- По драмите по европските улици и сокаци, се случија и драматичните избори во Србија, но и во големиот Бразил и во важниот геополитички центар – Израел. Многу поуки, но и пораки одекнуваат по оваа канонада со „изборни куршуми“
- Европската изборна драма веќе е во тек, следуваат избори во Шпанија, а в година кулминацијата е во Франција. Дали по овие изборни циклуси ќе се избистри сликата за крајот на европскиот сон навезен со конците на црвено-зелената алијанса и ќе се најави ерата на европскиот суверенизам?
По бранот протести во Франција, Белгија, Шпанија, Грција, Италија…, светот можеше да следи драматични избори, пред сѐ во Србија, Бразил и во Израел. Драма на улиците, драма со гласачките кутии. Од гласачка апатија, некој успеа да ја мотивира масата избирачи и да полни кутии во рекорден број. Кој и како ги мотивирал можеби никогаш нема да дознаеме, но можеме да го следиме исходот „од гласачките куршуми во кутиите“. Мотивацијата може да биде едноставна и природна – промени. Во Бразил, и покрај големите игри и внатре и надвор, победи човекот со седум животи, Луиз Инасио Лула да Силва, иако му предвидуваа изборен крах, па и почеток на распадот на БРИКС. Беше најпопуларен политичар и кога беше зад решетки. Значи некој смета дека Силва е клучен елемент во БРИКС?! Неговиот противник Флавио Болсонаро пребега на Флорида и во иднина ќе може да пишува филмски сценарија за тоа како ја здувнал во Америка и како води бразилска влада во егзил.
Србија е типичен пример за голема мобилизација на гласачите за да се урне еден режим. Нам ни е познато, и тоа добро, како се уриваат режими. Еден американски амбасадор во Скопје кажа дека сето тоа оди по малку и на балкански начин, значи во туркањето рака на Заев му помогнавме да го победи Груевски. Но Груевски иако освои повеќе седишта во Собранието, на Заев му го дадоа мандатот да формира влада, со што на крајот не беше изразена волјата на мнозинството гласачи, туку волјата на некои лудаци да се смени името на Македонија. А изборите се организираат за да бидат токму тоа – да се изрази волјата на мнозинството. Вакви избори се пародија на демократијата.
Србија и студентите се мобилизираа за да го победат Вучиќ, не се сомневам дека имало и таму балкански начини и марифети, но постизборната слика е појасна од нашава, барем што се однесува до освоените мандати. Клучниот момент е што српското општество дојде до степен на неподносливост од негативна енергија, корумпираност на системот, нааканост на политичките елити и голема моќ на службите. И, секако, голема моќ во еден лидер, кој, пак, гради односи со свои колеги во странство. Сега тој систем паѓа, а насобраната негативна енергија создава непријателско опкружување и тоа не е добро. Веројатно од тие причини процесот на транзиција ќе биде мачен и ќе трае подолго. Но возот мора да продолжи.
Израел спроведе избори со рекорден одзив, но тие не донесоа јасна постизборна слика. Нема јасен победник и сега ќе се тестираат демократските капацитети на израелските институции и политичката мудрост на тамошните лидери. Интересен е податокот дека постизборно во акција се вклучуваат разузнавачите од Шин бет, кои ќе истражуваат кој ги мотивирал Арапите (осомничени се Турција и Катар) за да излезат во огромен број на денот на гласањето и да освојат 19 седишта во Кнесетот. Без нив нема влада. Или можеби има? Како и да е, арапската реалност ќе биде изразена во израелскиот парламент со 19 мандати. Може да седат во заштитена зона, надвор од коалициите, но ќе бидат и присутни и видливи.
Една од првите честитки, а можеби и прва до Студентската листа во Србија, беше од ЕУ, што е логично и тие очекуваат големи промени од идната влада. Но тука не завршува европската приказна, туку сме некаде на почеток на нови изборни драми. Доаѓаат, се чувствуваат во атмосферата, насобраната европска негативна енергија излегува во апели, но и во крици, кршење излози, пљачкосувања, тепачки по улиците, развиорени палестински знамиња. Веќе никој, освен нафатираната каста богаташи, не живее со европскиот социјален сон. Голем дел од Европа се мачи да ги скрпи буџетите за да има за сите, но приоритетите се изместија, особено со украинско-руската војна, но и со сѐ поголемиот товар на мигрантите. Ако дадеш пари за едни приоритети, кратиш од другите. Тоа е најдобро изразено на протестите во Франција. И токму Франција ќе биде големиот тест за Европа, иако прва ќе почне наскоро Шпанија, која освен со сериозни економски, социјални и имигрантски проблеми е погодена со катастрофалната железничка несреќа. Во предизборие секој лови гласови, па и на мртвите. Живееме во таков свет, со затапени емоции. Во 2027 година избори ќе има и во Естонија, Финска, Грција, Италија, Словачка… Ќе гледаме изборни драми, ќе следиме идеолошко прочистување меѓу традиционалните партии од центарот со суверенистите. Големото прашање е дали Европа ќе расчисти со традиционалната црвено-зелена алијанса или таа ќе успее да ја зачува својата моќ. Таа алијанса традиционално се смета дека е меѓу социјалдемократите и зелените, но според примерот на Германија гледаме дека веќе не постојат идеолошки линии на поделба, туку границите се сериозно поместени, со што се изместени и вредностите на демохристијаните. Таа алијанса можеби беше успешна во уривањето на власта на Вучиќ во Србија или на Орбан во Унгарија, но сега е сосема неизвесно како такво сценарио да се спроведе во една Франција, а секако и во Германија. Моќта на десницата ќе се тестира и во Шпанија, но не е само тоа во прашање, затоа што играта е многу поголема.
Во еден светски геополитички потрес и забрзани процеси на промени, се јавуваат Владимир Путин (Русија), Си Џинпинг (Кина) и Доналд Трамп (САД) за да го предложат Виктор Орбан за иден генерален секретар на ОН. Од каде сега токму Орбан?! Но, ете, трите светски аса имаат заеднички кандидат, сите три се постојани членки на Советот за безбедност, кој го има решавачкиот збор за тоа кој ќе ја води светската организација. А тука веќе ја гледаме намерата на трите глобални сили за тоа кој и како ќе ги поставува контурите на ОН. Замислете свет во кој САД, Кина и Русија постигнуваат договори за значајни прашања! Некој може да го разбере ова и во стилот на Достоевски, дека секое злосторство заслужува и казна (случајот со изборниот пораз на Орбан изведен хируршки прецизно) и тука нема да го расипувам коментарот, зашто може да е точна дијагнозата, но зарем не посакуваме свет во кој големите постигнуваат договори?
Сепак, клучното прашање за нас е каде е ЕУ на глобалната сцена, особено што веќе е јасно дека пропадна „генијалната“ идеја на Фон дер Лајен за цврсто партнерство со Канада. Дали пропаѓа и идејата за проширување на ЕУ? Многу работи се ставени во неизвесност, особено што имаме сериозен бунт на „бродот Баунти“ – новиот буџет што го предложи Европската комисија не е по мера на повеќе членки. Ако, пак, следиме што на пример Марин ле Пен предлага (драстично намалување пари за буџетот на ЕУ), јасно е дека масата во кафеаната кај што имало џумбус утре некој друг ќе ја мести. Европејците ја изгубија довербата во Европа. А Балканците се држат уште само на надежта дека Брисел уште е на мисла дека Европа не е цела без Балканот.
































