Фото: Лого Алта банка

Граѓаните кои имаат платежни сметки во Алта банка АД Битола, но немаат платежни картички, од денеска ќе можат да ги подигнуваат своите средства на шалтерите во главната филијала на банката во Битола, информира Народната банка.

За таа намена ќе бидат отворени повеќе шалтери на адресата улица „Добривое Радосављевиќ“ бр. 21, наменети исклучиво за исплата на готовина. Услугата особено ќе биде достапна за пензионерите и примателите на социјална помош кои средствата ги добиваат преку сметки во банката.

Максималниот износ што граѓаните ќе можат да го подигнат е 20.000 денари, во рамки на дозволениот лимит за повлекување средства во период од две недели.

Од 6 ноември, вклучително и во сабота, 7 ноември, филијалата ќе работи во две смени за да се опслужат што поголем број клиенти.

Исплатата ќе се реализира во текот на повеќе денови, според однапред утврден распоред. Граѓаните ќе добијат СМС-порака со информација за датумот и часот кога треба да се јават во филијалата.

Народната банка апелира клиентите да се придржуваат до добиените термини и да не доаѓаат пред определеното време или во денови кога не се повикани, со цел да се избегнат метеж и подолго чекање. За граѓаните кои нема да можат да го искористат закажаниот термин ќе бидат обезбедени дополнителни термини.

На шалтерите ќе се врши исклучиво исплата на готовина, без можност за други видови трансакции.

Во тек се и подготовките за отворање шалтери за пензионерите и примателите на социјална помош во други градови во земјата, за што Народната банка дополнително ќе информира.