Претставени две нови книги за младите читатели на писателот Васил Мукаетов

„Преврти ја страницава и стасај ги сите до крајот. Можеш!“ Со оваа реченица познатиот и плоден писател за деца Васил Мукаетов ги повикува своите нови читатели да ја земат в рака неговата најнова книга „Стасај ме ако можеш“ во издание на „Панили“ од Скопје.
– Стасуваме со стиховите во оваа книга. Во секојдневието на нашите деца. Во нашето секојдневие. Па меѓу кориците: Oд час на час, сѐ нешто ново околу нас. Врв си е врв, гледај да си дома прв. Лево-десно, со децата сѐ е лесно, и мала прошетка по татковината и нејзините убави места. Сигурно ќе ги препознаеш веднаш. На крајот – нешто ќе сториме за да се одмориме. Со моливчето во рака – заедно одгатнуваме, стихуваме – пишува во предговорот Васил Мукаетов.
Но велат дека кога врне, годината е плодна, а оваа година иако не стигнала ни до половина, е навистина авторски плодна за Васил Мукаетов од чија писателска лабораторија деновиве излезе и насловот „Дотаму-доваму, натаму-наваму“ во издание на „Просветно дело“. Оваа книга решава некои детски дилеми што се создаваат тогаш кога децата имаат многу слободно време, па сенешто си размислуваат.
– Децата имаат љубопитство и талент за изненадувања. Па и прекрасното детство е едно големо изненадување. Еве ги патеките – предвид да се земе – за сѐ имаме време – порачува и повикува писателот авторот.
Инаку, Васил Мукаетов (1942) е почитуван соработник на „Колибри“ уште од неговото основање пред 67 години. Од богатото творештво на неуморниот писател ги издвојуваме: „Чукни, чукни трипати“, „Мариовски сказни – Пејови приказни“, „Од згода до згода, заграб бистра вода“, „Што е, а што не е?“ и „Ај погоди!“ Станува збор за читанки, збирки поезија, гатанки и раскази, кои се во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“. Објавува и во литературните ревии и списанија – „Стожер“, „Слово“, „Бранување“. Застапуван е во повеќе учебници по македонски јазик и литература за основното образование. Член е на Друштвото на писателите. Добитник е на наградата на ДПМ – „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца во 2017 година за „Скокни – прескокни“.

Ф.Д.