа не постои договор за границите на нивното дејствување, и најдобро замислената безбедносна гаранција може да се претвори во нова безбедносна закана. Прашањето е дали европската безбедност ќе се зацврсти преку нови воени механизми или преку враќање на дипломатијата како главен инструмент за надминување на конфликтот. Општото мислење е дека дипломатијата секогаш треба да го има главниот збор – заклучуваат експертите.
Абу Даби и… војна или мир во Украина
Русија и Украина повторно се враќаат на преговарачката маса, овој пат со директно американско посредување. Средбата е закажана за 10 и 11 ноември во Абу Даби, Обединети Арапски Емирати (ОАЕ), а нејзината потврда отвора ново поглавје во дипломатските напори за завршување на војната, која влегува во својата петта година.
Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф соопшти дека „разговорите ќе се водат во работен формат“ и ќе бидат насочени кон „повоените безбедносни аранжмани, намалувањето на тензиите, хуманитарните прашања и следните чекори кон мировно решение“. Американската делегација се очекува да ја предводат Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на претседателот Доналд Трамп, додека Москва ја потврди својата подготвеност за учество. Според Кремљ, рускиот преговарачки тим ќе го предводи Владимир Медински.
За Вашингтон ова е уште еден обид да се постигне дипломатски напор и да се реализира една од најголемите надворешнополитички амбиции на Трамп – ставање крај на војната во Украина.
Вашингтон го засилува притисокот, Европа бара гаранции
Пред средбата во Емиратите, американските претставници ќе одржат разговори во Брисел со претставници на Франција, Германија, Велика Британија, Европската Унија и на НАТО. Во центарот на овие консултации ќе бидат т.н. безбедносни гаранции за Украина, идниот безбедносен поредок на европскиот континент и економската поддршка за обновата на украинската држава.
Овој дипломатски распоред покажува дека евентуалниот договор нема да биде само билатерално прашање меѓу Москва и Киев. Неговите последици ќе ја определуваат и идната архитектура на европската безбедност.
Сепак, најголемиот проблем останува фактот што двете завојувани страни сè уште се далеку од усогласување на условите за завршување на конфликтот. Територијалните барања, безбедносниот статус на Украина и гаранциите дека војната нема повторно да избувне се прашања на кои засега нема заеднички одговор. Во меѓувреме, Трамп го засилува притисокот врз украинското раководство за постигнување договор.
Емиратите се место каде што дипломатијата веќе донесе резултати
Изборот на Абу Даби не е случаен. Обединетите Арапски Емирати веќе изградија посредничка позиција во односите меѓу Москва и Киев, особено во хуманитарните преговори и размената на заробеници. На 26 јуни, Министерството за надворешни работи на ОАЕ соопшти дека со нивно посредување биле разменети уште 320 заробеници – по 160 од секоја страна. Тоа била 25-та успешна посредничка мисија, со што вкупниот број разменети лица достигнал 7.791. Токму овие резултати му даваат дополнителна тежина на изборот на Емиратите како место за продолжување на преговорите. Додека големите политички и воени прашања остануваат нерешени, хуманитарната дипломатија покажува дека дури и во услови на длабока конфронтација може да се постигнат конкретни договори.
Но вистинскиот тест допрва доаѓа. Средбата на 10 и 11 ноември ќе покаже дали Вашингтон може да ги приближи спротивставените позиции или повторно ќе се соочи со неподготвеноста на двете страни да направат суштински отстапки. Абу Даби можеби нема веднаш да донесе мир, но фактот што Москва и Киев повторно ќе разговараат со американско посредување е дипломатски сигнал што не треба да се потцени. Преговорите ќе започнат со надеж во јавноста дека конечно ќе се појави основа за договор што ќе може да ја запре војната. Р.С.
































